1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Кој ќе биде мандатар на идната влада?

23 јануари 2007

Републичката изборна комисија во Србија ги потврди првичните изборни резултати според кои најсилна партија во идниот парламент се радикалите. Но, тие нема да бидат дел од идната влада. Српскиот претседател Борис Тадиќ ги повика демократските партии да ги надминат меѓусебните разлики и брзо да формираат нова влада. Демократската партија веќе има кандидат за премиерската функција.

https://p.dw.com/p/Abzv
Мандатот треба да го додели Тадиќ
Мандатот треба да го додели ТадиќФотографија: APTN

Републичката изборна комисија во Србија врз основа на резултатите од сите избирачки места соопшти дека Српската радикална партија ќе биде најсилната парламентарна група во идниот парламент со 81 пратеник. Зад нив е демократската партија на претседателот Тадиќ со 64 мандати, додека коалицијата на Демократската партија на Србија и Нова Србија, на премиерот Коштуница е на трето место и си обезбеди 47 места во новиот парламент. Републичката изборна комисија соопшти дека во парламентот места обезбедиле и Г17 Плус која ќе има 19 пратеника, Социјалистичката партија на Србија ќе биде застапена со 15 претставници, колку што ќе има и коалицијата предводена од Либерално демократската партија. Според ваквиот сооднос на силите се уште не се знае кој ќе биде мандатар на нова влада иако според изјавите на српските политичари тоа најверојатно ќе биде Демократската партија на Претседателот Тадиќ.:

„Ќе си ја завршам мојата претседателска работа согласно со Уставот и мандатот ќе и го дадам на онаа партија која има најголеми шанси да состави влада. Според демократските вредности онаа партија која во демократскиот блок партии има освоено најмногу гласови би требало да ја добие премиерската позиција. А според сегашните резултатити тоа лидерство го презема Демократската партија“, изјави Тадиќ.

Тој истовремено ги повика демократските сили во земјата да ги надминат меѓусебните разлики и брзо да формираат нова влада. Тадиќ верува дека поделбите може да се премостат:

„Демократските и проевропски настроени партии го сочинуваат мнозинството во парламентот и реално имаат основа да формираат влада. Ако имаме силно мнозинство, ако може да донесуваме важни одлуки, ако делиме исти вредности и цели тогаш ќе успееме во тоа“.

Божидар Џелиќ од Демократската партија веќе се најави како кандидат за иден премиер. „Демократската партија доби мандат од гласачите да состави нова влада и се друго освен тоа би биле задкулисни игри кои би оделе на штета на граѓаните, изјави за српските медиуми Џелиќ. Тој потврди дека партијата веќе го одредила како иден мандатар.

Останатите партии од демократскиот блок за сега не соопштуваат дали и кога ќе започнат преговори за идната српска влада.