1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Кој ќе ја плати грчката сметка?

Андреас Бекер/Б. Георгиевски18 ноември 2012

Моментот на вистината се наближува. Земјите од еврозоната размислуваат на Грција да и‘ дадат нови милијарди евра. Во спротивно финансиската криза ќе се продлабочи. Но ММФ е против.

https://p.dw.com/p/16kMB

Бројните планови за штедење и реформи не успеаја да го спречат грчкиот колапс. Економијата на земјата тоне толку бргу, што Владата не може да постигне со плановите за заштеди.

Тројката меѓународни кредитори - земјите од еврозоната, Европската централна банка и Меѓународниот монетарен фонд, одлучија на Атина да и‘ дадат дополнителни две години. Според новите рокови, грчкиот дефицит ќе треба да се намали на три проценти од БДП до 2016. година.

Но, пролонгираните рокови креираа нова финансиска дупка од околу 33 милијарди евра. Сега земјите од еврозоната и ММФ влегоа во конфликт околу тоа како да се пополни оваа дупка. Евроземјите би преферирале да и‘ дадат нови заеми и гаранции на Грција, за на тој начин пред домашната јавност да се правдаат дека не потрошиле пари на даночните обврзници, а парите ќе си ги добијат назад.

Junker und Samaras in Athen
Жан Клод Јункер и Андонис СамарасФотографија: picture-alliance/dpa

Но, ММФ не се согласува со тој план. Новите кредити би го зголемиле грчкиот долг, а тој треба да биде намален. Според договорениот план, грчките долгови до 2020. година треба да се намалат од сегашните 180, на 120 проценти од БДП.

Игра на време

„Анализите на грчкиот долг на ММФ не се за верување. Тие никогаш нема да спаднат на 120 проценти. Долговите постојано растат, а грчката економија се распаѓа бидејќи ја загуби конкурентноста“, вели економистот Ханс-Вернер Зин, директор на минхенскиот ИФО Институт.

Затоа, шефот на еврозоната Жан Клод Јункер сака да и‘ даде време на Грција до 2022. година, за да го намали долгот. Но, шефицата на ММФ, Кристин Лагард е повторно против.

„ММФ не соработува само со европските земји, туку и со голем број земји во развој. Овие земји многу добро се сеќаваат колку тешки услови им беа задавани од страна на ММФ во минатото, кога и тие се најдоа во неволја. Затоа ним не им се допаѓа попустливиот став кон европските земји. Оттука и тврдиот став на Лагард“, вели Ролф Лангхамер, професор по економија.

Лагард затоа бара од земјите од еврозоната да преземат дел од грчките долгови. Досега само приватните доверители се откажаа од дел од своите долгови. Следниот пат и европските држави ќе мораат да се „поклонат“ пред касата.

Christine Lagarde IWF Internationaler Währungfonds
Кристин ЛагардФотографија: Reuters

На таквата идеја се спротивставува германскиот министер за финансии Волфганг Шојбле. Германија, и  мнозинството земји од еврозоната, тврдат дека ослободување од долговите е исклучено преку националните законодавства.

„За мене тој аргумент не држи. Затоа што при иницијативите за сиромашните, презадолжени земји, беше спроведено простување на долговите“, вели професорот Лангхамер.

Страв од гласачите

Германскиот министер е одлучно против ослободување од долговите, затоа што тогаш граѓаните ќе можат јасно да видат колку пари ќе ги чини спасувањето на Грција.

„Треба да се концентрираме на други решенија“, вели Шојбле. Затоа тој предлага на Грција да и‘ се дадат нови кредити со уште пониски камати. И тоа ќе ги чини државите многу пари, но Шојбле тоа го премолчува. „Нема да чини толку многу пари“, тврди Шојбле. Стравот на политичарите од избирачите притоа е очигледен.

Повеќе медиуми во меѓувреме јавија дека евроземјите размислуваат да и‘ помогнат на Грција со директни трансфери на пари. Се споменува Европската централна банка каде лежат грчки државни обврзници во вредност од 45 милијарди евра.

EU Brüssel Ecofin Treffen Finanzminister
Волфганг ШојблеФотографија: AP

Какво и да биде решението, тоа мора да биде одобрено од ММФ. Инаку следната транша од помошта за Грција не може да биде исплатена. Професорот Лангхамер очекува политички компромис.

„Тие не можат да ја остават Грција да пропадне, и ќе продолжат да играат на картата време“, вели тој.

Уште еден компромис

„Никој не сака да отвора фронтови против сопствените клиенти- без разлика дали станува збор за односот на ММФ кон другите земји, или за односот на државите кои своите граѓани, затоа што тоа носи голем ризик“, вели шефот на ИФО, Ханс Вернер Зин.

Обете страни притоа го игнорираат основниот проблем - падот на конкурентноста на грчката економија. „Грчкото производство мора да поевтини за 30 до 40 проценти за повторно да се врати во форма, и да може да ги враќа долговите. Но, на таа тема не се разговара“, вели Зин.

Имајќи предвид дека конкурентноста не може да се зголеми само преку мерки за штедење, останува само уште едно решение: на Грција треба да и‘ се простат долговите. А потоа, земјата треба да се збогува од еврозоната.