1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Коњановски побара од Гејтс Македонија да го добие заслуженото место во НАТО

5 октомври 2010

САД ја почитуваат, ценат и вреднуваат Република Македонија и и‘ даваат силна поддршка за влез во НАТО, изјави македонскиот министер за одбрана Зоран Коњановски по синоќешната средба со американскиот колега Роберт Гејтс.

https://p.dw.com/p/PVVM
Коњановски и Гејтс во ВашингтонФотографија: MIA

Македонскиот министер за одбрана Зоран Коњановски, по разговорите со првиот човек на американската одбрана Роберт Гејтс во Вашингтон, рече дека пораката што ја пренел Гејтс е оти правилно се вреднуваат и препознаваат реформите што ги прави Република Македонија и придонесот што македонските војници го даваат во мисијата ИСАФ во Авганистан.

„Морам да потенцирам дека нема дополнителни забелешки во однос на членството на Република Македонија во НАТО. Од наша страна беше посочено дека Македонија го бара заслуженото - да се вреднуваат реформите и час поскоро да биде дел од Алијансата“, рече министерот за одбрана.

Решение: членство под привремената референца

Реформите се завршени и не постои членка на Алијансата која може да каже, додаде Коњановски, дека тие не се успешно завршени или дека има застој, но оти останува непринципиелното отворено прашање за спорот со името со Грција. Решение за влез на Република Македонија во НАТО, според него, би можело да биде земјата да стане членка на Алијансата под привремената референца бидејќи никој не може да гарантира дека за една или две години спорот ќе биде решен.

Treffen der Verteidigungsminister von Mazedonien und den USA
Фотографија: MIA

„Пред се‘, обврска на Република Грција е да не ги кочи интегративните процеси на Република Македонија. Доколку не се изнајде заемно прифатливо решение,Република Македонија треба да биде дел од НАТО - семејството под привременото име ПЈРМ, а понатаму да се решава проблемот наметнат од страна на Грција“, смета макеоднскиот министер за одбрана.

На средбата со американскиот министер за одбрана Гејтс, на која присуствуваа и началникот на Генералштабот на АРМ Мирослав Стојановски и началникот на Здружениот штаб на вооружените сили на САД, адмирал Мајкл Мулен, станало збор и за соработката што Македонија ја имаше со САД во минатото, за актуелната состојба во Авганистан и напорите што се прават од Здружената коалиција да се среди состојбата во земјата, како и за идните планови за соработката меѓу двете министерства и армиите.

Во рамките на посетата на Вашингттон, која се случува во пресрет на Самитот на НАТО во Лисабон, министерот Коњановски во Пентагон беше брифиран за состојбата во Авганистан, каде што има 242 припадници на Армијата на Република Македонија.

Македонскиот министер за одбрана денеска ќе има обраќање пред Стратешката сесија на Атлантскиот совет

Коњановски се сретна и со сенаторот Џон Меккејн, кандидат на Републиканската партија на последните претседателски избори во САД. На средбата станало збор за состојбата во Република Македонија и во регионот, како и за заедничките американско- македонски предизвици. Сенаторот Меккејн искажал голема благодарност до Република Македонија за активностите што ги реазлизира заедно со САД и со другите земји – членки на НАТО во Авганистан.

Treffen der Verteidigungsminister von Mazedonien und den USA
Фотографија: MIA

Претходно Коњановски имаше работен ручек со истакнати претставници на неколку американски тинк-тенкови.

Македонскиот министер за одбрана денеска ќе има обраќање пред Стратешката сесија на Атлантскиот совет, по што ќе оствари средби со помошникот - државен секретар во Бирото за Воено-политички прашања на Стејт департментот Андрју Шапиро, како и со сенаторот Патрик Леахи, кој ја поднесе најновата Резолуција за Македонија до Сенатот, и со конгресменот Роберт Адерхолт, еден од потписниците на писмото до претседателот Барак Обама, Македонија да биде примена во НАТО на Самитот во Лисабон.

Автор: ЕМФ/миа

Редактор: Трајче Тосев