1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Кој и натаму се плаши од српот и чеканот?

Ненад Крајцер / Александар Методијев1 февруари 2014

Немаат само граѓаните од просторите на поранешна Југославија проблеми со симболите од минатото. Германците одамна го забранија кукастиот крст, а некои сега бараат забрана и на симболите на поранешната ГДР.

https://p.dw.com/p/1AmNT
Фотографија: picture-alliance/dpa

Историчарот Хубертус Кнабе не се повлекува. Директорот на Меморијалниот музеј Берлин-Хоеншенхаузен, во кој некогаш се наоѓал озлогласениот затвор на тајната полиција на Германската Демократска Република (ГДР), со години се бори против безгрижниот однос кон симболите од источногерманската диктатура. Тој како скандалозен го смета фактот што поединци во Берлин можат слободно да се шетаат со униформи на полицијата на една диктатура.

„На жртвите на диктатурата на СЕД (Социјалистичка единствена парија на Германија, владејачка политичка сила во Германската Демократска Република, н.з.) им е тешко да сфатат зошто негирањето на нивното страдање останува неказнето“, вели германскиот историчар Кнабе.

Го забранивме кукастиот крст – да го забраниме и грбот на ГДР?

Кнабе изрази жалење што во коалицискиот договор на неодамна формираната демохристијанско-социјалистичка влада, со Ангела Меркел на чело, не влезе ставка за забрана на државните симболи од времето на ГДР. Нејзината Христијанско-демократска унија (ЦДУ) уште на почетокот на минатата година најави дека по изборите во септември ќе покрене законска процедура за воведување на забрана. Во Берлин се случија инциденти по најавата за забрана. Неколку лица, со униформи на некогашната озлогласена тајна полиција Штази, се прошетаа низ улиците на главниот град.

А, кој некогаш се затекнал во германската метропола во близина на „туристичките атракции“ од времето на Студената војна, тој и се сретнал со иконографијата од ГДР. Така, на поранешниот пограничен премин „Чекпоинт Чарли“ секојдневно „дежураат“ ловци на туристи облечени во униформи на пограничната полиција на ГДР. Историски факт е дека лица во такви униформи убивале граѓани, кои се обидувале да побегнат преку границата.

Deutschland Stasi-Experte Hubertus Knabe
Хубертус КнабеФотографија: picture-alliance/ ZB

„Сосема е нелогично државата да казнува величање на една диктатура, а да игнорира величање на друга“, вели Кнабе алудирајќи на фактот дека истакнувањето на симболите и величењето на националсоцијалистичката диктатура во Германија е казниво со закон.

Да се угледаме на Унгарија, Чешка и Летонија

Овој историчар и некогашен активист на Партијата на зелените, изразува жалење што пропадна идејата за забрана на симболите на ГДР во коалициските преговори. Кнабе, чии родители на крајот на 50-ите години на минатиот век побегнале од ГДР на Запад, смета дека Германија би требало да се угледа не некои други земји од поранешниот Источен блок, кои кон симболите од комунистичките диктатури се однесуваат помалку нелогично од германските власти. Кнабе како пример ги наведува Унгарија, Чешка и Летонија, кои освен националистичките симболи ги забранија и симболите на комунистичките режими.

Но, барањата на германскиот историчар, кому многумина му забележуваат за „исклучително западниот“ однос кон минатото на ГДР, наидуваат на многу критики. Радиото „Дојчландфунк“ го предупредува Кнабе дека води расправа на „ниво на политичка пропаганда“.

Palast der Republik 1976 Symbolbild DDR Emblem
Симбол на ГДРФотографија: picture-alliance/ dpa

„Расправата околу симболите на СЕД секогаш е одлична прилика за (...) изедначување на националсоцијалистичката и комунистичката диктатура, што ако се земат предвид жртвите од холокаустот, не е ништо друго туку потценување на нацистичката диктатура“, се наведува во коментарот на оваа радиостаница.

Луд, но не и опасен

Теологот Фридрих Шорлемер, исто така и познавач на приликите во времето на ГДР, ја отфрла иницијативата за забрана на симболите од тој период и ги вбројува во категоријата „политичка параноја“.

„Кога некој ќе облече униформа на Националната народна војска (војската на ГДР, н.з.) тоа значи дека не е баш нормален, ама тоа не значи и дека е опасен“, вели Шорлемер.

Германскиот теолог, инаку активен борец за човекови права во времето на ГДР, истовремено смета дека би требало да се реагира доколку некој се обидува да ги намали злосторствата од тој период, како што се убиствата на оние кои се обидувале да минат преку граница, или доколку се открие дека некој од Штази денес работи во полиција или, пак, во правосудството.