1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Кој сака да ги присвои Гораните?

Свето Тоевски4 август 2013

Истражувањата на дијалектите на македонскиот јазик се намалуваат што отвора простор политички и лингвистички кругови од други соседни држави да прикажуваат говори на делови на македонскиот народ како нивни

https://p.dw.com/p/19JU6
Фотографија: Sveto Toevski

Гораните се население кое живее во една релативно компактна област од 433 километри, распределена на 19 села во Косово, на 9 села во Албанија, како и на две села во западниот дел на Македонија. Горанскиот говор во главни црти е опишан во статијата од академик Божидар Видоески „Говорите на исламизираните Македонци во Западна Македонија“, објавена и во изданието „Дијалектите на македонскиот јазик“ на Македонската академија на науките и уметностите од 1998. година. Неодамна професорот Васил Дрвошанов од Институтот за македонски јазик ја објави својата монографија „Кон роднинската терминологија на горанскиот говор“, користејќи објавен фолклорен материјал од горанскиот говор од три книги.

За својот труд Дрвошанов истакнува: „Лексиката поврзана со роднинските односи го одразува најстариот слој во лексиката на секој јазик, следствено и на македонскиот јазик. Токму именувањата на роднинските односи во горанскиот говор ја потврдуваат неговата исконска поврзаност со македонскиот дијалектен систем. Лексемите мајка, дете, девојка, жена, брат, посестрима и многу други се среќаваат во горанскиот говор и во сите други говори на македонската јазична територија.“

Веселинка Лабровска од споменатиот институт во својата рецензија кон монографијата е категорична: „Овој дијалектолошки труд со детално обработен лексички материјал од областа на роднинската терминологија е многу значаен поради научната вредност, но и од културолошки и национален аспект: од гледна точка на истакнување на целокупноста на македонскиот народ со сите негови откинати делови, коишто денес се наоѓаат надвор од границите на Македонија, како што се и Гораните - Македонци со исламска вероисповед што живеат во Македонија, Албанија и Косово. Иако подложен на различни јазични и културни влијанија, овој дел од македонскиот народ го зачувал својот македонски идентитет, којшто е вграден и во самиот дијалект, во културата, обичаите и фолклорното богатство. Посебно внимание во монографијата привлекуваат лексемите кои според својот зборообразувачки состав, или според своето значење, се единствени на македонската јазична територија и сведочат за посебноста на дијалектот и за духовноста и инвентивноста на нашето население што живеело на овие простори. Специфични се лексемите од горанскиот говор ’новожена’ со значење ’младоженец’ и ’даденица’ со значење ’мома што ќе се мажи со согласност на родителите“.

Лабровска додава: „Националниот идентитет на секој народ е најпрепознатлив преку јазикот, а потврдата за припадноста на едно дијалектно подрачје надвор од границите на Македонија кон целината на македонската јазична територија е голем удел во македонистиката и уште еден камен во мозаикот што ја потврдува нашата самобитност во услови кога постојано треба да се докажуваме себеси пред пошироката светска јавност, поради постоењето лажнонаучни кругови во дел од соседните држави“.

„Старомакедонски е наш језик ...“

ДВ го праша Дрвошанов: Која е причината овој дел од македонскиот народ и неговиот говор да ги присвојуваат како да се дел од друг етникум?

Тој одговара: „Фонетско-фонолошките и граматичко-структурните карактеристики на горанскиот говор се заеднички со карактеристиките на другите говори од македонскиот дијалектен систем. Нема никаков сомнеж дека тој говор е дел од македонскиот јазик. Нашите согледувања се апсолутен аргумент против секакви обиди од кого и да е да го прикажуваат горанскиот говор како дел од друг јазичен систем. Причините Македонците од Гора да ги присвојуваат други етникуми се резултат и на тесногради видувања, базирани, главно, врз религиозната определба на овој дел од македонскиот народ. Верската определба на поголемиот дел од Македонците е православното христијанство, а на помалиот дел од Македонците, меѓу кои се и Гораните, верската определба им е исламот, кој бил прифатен во борбата за опстанок. Националната припадност и верската определба се категории, кои не треба да се поистоветуваат. Гораните, како и сите други Македонци во текот на историјата, па и денес, преку својот говор и јазик ги прикажуваат своето себепрепознавање и сопствениот македонски идентитет.“

Гораните се под постојан притисок

Убавка Гајдова од споменатиот институт посочува и на делумното теренско истражување на горанскиот говор со финансиска поддршка од Министерството за култура, спроведено минатата пролет во косовскиот дел од областа Гора како дел на подпроектот „Местото на говорите на исламизираните Македонци во македонскиот јазичен систем“, заради непосредна заштита на духовното културно наследство од областа на јазикот, односно, дијалектите на македонскиот јазик. На македонска територија беа извршени истражувања во селата Урвич (на насловната фотографија) и Јеловјане, во Тетовско. Ова е прво организирано истражување на горанскиот говор непосредно на терен од страна на македонските научници, додека српските и во поново време бугарските лингвисти почесто се меѓу Гораните.

Dörfer an der Grenze zu Mazedonien
Гораните се распрснати низ села во неколку земјиФотографија: DW

Таа изнесува: „Главна цел беше говорот на село Брод, но, ги посетивме и останатите горански села на Косово: Драгаш, Рестелица, Рапча, Крстец ... . Се потврдува дека основните дијалектни особености горанскиот говор го врзуваат со македонската јазична територија: станува збор за македонски говор од западен тип, кој по серија свои особености се поврзува со македонските западни периферни говори на линијата Гостивар – Река – Дебар – Струга – Охрид. Горанскиот говор чува бројни архаични македонски јазични црти во областа на граматиката. И покрај тоа што станува збор за исламизирано македонско население, тоа користи речник со главно словенски зборови. Често се јавуваат и отстапки во говорот, односно мешање на дијалектот со српскиот јазик. Разговарајќи со луѓето, забележавме вакви искажувања: ’Старомакедонски е наш језик ... Језик много го преиначиле: имамо македонски, турски и српски, албански, има некој речи ... Деца во школо учет на српски, и граматика... Материн језик не го заборават... Нормално го зборат дома... Мие сме окружени сви као Горанци, ама језик не сме го забрајле све .... “

Во сите 30 села во Македонија, Косово и Албанија сега живеат само нешто повеќе од 20 илјади Горани, додека во минатите децении нивниот број бил значително поголем. Ова население е печалбарско според традицијата и дел од него се раселило од своите родни огништа.

Професорката Гајдова нагласува: „Жителите на Гора во последните години живеат под постојан политички и економски притисок, што придонесува за нивното раселување. Поради тоа тие не сакаат премногу да зборуваат за својата етничка припадност: освен традиционалната определба ’нашинци’, најчесто се изјаснуваат како ’Горанци’. Македонската држава не сторила ништо за да го обедини ова откорнато ткиво од македонската етничка, културна и јазична заедница кон своето јадро на кое историски и му припаѓа без оглед на верата.“

Професорката Лабровска заклучува: „Сите други околни соседни народи се трудат максимално да ги придобијат Гораните на своја страна: Србите одат таму, го анализираат дијалектот и го опишуваат ако свој. Стигнаа и Бугарите таму да праќаат свои ’мисионери’ и да агитираат дека Гораните се Бугари, но, говорот на ова население нема никаква поврзаност со бугарскиот дијалектен континуум. Со оглед на исламизираноста, и нивните соседи – Албанци ги присвојуваат Гораните, а можеби и Турците. Гораните се оставени сами на ветриштата на збиднувањата, без некој навистина да води грижа за нив. Република Македонија, ние, Македонците од оваа држава, треба да водиме грижа за нив, но и за другите делови за својот народ, кои живеат надвор од границите на Македонија. Ние, научниците, треба почесто да одиме на терен и да собираме конкретен материјал, треба да им се овозможи на овие луѓе еден поинституционален третман: учење на македонски јазик во основните училишта, да имаат повеќе контакт со македонските медиуми, со македонските политичари, со Македонија како нивна матична земја“.