1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Кој е надлежен за тужбите против бранителите?

7 ноември 2009

МВР и Јавното правобранителство сметаат дека не се вистинската адреса, за да ги повлечат тужбите против бранителите од конфликтот во 2001 г. Врховниот суд донесе одлука тие да вратат дел од парите, добиени како отштета.

https://p.dw.com/p/KQW3
МВРФотографија: Petar Stojanovski

И Јавното правобранителство и МВР и натаму стојат на своите позиции, дека другиот државен орган треба да ја почне постапката за повлекување на тужбите, ако до тоа воопшто и дојде. Портпаролот на МВР смета дека правобранителството како адвокат на државата е најповиканиот државен орган да постапува по овие тужби и да понуди решение: „МВР за да се повлече од одреден процес, согласно законот за парнична постапка, треба да добие изрично овластување од државното правобранителство,“ вели Иво Котевски.

Правобранителката Оливера Китанова за Дојче веле изјави дека разговорите за изнаоѓање излезно решение од оваа ситуација треба да се најде час поскоро. „Чекорот може да потекне од нас за евентулано излезно решение, меѓутоа, крајната одлука за ние нешто да преземеме треба да потекне од МВР и владата, согласно член 16 од законот за државно правобранителство,“ вели Китанова.

Одлука на судот

Врховниот суд на Македонија на 27 септември 2007 година, значи пред повеќе од две години, мериторно одлучи дека бранителите немале право да добијат пари од државата на име претрпена нематеријална штета и затоа мораат да ги вратат земените пари. Нивните тужби Врховниот суд ги одби, а Правобранителството во име на државата поднесе тужби за повраток на овие средства.

Според неофицијални судски извори, станува збор за триесетина судски спорови за враќање на парите на бранителите и нивните семејства, со камати за изминатите години. Повеќепати, дел од овие лица изјавуваа дека немаат од каде да ги вратат бараните пари, бидејќи во најголем дел станува збор за социјални случаи.

Случајот со бранителите добива политичка димензија

Здружението „Достионство“ бара државата да не им ги бара парите на бранителите и нивните семејства затоа што според член 205 од законот за облигации државата, во случајов Владата, не може да бара враќање на овие средства ако тие се исплатени за загубен живот или нанесен инвалидитет.

„Ние не го спориме основот по кој одлучил Врховниот суд, туку сметаме дека Владата има право да го примени членот 205 од законот за облигации,“ вели претседателот на „Достоинство“ Стојанче Ангелов, кој открива дека Правобранителката веќе имала средба со министерката за внатрешни работи, но не се знае што тие договориле за нивното барање.

Проблемот на бранителите деновиве добива и политичка димензија. Премиерот Груевски во парламентот истакна дека проблемот со бранителите ќе се решава согласно постојните закони „Судските пресуди се донесени во времето кога партијата што ја застапувам беше на власт. Ние во иднина ќе сториме се што е во наша моќ да им помогнеме на бранителите, секако во рамки на законите,“ изјави Груевски и децидно демантираше дека во Владата се подготвува какво било решение на статусот на припадниците на ОНА.

Автор: Сашко Димевски

Редактор: Александра Трајковска