1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Кој ќе ја сопре спиралата насилство на Блискиот Исток?

18 април 2006

Kрајно време е меѓународна заедница да ги принуди обете страни во конфликтот на разумно однесување – смета Петер Филип во наредниот коментар.

https://p.dw.com/p/Ae2H
Местото на најновиот самоубиствен атентат во Тел Авив
Местото на најновиот самоубиствен атентат во Тел АвивФотографија: AP

Осудата на атентатот од страна на претседателот на Палестинците Махмуд Абас делува некако беспомошно. Тој секако е во право кога нагласува дека ваквите напади пред се‘ му штетат на палестинскиот народ, но се чини никој не сака да слуша вакви разумни зборови. Владеачкиот Хамас дури го оцени нападот како „акт на самоодбрана„. Таквото оправдување на насилството само ќе ја засили спиралата. Израелските сили веќе влегоа на Западниот брег на реката Јордан, а нови одмазднички напади во Појасот Газа се само прашање на време. Така на обете страни и понатаму ќе страдаат недолжни цивили во ѓаволскиот круг што никој од одговорните се чини не може или дури не сака да го прекине. Уште ниедна израелска влада не се поставила воздржано кон некој атентат. Така тоа не може да се очекува ни од актуелниот премиер Ехуд Олмерт.

За радикалните организации како Исламски џихад, пак, насилството на израелската армија е токму добродојдена причина за постоење. Тие се против Израел и сакаат да ја продолжат борбата против деценискиот непријател. Хамас додуша прогласи примирје пред околу една година, но што се однесува до идеолошките премиси ни тој не се разликува од Исламскиот џихад. Тоа е и главната причина за меѓународната изолација на новата палестинска влада што ја формира Хамас. При тоа мора да се каже дека од изолацијата на Западот најмногу страда токму цивилното палестинско население. А тоа пак повторно ќе им верува на радикалите, кои му сугерираат дека Западот кова заговор против Палестинците и нивните интереси.

Тоа Западот реално гледано не го прави. Но, сепак би било време меѓународната заедница (во рамките на Блискоисточниот квартет, на пример) да заземе јасен став и да ги натера обете страни во конфликтот да се вразумат – кога веќе тие не се во состојба самите разумно да се однесуваат. При тоа важно е да се истакне оти факторот време притиска: со секој нов бран насилство оваа задача станува се‘ потешка и се‘ помалку остварлива!