1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Кој добива, а кој губи со новата влада во Израел?

Дијана Ходали/ Симе Недевски19 март 2013

Нетанјаху успеа- новата влада е избрана. Победници се партиите на секуларната средна класа но и доселениците. Кон губитниците се вбројуваат ултраортодоксните и можеби и Палестинците.

https://p.dw.com/p/17zvo
Фотографија: AFP/Getty Images

40 дена му беа потребни на Бенјамин Нетанјаху (фото горе), по изборите на 22 јануари годинава, да ја состави неговата трета влада. До последна секунда се водеше битка за функциите. Новите партнери во владата Јаир Лапид и Нафтали Бенет уште по изборите се здружија и одлучија: или заедно ќе влезат во новата влада или заедно ќе одат во опозиција. Двајцата новајлии во владата на Нетанјаху потоа меѓутоа спореа околу функцијата заменик-премиер и конечно постигнаа согласност во петокот попладнето (15.03.2013). Така владата можеше да положи заклетва, пред посетата на американскиот претседател Барак Обама на Израел.

Без ултраортодоксни во владата

Коалиција од партијата Ликуд на Нетанјаху, десничарската доселеничка партија Еврејски дом на Нафтали Бенет како и Партијата на иднината на Јаир Лапид и партијата Движење на Ципи Ливни беше неопходна за да се обезбедат 68 гласови во 120 члениот парламент на Израел. Со тоа Нетанјаху ја оствари целта. Тој е старо-новиот претседател на 33. влада на државата Израел. Меѓутоа овојпат партиите на ултраортодоксните Евреи не се на негова страна туку во опозиција.

Нафтали Бенет и Јаир Лапид се спротиставија на вклучување на длабоко религиозните партии во владата: „Тоа што се случува во Израел е речиси како борба на културите. Влијанието на ултраортодоксните според желбата на коалициските партнери ќе биде потиснато. Ултраортодоксните Евреи со тоа ќе загубат некои од нивните привилегии“, вели Михаел Мертес, раководител на канцеларијата на германската фондација Конрад Аденауер во Ерусалим. Тоа пред се’ значи дека ултраортодоксните Евреи во иднина нема да бидат ослободувани од воената обврска поради нивното изучување на религијата. Новата владина коалиција во Ерусалим фрла светло врз јазот меѓу религиозното и секуларното население на Израел кои во изминатите години стана подлабок. Според мислењето на многу Израелци од средната класа, ултраортодоксните Евреи речиси и да не придонесуваат за Брутоопштествениот производ, туку се згрижени од државата како приматели на социјална помош. 

Грижа за социјалната правда

Отстапки меѓутоа требаше да направи и новинарот Јаир Лапид чија Партија на иднината излезе како една од победничките на изборите. Таа го доби министерството за образование но наместо министерството за надворешни работи кое го бараше, политичкиот новајлија мораше да се задоволи со министерството за финансии: „За една партија која внатрешните реформи ги истакнува како приоритет тоа е клучен ресор“, вели Мертес. Партијата на Лапид за време на изборите вети дека ќе се погрижи за социјална правдина во земјата. Меѓутоа многу простор за тоа нема, зашто поради дефицитот од девет милијарди евра во државната каса тој ќе мора да предложи драстично скратен буџет.

Israel Koalitionsregierung Lapid und Naftali Bennett
Јаир Лапид и Нафтали БенетФотографија: GALI TIBBON/AFP/Getty Images

Ќе продолжи ли градењето доселенички населби?

Ултранационалистичкиот политички новајлија Нафтали Бенет пак ќе биде министер за економија и трговија. Неговата партија го доби и министерството за градежништво, со кое ќе раководи поранешниот лидер на еврејските доселеници Ури Ариел. Бенет претходно повеќепати најавуваше дека најрадо би анектирал најголем дел од палестинските автономни области: „Новата израелска влада е десничарска влада“, вели Михал Розин од опозициската партија Мерец. „Сите клучни позиции во финансискиот сектор отидоа во рацете на Бенет и неговите пријатели. Тие ќе ги искористат парите за проширување на доселеничките населби и изградба на нови.“

Ципи Ливни која го презема министерството за правда ќе биде одговорна и за разговорите со Палестинците, меѓутоа нејзиното влијание не е големо со оглед на само шесте пратеници во Кнесетот кои ги има нејзината партија. Затоа Розин Ливни ја нарекува „смоквин лист“ на мировните преговори, со оглед дека надворешната и безбедносната политика на земјата покрај Нетанјаху и натаму ќе ја определуваат министрите од неговата партија Ликуд. Моше Јалон, хардлајнер од Ликуд и некогашен началник на Генералштабот на израелската армија ќе биде министер за одбрана. Министерството за надворешни работи останува резервирано за националистот Авигдор Либерман: Мислам дека не е прерано да се каже дека во вакви услови и политичка констелација нема да биде лесно да се придвижи израелско-палестинскиот мировен процес“, смета Михаел Мертес.

Покрај тоа за новата влада во преден план ќе биде внатрешната политика. Конечно на изборите победија оние партии кои имаа јасно внатрешно-политички ориентирана агенда, истакнува Мертес. Сепак главниот палестински преговарач Саеб Ерекат е оптимист: „Се надеваме дека новата израелска влада ќе објави дека го прифаќа решението за две држави во границите од 1967 година. Ние мораме да ја чуеме оваа реченица од нив“.