1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Кој да ги добие донаторските пари за Палестинците?

Јирген Штријак / З.Ј.2 март 2009

Неодамнешната воена акција на Израел остави пустош во појасот Газа. Меѓународната заедница сега ја подава раката за помош на палестинското население, кое страда и од долготрајната блокада. Во Египет се одржува донаторска

https://p.dw.com/p/H3rI
Слика од ГазаФотографија: picture alliance / landov

Европската Унија има намера да стави на располагање речиси половина милијарда евра, САД најавија дека се подготвени обновата на Газа да ја поддржат со 900 милиони долари. Германската влада, која на донаторската конференција во Шарм ел Шеик ќе биде претставувана од министерот за надворешни работи Франк-Валтер Штајнмајер, ќе вети 100 милиони евра. Меѓу учесниците на конференцијата ќе бидат и американскиот државен секретар Хилари Клинтон, како и специјалниот пратеник на Блискоисточниот квартет Тони Блер. Сите тие ќе морат да изнајдат одговор на прашањето - во чии раце ќе отидат парите? Германски став е дека со нив во никој случај не треба да биде поддржано радикално-исламистичкото движење Хамас, кое ја држи власта во појасот Газа.

Да се формира влада на национално единство

Идеално би било, ако ривалските палестински организации успеат да формираат заедничка влада. Таа би го засилила влијанието на секуларното движење Фатах на претседателот на Палестинците Махмуд Абас. Тогаш и меѓународната заедница ќе знае кому да му ја даде финансиската помош. Се чини дека е големо искушението, Палестинците да бидат уценети - ако нема влада на националното единство, нема ни пари. Но, еврокомесарот за надворешни односи Бенита Фереро-Валднер смета дека тоа не е вистинска опција: „Тоа не би било можно, оти станува збор за итна помош и помош за обнова. Ние тука имаме морална одговорност, мораме да им помогнеме на луѓето. Тие се во страшно тешка положба“.

Zerstörung in Gaza
Штетите во Газа се огромниФотографија: Bettina Marx

Дел од парите, според Валднер, треба да бидат наменети за итна хуманитарна помош. „Веднаш треба да бидат преземени првите инфраструктурни мерки. Тоа е неопходно, оти мора да се обезбеди луѓето сосем нормално повторно да имаат гориво, вода; мора да функционира канализациониот систем. Мора луѓето да можат повторно да живеат“, вели Валднер.

Помирувањето нема алтернатива

Во Газа мора итно да биде направено и многу повеќе. Економијата е на дното, мора да биде обновена речиси целата инфраструктура. Тоа нема да се случи ако палестинските фракции останат на работ од граѓанска војна. На луѓето, посебно во појасот Газа, им е преку глава од внатрепалестинскиот конфликт. Тоа го знаат и функционерите на Хамас и Фатах. Минатата недела претставници од десетина палестински групи преговараа во Каиро во обид за помирување и во четвртокот објавија дека до крајот на март треба да биде формирана единствена влада за појасот Газа и западниот брег на Јордан. Египетскиот печат го опиша договорот како помирување поради недостиг од алтернативи.

Хамас, како што се претпоставува, не ја промени идеологијата и и натаму не му го признава на Израел правото на егзистенција. Потврда за тоа е и изјавата на водечкиот функционер на Хамас, ел Рашк, за телевизијата Ал џазира: „Се надеваме дека ќе можеме да постигнеме палестинско обединување. Секоја страна мора да направи компромиси. Ние сепак не нудиме никакви отстапки во однос на израелскиот непријател“. Но, колку помирувањето меѓу Фатах и Хамас ќе послужи за обновата на Газа, зависи и од готовноста на Израел да ја олабави блокадата на појасот Газа. Само тогаш ќе имаат некаква смисла милијардите, што денеска во Шарм ел Шеик ќе им бидат ветени на Палестинците.