1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Кој го загрозува мајчиниот јазик на Македонците?

Зоран Јордановски
26 ноември 2016

Дебатата за евентуално воведување двојазичност во Македонија има чисто политичка конотација, оти Македонците инаку ќе поведеа поголема грижа за својот мајчин јазик, Колумна на Зоран Јордановски.

https://p.dw.com/p/2TIge
Neue mazedonische Rechtschreibung vorgestellt
Фотографија: MIA

Македонија деновиве живее под белег на официјалната предизборна кампања, иако таа фактички одамна се одвива. Не е претерано ако се каже земјата со години е во перманентна кампања со оглед на саморекламирањето на власта со постојани ветувања и набројување на реални или наводни постигнувања. Клучните теми во кампањата од понеделникот наваму се повторуваат на секој нареден митинг и веќе се повеќекратно анализирани во домашните медиуми и затоа не се задржувам на нив. Но, ме инспирира една работа која има централно место во нападите на власта против на опозицијата: нејзините наводни или вистински планови за воведување двојазичност на целата територија на државата. Немам намера подлабоко да завлегувам во тоа колку двојазичноста веќе функционира во секојдневието – и за тоа деновиве беа наведени и фотографирани повеќе примери. Не сакам во оваа пригода ни да полемизирам со тезите за (без-)опасноста од двојазичност во Македонија. Сакам само да укажам дека многу поголема опасност за Македонците е што самите не си го познаваат или го запоставуваат сопствениот мајчин јазик. Доволно е само да се погледа телевизија, да се слушне радио, да се фрли поглед во порталите. Речиси насекаде иста слика (секоја чест на ретките исклучоци): погрешно акцентирање, употребување зборови карактеристични за уличниот, но не и за литературниот македонски јазик, извртена структура на речениците, непознавање или непочитување на граматичките правила.

Jordanovski Zoran Kommentarbild App
Зоран Јордановски

Да не останам само на воопштени формулации, ќе наведам и конкретни примери.

Една од типичните грешки е замената на предлогот по со прилогот за време после: „После 11. декември ...". Овде мора да се употреби предлогот по: „По 11. декември...". А после (иако претпочитам користење на подоцна) се применува во смисла на одложно дејствие, односно дека нешто дополнително ќе биде извршено или осознаено и местото му е во вакви реченици: „Остави го, после ќе го однесам" или „После се покажа дека можело и поинаку". Оваа грешка е толку раширена, што веќе тешко може да се сретне пример на правилна употреба дури и кај несомнено писмени и образовани луѓе.

Друг типичен пример на погрешна примена е во случајот со поради и заради: „Заради нивната неспособност...". Овде несомнено станува збор (а не „се работи за", како што исто така често – и погрешно – се користи!) за причина и затоа морало да  биде: „Поради нивната неспособност...". Наједноставно објаснение е дека поради упатува на причина, а заради на некаква цел.

Можеби не толку често колку во претходните примери, но забележливо е и неразликувањето на значењето на зборовите меѓу и помеѓу. Токму денеска во наслов од трач-рубрика читам: „Битка помеѓу задниците на ...". Овде станува збор за релација и треба да се употреби меѓу , додека помеѓу одредува позиција: „Селото е сместено помеѓу ридот и реката".

Најавата дека „Партиските митинзи продолжуваат и викендов", исто така од денешен текст (сабота, 26. ноември) , е пример за многу честа грешка. Викендов не е подмет во реченицата, не е субјект, туку е предмет и мора да му претходи прилогот на: „Партиските митинзи продолжуваат и на викендов" (одговара на прашањето кога?).

Меѓу типичните грешки спаѓа и користењето на глаголот руши наместо урива. Притоа не само што се „рушат" згради, туку и власта, па дури и авиони. Власт и авиони се соборуваат, авиони се урнале. А банки не се обиваат туку се ограбуваат.

Сличен е некако и примерот со употребата на глаголот разрешува каде што не му е место: не се разрешува проблем или загатка, туку именуван или избран функционер кога му се одзема функцијата.

Насекаде во пишан или изговорен текст наидуваме на препреки наместо на пречки, на спремни наместо на подготвени, или на стотини („неколку стотини милиони") каде што треба да се стотици. Има позадина наместо заднина, пореметување наместо нарушување, подвргнување наместо подложување, просјачки наместо питачки стап, надокнада наместо надомест, надвојбено наместо недвосмислено. А проблемите со раздвојувањето на префиксот не, како во примерот со не сомнено? Или како ви се допаѓа раздвојувањето неколку месечната

Уште неколку денешни „бисери": предчувствувам, безсрамно, спасуваќи операции, се буткам, братија. Пишана реченица не може да почне со цифра, како во избраниов пример: „2 години подоцна", туку мора бројката да се напише со збор (Две години подоцна). Приказна за себе е што одамна, според македонските медиуми, момците не им предлагаат брак на девојките, не ги бараат за жена, туку ги запросуваат.

Во јазикот, во неговата јавна употреба, не само што често се среќаваат србизми, туку и цели изрази преземени од јазикот од соседството, односно останати во сеќавање од времињата кога живеевме во иста држава. Наведувам само некои примери: најслабија карика, Бетон дама прича сама, др`жте лопова, ја нисам одавде.  Специјала варијанта на позајмување туѓи (од подалеку) изрази е следнава: „Игралишта за  street basket".

Скопје го знам како главен град, престолнина, но не и како столица на Македонија. Во Германија има град Ахен, но не и Ааахен (дури и двапати наведено во истиот текст!).

За впечатокот да биде комплетен, ќе наведам и неколку цел реченици под заеднички наслов: Што е идејата на авторот?

-Кастро, кој во тоа време се разликува од православна партија, и прави обид да заведете формално обвинение против Батиста во кршење на уставот, но Уставниот суд одбива да ја разгледа петиција.

-... нудејќи тајно симнување на американско оружје од Турција, што као предлог се прифаќа од САД.

-Патиштата на двајцата се преминаваа.

-Ова не му е единствената му мака кон социјалдемократот.

-... на овој нагон потпаѓаат околу 30000 лица.

-Погледот отука секогаш е подобра. Секој би се налутила, ако видам своја слика на интернет.

-... откритините траги на исчезнатиот вид на ловечки фосил не е ниту на неандерталце, ниту на денисовеце – двата познати досега вида.

-... не ја исклучува можноста дека други луѓе да имаат однос кон смртта на ...

Јасно ми е дека некои од овие примери се превод со помош на Гугл транслејт или од српски јазик (од некого кој очигледно не го владее тој јазик!), но нема никакво правдување да се објават некоригирани.

Неспорна е потребата од разумна и аргументирана дебата за двојазичност во Македонија, но и овие примери на силување на јазикот и неговите граматички правила повеќе од јасно покажуваат од која страна доаѓа вистинска опасност за Македонците и нивниот мајчин јазик.