1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Кој од јавните личности работел за државните безбедносни служби?

Александар Чомовски11 декември 2006

Во македонските парламент оваа недела треба да се отвори дебата за т.н. лустрација, или откривање на тајните полициски доушници кои биле или сега се јавни личности, а кои биле активни во периодот од Втората светска војна наваму.

https://p.dw.com/p/AdaV
Стојан Андов
Стојан АндовФотографија: AP

Во парламентот е инициран закон за отворање на тајните полициски досиеја, со што ќе се утврди кој од јавните личности бил доставувач на информации или ”кодош” како што се вели народски. Во април беше усвоена декларација за т.н. лустрација, што ја иницираше сега владеачката Либерална партија. Нејзиниот лидер, Стојан Андов, предлага и конкретен закон – да се види, да се открие кој од АСНОМ 1945 година до самостојноста 1990 година и потоа бил врбуван или доброволно работел за тајните полициски служби во Македонија или екс-југословенската федерација и притоа бил јавна личност.

”Јас не можам да кажам дали има и кој е бројот на тие лица. Колку и да се, ги има и тие едноставно нема да можат да вршат јавни функции. Други санкции против нив нема. Се разбира ќе можат да работат други работи, во нивната струка, но не можат да вршат функции на избрани и именувани лица. Инаку, нема зошто да плашиме некого, ниту да се одмаздуваме некому”, објаснува Стојан Андов.

Во македонската јавност периодично се отвораат мини скандали дека некои пратеници, лекари, академици, новинари биле или се полициски доушници, или се на платните списоци на тајните служби. Македонија е меѓу последните земји од транзицискиот свет, која ги отвора тајните депоа за врбуваните агенти и разузнавачи, а се или биле јавни личности.

”Меѓународната заедница е таа која поттикна определени процеси, процеси со кои се бара од државите членки определени институции чии темели се положени во човековите права, демократијата и владеењето на правото, едноставно да се откажат од своето комунистичко минато, односно да го осудат оној систем кој во својата основа бил недемократски. Лустрацијата е токму дел од тој процес”, објаснува професор Звонко Јанкуловски, екс-амбасадор во Стразбур.

Македонската полиција, инаку, ги отвори своите архиви за сите граѓани кои се сомневаат дека биле следени или имале тајни полициски досиеја од времето на комунизмот. Неколку илјади жртви на тајните служби можеа да прочитаат што кодошите пишувале или зборувале за нив. Сега за првпат би требало да се открие кои се јавните личности што биле врбувани или присилено ”доброволно” тајно работеле за државните безбедносни служби.