1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Која е тајната на успехот на германското стопанство?

Џанг Данхонг / Александра Трајковска 22 октомври 2013

Најголемото стопанство во Европа го фасцинира светот. Германското стопанство расте во криза, создава работни места и ги намалува своите долгови. Веќе одамна се говори за „Модел Германија“. Што се крие зад него?

https://p.dw.com/p/1A3CX
Фотографија: Fotolia/JiSIGN

Корените на системот потекнуваат од 19. век. „Бизмарк, т.н. 'железен канцелар' ја постави основата за социјалните закони, така што воспостави пензиско и здравствено осигурување“, вели Вернер Шрајбер, поранешен министер за социјални прашања во покраината Саксонија Анхалт. Тогаш беа поделени издатоците, односно половина ги плаќаше работникот, а половина работодавачот. Овој принцип сѐ уште ја формира сржта на денешните социјални прописи, кои по Втората светска војна беа проширени на подрачјето на семејната политика, социјалната помош и многу други аспекти. Дел од германскиот систем е и автономија на платата. „Со други зборови, синдикатите и работодавачите имаат слобода самите да ја одредуваат платата - без мешање на државата“, вели Шрајбер во разговор за ДВ. Поради таквиот однос меѓу синдикатот и работодавачот, работниците во Германија помалку штрајкуваат, што е економска предност.

Бројот на вработени постојано расте

И додека во државите околу Германија невработеноста пробива рекорди, во земјата работат 42 милиони луѓе, повеќе од кога и да е порано. За таквиот успех е заслужна и „Агенда 2010“, односно реформата на пазарот на трудот пред десет години. „Важна точка притоа беше воспоставување на сектор со ниски плати, дерегулација и зголемување на флексибилноста на пазарот на трудот. Од една страна, поради тоа има повеќе работни места, но од друга страна - многу работи се слабо платени“, тврди Ули Брикнер од универзитетот Стенфорд.

Новата влада ќе се обиде да ги отстрани негативните ефекти од оваа реформа. „Во Германија постои голем општествен консензус - ние само го посматраме општеството како механизам. Нашиот политички систем функционира по принципот на запчаници во кои различни институции се придвижуваат една со друга, врз основа на правниот поредок“, вели Брикнер.

Porträt - Prof. Uli Brückner
Проф. Ули БрикнерФотографија: DW/Z. Danhong

И додека политичките запчаници понекогаш шкрипат, вистинските инженерски способности во Германија се на највисоко ниво. Секоја година доаѓаат околу 100.000 инжинери и научници од областите на природните науки, кои веќе имаат стекнато извонредно образование на некои од 200 високошколски установи или на техничките факултети на универзитетите. За повисоката продуктивност, меѓутоа, не придонесува само добро образованата и висококвалификувана работна сила. За тоа е одговорен и многу фалениот дуален образовен систем, кој своите корени ги има во средновековниот систем за занаетчиско образование. Младите, имено, во текот на школувањето ја комбинираат практичната работа со предавањата. „Ако се занимавам со логистика, учам јазици, сметководство, пазарни односи, така да се каже она што е во рамките во кои се движам како стручњак за логистика и шпедиција“, објаснува Брикнер.

Побарувачката за стручњаци сѐ поголема

Германската економија секоја година има прилив од квалификувани стручњаци. Од нив профитираат пред сѐ средните претпријатија, со не повеќе од 500 вработени. Таквите фирми чинат 99 проценти од околу три милиони претпријатија во Германија. Повеќето од нив се семејни фирми. Клаус Хајнер Рел од Институтот за германското стопанство смета дека е тоа причината зошто германската индустрија е посилна од оние во другите земји. „Овде семејството поседува одредено претпријатие, додека во Велика Британија тоа веќе одамна би било на капиталниот пазар. Можеби некоја голема компанија би ги откупила акциите и порано или подоцна фабриката во Велика Британија би била затворена и производството пренесено во странство“, вели Рел.

Klaus-Heiner Röhl, Institut der deutschen Wirtschaft Köln
Клаус Хајнер Рел од Институтот за германското стопанствоФотографија: IW

Повеќето од тие семејства имаат доволно капитал во резерва и затоа не ги пласираат своите претпријатија на берза. „Се поставуваат долгорочни цели. Не се брза. Нема пребрза експанзија“, објаснува овој експерт.

Истовремено, квалитетни производи не се доволни во борбата против претпријатијата кои имаат делеку поевтина работна сила, како што е онаа во Азија. Германските фирми нудат и редица други услуги покрај производите. „Претпријатието не ја продава само машината, туку ја монтира, обучува работници кои ќе управуваат со неа, нуди 24-часовен сервис“, вели Рел.

Во што е тогаш тајната на успехот?

Постојаните иновации исто така гарантираат успех на „германскиот модел“. Имено, земјата нема доволно природни суровини, па е принудена да развива нови решенија. „Имаме комплетна мрежа на истражувачки институти кои се финансираат јавно, како на пример Макс Планк или Фрауенхоф. Тие постојат во целата земја и соработуваат со индустриски претпријатија, се обидуваат да откријат работи кои нема да донесат веднаш заработка“, вели Ули Бринкер.

И додека истражувачите можат да сонуваат за иднината, во областа на инфраструктурата се важни само фактите. Германија и тука има со што да се пофали. Има малку земји во светот со таква изградена енергетска мрежа, телекомуникациски, патен, железнички и воздушен сообраќај. Од Берлин може да се стигне до сите европски земји за помалку од 24 часа. Сѐ разбира, за тоа придонесува и географската положба на Германија, која се наоѓа во срцето на Европа и каде владее умерена клима, потсетува Брикнер: „Немаме претерани топлотни бранови, ниту урагани, сѐ е релативно умерено, поради што овде веќе со векови владеат поповолни услови за раст и производство отколку што е случај на рабовите на Европа. И од тоа ползата за Германија не е мала“.