1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Кошаркарско вжештување

24 март 2011

Кога во неколку мечеви едноподруго бодовното салдо на Работнички остана исто, а врвот на табелата стана недостижен, можеше да се претпостави дека на тренерската клупа ќе се врати Марин Докузовски.

https://p.dw.com/p/RBKZ
Марин ДокузовскиФотографија: DW/Zlatko Kalinski

Тренерот- дебитант Марјан Србиновски, кој ја имаше палката во салата во Градскиот парк, мораше да му ја предаде на својот постар колега.

„Се најдов во една ситуација каде што два месеци пред крај на првенството од морални причини морав да ја прифатам екипата, иако имам обврски како селектор во репрезентацијата. Сепак, Работнички е мојата љубов и се чувствувам како должник, дека треба да му помогнам на клубот и затоа се вратив и се надевам дека до крајот на сезоната ќе успееме да извлечеме поволен резултат.“

Фени - фаворит за титулата

Релативно рано, во македонската кошаркарска лига се искристализираа позициите за доигрувањето. Актуелниот првак Фени ќе е број еден, МЗТ Скопје број два, Работнички е трет, а Торус влегува како 4-ти. За Докузовски, Фени и оваа година е главен фаворит за титулата.

Basketballspiel Mazedonien gegen Bosnien
Реализацијата на планот за подготовки за ЕП почнува наскороФотографија: Petr Stojanovski

„Фени е екипа која две до три години веќе е доста стабилизирана, игра скоро во ист состав, секоја година доаѓаат два до три нови играчи но костурот останува ист. Мислам дека тие најдолготрајно и стандардно си ја работат работата, имаат најквалитетни играчи и се апсолутен фаворит за титулата. Било што друго да се случи ќе биде големо изненадување. Доста ме радува фактот што МЗТ и Работнички се стабилизираа како клубови и во однос на минатата година се доста отидени напред. Мислам дека овие два клуба, објективно, следната година ќе имаат вистинска борба за титулата.“

Групата на ЕП - балкански котел

Марин Докузовски е истовремено и селектор на репрезентацијата на Македонија, која е дел од завршницата на европското првенство во Литванија. Групата во која ќе игра Македонија, а која е своевиден балканскиот кошаркарски котел, македонскиот селектор ја коментира вака:

„Се наоѓаме во една група која доста добро ни‘ е позната. Минатата година на ЕП бевме во група со Хрватска и Грција. Во квалификациите бевме во група со БиХ, а со Црна Гора игравме пријателски натпревари и доста добро ги познаваме.“

Der mazedonische Basketballtrainer Marin Dokuzovski
Докузовски вели дека македонската репрезентација е во група која и‘ е добро познатаФотографија: DW/Zlatko Kalinski

За македонскиот состав за Европското првенство од исклучително значење е здравствената состојба на натурализираниот Боб Меккејлеб, кој подолго време ја лечи повредата.

„Да бидам искрен многу е важна и состојбата со Боб Меккејлеб затоа што сепак, тој беше нашиот главен мотор во екипата. Се надевам дека ќе се опорави и очекуваме во секој момент да почне да тренира и да игра, но ќе видиме во каква состојба ќе биде.“

Селекторот Докузовски наскоро ќе започне да го реализира планот за подготовки за Европското првенство. Поголем број турнири, натпревари, се предвидени во проектот Литванија 2011-та.

„Стапивме во контакт со многу земји, ќе имаме доста пријателски натпревари, ќе учествуваме на турнирот во Љубљана кој што ќе биде собир на поранешните југословенски републики. Би требало да има и еден завршен турнир во Скопје, пред одењето на ЕП. Засега се‘ оди во најдобар ред и мислам дека ќе ги имаме уловите кои се неопходни за достојно да ја презентираме македонската кошарка на ЕП.“

Автор: Златко Калински

Редактор: Елизабета Милошевска Фиданоска