1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Кој ќе ги прифати затворениците од Гвантанамо?

Агенции 26 јануари 2009

Откако претседателот Барак Обама ја презеде должноста, во Германија се разгоре дебата, дали да прифати дел од затворениците од Гвантанамо. Иако официјално се’ уште нема барање, дебата се води и во другите ЕУ држави.

https://p.dw.com/p/GgDM
ГвантанамоФотографија: AP

Американскиот претседател, Бaрак Обама одлуката ја донесе минатиот четврток (22.01.09). Оспоруваниот логор Гвантанамо на Куба треба да се затвори во рок од една година. Но, што ќе се случи со затворениците, кои ќе бидат ослободени, а не смеат да се вратат во нивните татковини затоа што постои можност таму да бидат измачувани? Иако се’ уште нема официјално барање, државите на Европската унија веќе размислуваат по ова прашање. Прифаќањето на затвореници од Гвантанамо ја поларизира и политичката сцена во Германија и министрите во владата на канцеларката Ангела Меркел.

Дебата во Германија

Министерот за внатрешни работи, Волфганг Шојбле, откако првично одби Германија да прифати бивши затвореници од Гвантанамо, во меѓувреме сигнализираше подготвеност за компромис: „Доколку постои некој за кого конкретно може да се каже дека од одредени причини не може да остане во Америка, тогаш може да зборуваме за тоа“. Инаку, според Шојбле одговорноста за овие лица е во рацете на САД.

Bundestag Steinmeier Schäuble
Министрите за внатрешни и надворешни работи на Германија, Волфганг Шојбле и Франк Валтер ШтајнамерФотографија: picture-alliance / dpa/dpaweb

Помирувачки тонови стигнуваат и од министерот за надворешни работи, Франк Валтер Штајнамер: „Сигурно не станува збор за тоа да се доведат терористи во земјата,“ рече Штајнамер за Втората програма на германската телевизија, но, прифаќањето на невини лица е прашање на веродостојноста, дополни Штајнамер. Тој претходно јавно се произнесе дека би требало да се разгледаат околностите дали и како Германија би можела да прифати затвореници од Гвантанамо, на што реагираше министерот за внатрешни работи Шојбле, дека се меша во неговите надлежности. Најавена е средба на двајцата министри за да го надминат меѓусебниот спор.

Дека одговорноста за затворениците од Гвантанамо е во рацете на САД, смета и шефот на Либералите, Гидо Вестервеле, но според него во поединечни случаи не смее да се заборави човечноста. Шефицата на Зелените, Клаудија Рот го оцени одбивањето на министерот Шојбле да се прифатат затвореници од Гвантанамо како „презир на човековите права“.

ЕУ бара заеднички став

Министрите за надворешни работи на ЕУ денеска во Брисел ќе расправаат околу можното прифаќање на затвореници од Гвантанамо. Претседателот на комисијата на ЕУ, Жозе Мануел Баросо, минатиот петок ги повика земјите членки да ги поддржат САД во нивната намера да се затвори логорот Гвантанамо, но истовремено подвлече дека тоа е негово лично мислење. Според дипломатите, одлуката за прифаќање затвореници од Гвантанамо најверојатно ќе и’ се препушти на секоја земја поединечно, но можено е да се очекува европска помош за рехабилитирање на лицата.

Според неделникот „Шпигел“, Франција изработила концепт, којшто го доставила до сите влади на земјите на ЕУ, за прифаќање на затворениците од Гвантанмо. Станува збор за 60 лица, кои од страна на американските власти се сметаат за невини, а не можат да се вратат во своите земји.

Во меѓувреме плановите на претседателот Обама за затворање на затвореничкиот логор Гвантанамо наидуваат на проблеми. Како што пренесува весникот „Вашингтон пост“ за голем број затвореници, докумeнтацијата е измешана и некомплетна.