1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Која е тајната на успехот?

11 март 2010

Лит.Колоњ слави десетти роденден, со гордост се нарекува најголемиот фестивал на литературата во Европа. Се очекуваат илјадници посетители. Зошто луѓето сакаат литература „во живо“, наместо да се осамат со книгата?

https://p.dw.com/p/MPQZ

На програмата на Лит.Колоњ, фестивалот на литературата во Келн, во 11 денови, до 20 март, има вкупно 175 манифестации, во некои читањето литература се испреплетува со дискусии, музика и глума. Организаторите оваа година очекуваат 80 илјади посетители. Дали читањето не е нешто што човек го прави сам и во тишина и зошто толку многу луѓе сакаат литературата да ја доживеат „во живо“?

Од интровертна активност до народен фестивал

За читање, во основа се потребни две работи: книга, по можност добра, и читател. Други не се потребни, дури пречат при концентрирањето. Или сепак не?

„Читање навечер на удобен кауч, во лето во лежалка во сенка, тоа е ненадминато. Но, понекогаш човек сака да го види авторот во живо, каков човек е, како чита, да му го чуе гласот...“, вели Рајнер Основски, еден од основачите на Лит.Колоњ пред десет години. Она што за многумина е многу интровертна работа, читањето, тој и неговите колеги го претворија, би се рекло, во народен фестивал. Името литературен фестивал е дадено намерно: еднаш годишно славење на литературата. Прилика за размена на мисли со авторите не само од стручна публика, туку за сите. А понудата е навистина богата: не само книги, туку и вечери со џез музика, дури и оперско пеење и 24 часовен литературен маратон:

Literaturfestival lit.cologne 2009 Philharmonie Foto: Martin Langhorst
Литературни читања со музикаФотографија: Martin Langhorst

„Гламурот е составен дел на еден фестивал. А него го постигнувате меѓу другото и со познати личности“, објаснува Основски.

Оваа година во Келн има вистински ѕвезди од литературното небо: Херта Милер, добитничката на Нобеловата награда за литература, Ник Хорнби, Хавиер Мариас, како и мношто други повеќе или помалку познати автори, пејачи и актери.

Дали целта на фестивалот е анимирање на читањето?

„Не станува збор за образовен ангажман, напротив, за задоволство. Иако мислам дека секој човек на светот може да биде поттикнат да чита, треба само да се најде вистинската книга за него“, вели Вернер Келер, кој покрај Основски е одговорен за програмата на фестивалот. А при целата реклама за читање, определбата на Лит.Колоњ не е продавање книги, за тоа се задолжени големите саеми во Франкфурт и во Лајпциг. Според бројноста на посетителите и значењето во јавноста, тие се многу поголеми од келнскиот фестивал и поважни. Основачите на Лит.Колоњ не сакаат споредба со нив. Во Франкфурт и во Лајпциг се‘ се врти околу новите изданија, во Келн се посега и по постари книги, за кои организаторите мислат дека повторно се општествено релевантни.

Lesung in Köln Herta Müller WDR Januar 2010
Читање со Херта МилерФотографија: WDR/Dirk Borm

„Литературата отсекогаш е составен дел на општествено-политичките дискусии. Затоа, литературниот фестивал секоја година го сфаќаме и како политички стејтмент“, вели Рајнер Основски.

Оваа година тој е поврзан со Кина и тамошните човекови права. На кинескиот автор Лиао Јиву Пекинг не му дозволи да допатува во Келн, па наместо читање, ќе се води дискусија за човековите права.

Но, и покрај сериозните теми, Лит.Колоњ е пред се‘ фестивал, вели Вернер Келер:

„Мора да постои задоволство. Кога човек вечерта ќе се врати дома по манифестацијата, мора да си рече-поминав убава вечер“.

Автор: Сара Јудит Хофман / Жана Ацеска

Редактор: Елизабета Милошевска Фиданоска