1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Кој да стави точка на „црните точки“?

Катерина Блажевска29 декември 2012

Иако се калкулира со бројка од 169 „црни точки“ во Македонија, тие ниту се санираат, ниту се сметаат за „виновник“ за сообраќајните незгоди.

https://p.dw.com/p/17B0g
Фотографија: picture alliance/dpa

Во Македонија има 169 опасни места на патиштата, но досега ништо не е сторено за нивно санирање. Иако статистиката на МВР покажува дека во 100 отсто од незгодите причинител е човечкиот фактор, според светската статистика важен причинител се и т.н. „црни точки". Во извештајот на ЕУ за Македонија, се вели дека „може да се забележи извесен прогрес во патничкиот транспорт, но не и по прашањето на безбедноста на патиштата која останува загрижувачка". Проблемот е ставен во Националната стратегија за безбедност во сообраќајот 2009-2014 година, но досега не се преземени никакви мерки. Миле Димитровски, претседател на Комисијата за наука во Републичкиот совет за безбедност на сообраќајот на патиштата (РСБСП), вели дека нема прецизна бројка на „црните точки".

„Сите се повикуваат на пописот од трудот „Опасни места пред очи", од 2005 година, на Ж.Андревски и Т.Петревски, кој се базира на статистика од МВР. Таму првпат се спомнува бројка од 169 „црни точки", а во меѓувреме не е направена студија за да се знае дали се појавиле и нови", укажува тој.

Tetovo
Фотографија: DW

Финансиски издаток

Според експертите, санирањето на „црните точки" се третира како финансиски издаток кој не дава политички поени, па затоа и изостануваат инвестициите во таа сфера. Љупчо Георгиевски, директор на Агенцијата за патишта, вели дека наскоро ќе започнат активности на тој план. 

„Досега не била водена евиденција за опасните места во земјата. Но, деновиве распишавме тендер за проширување, санација и заштита од снежни наноси на делницата Велес-Штип која се смета за една од најопасните. Со тој зафат ќе бидат санирани и неколку 'црни точки'", најавува Георгиевски. 

Во Македонија надлежно за евиденција, увид и аналитика во областа на сообраќајот, е Министерството за внатрешни работи.

„Но, при разгледувањето на евиденцијата и обработката на сообраќајните незгоди во МВР, не постои појдовна точка за автоматска обработка на податоците за сообраќајните незгоди" оценува во научен труд инженер Даниел Павлевски. Тој предлага воведување интегриран систем за анализа на сообраќајните незгоди, како предуслов за создавање база на податоци.

Дека опасните места не се признаваат како причина за сообраќајни незгоди, потврдува и истражувањето на Борис Мургоски и Никола Дујовски од Факултетот за безбедност. Тие дошле до заклучок дека за сообраќајните несреќи во Македонија во 95 отсто случаи за причина се смета човечкиот, а само во 5 отсто друг фактор. Тоа не соодветствува со статистиките во ЕУ, каде патот како виновник учествува со 20-30 отсто, иако европските патишта се поквалитетни од македонските.

Чекајќи го Еуро-РАП

Идентификацијата на опасните места е стручно прашање и со неа треба да се занимава Институт за безбедност на сообраќајот, укажува Димитровски.

„Кога се случува сообраќајна незгода, со помош на системите ГПС и ГИС местото веднаш се вцртува на карта и аналитичарите лесно можат да ја следат концентрацијата и да идентификуваат опасни места. РСБСП е членка на програмата Еуро-РАП, која се занимава со евалуација на безбедноста на патиштата и ги означува со ѕвездички", објаснува Димитровски.

Autobahn in Myanmar
Фотографија: DW

Во Србија, Бугарија и Хрватска веќе е направена евалуација на многу патишта. Испитувањето го вршат евалуатори од Еуро-РАП со специјално возило со камери, во соработка со Агенцијата за патишта и од МВР. Вредноста на евалуацијата не изнесува повеќе од 30 евра по километар. Позитивен пример во регионот е Хрватска, која санирала половина од 300 опасни места, а само со санација на 10 „црни точки" на автопатот Загреб -Риека бројот на незгодите од 631 се намалил на 12 годишно.

Црни биланси

За 10 години во Македонија загинале околу 1.500 луѓе на местото на несреќата, околу 700 починале по еден месец како последица на повредите, а неколку илјади се здобиле со трајни последици. Загубата во човечки животи е немерлива, а според експертски проценки, материјалната штета изнесува 200 милиони евра годишно. Во статистиката на ЕУ се калкулира со податок дека секој загубен живот во сообраќајна незгода предизвикува трошоци од најмалку еден милион евра.

„Ако вложувањата во сообраќајот и решавањето на 'црните точки' не се третираат како трошок, туку како инвестиција во безбедноста и во иднината, ќе може да очекуваме резултати во најскоро време", сугерира Димитровски.