1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Образование

Крај за екстерното тестирање

БГ
31 мај 2017

Идната министерка за образование Рената Десковска-Тренеска најави дека утре пред Собранието ќе биде предложен закон за укинување на екстерното тестирање на учениците. На образованието му се потребни длабоки реформи

https://p.dw.com/p/2duKA
Minister der neuen mazedonischen Regierung
Фотографија: DW/Petr Stojanovski

По повеќегодишни остри критики и протести од учениците, родителите и експертите, екстерното тестирање за учениците во основното и средното образование ќе се укине. Мерката беше долго најавувана од опозициската СДСМ, а идната министерка за образование Рената Десковска-Тренеска денеска вети дека тоа ќе биде сторено уште на првата собраниска седница по изборот на новата влада, утре.

„Утре на дневен ред, на седницата на Собранието, ќе се најдат три закони со кои ќе биде укинато екстерното тестирање во основните и средните училишта. Сакам да упатам порака до учениците и родителите, дека оваа година екстерно тестирање нема да има“, порача Десковска-Тренеска.

Екстерното тестирање со години наидуваше на критики и отпор кај учениците и во експертската јавност.

Средношколскиот пленум со години наназад бараше екстерното тестирање да се стави во мирување или да се смени моделот. Истото барање беше поставувано и за време на студентските протести.

Во изјава за ДВ на почетокот на месецов универзитетскиот професор и поранешен министер за образование Ненад Новковски изрази сомнеж дека новата влада ќе има доволно време да ги направи неопходните законски измени, пред почетокот на тестирањето закажано за 5 јуни, понеделник.

„Затоа мислам дека во конкретниов случај подобро ќе биде да се оди на одлука за одложување на обврската, а потоа да се работи и на нејзино укинување. Секако откако ќе се формира новата Влада“, рече Новковски.

Studenten Demo in Skopje 17.11.2014
Укинувањето на екстерното беше барање и на студентските демонстрации во 2014 годинаФотографија: AFP/Getty Images/R. Atanasovski

Во СДСМ тврдат дека законската измена е подготвена и таа ќе може експресно да го запре тестирањето. Оттаму најавуваат замена на екстерното тестирање со нова институција која ќе врши редовна евалуација на образовниот систем преку целата година.

„Државата или образовните институции имаат обврска да се обезбеди квалитет, преку учебници, мотивирани деца, наставници, а не преку мизерни тестови и казни", реагираше претседателот на комисијата за образование во СДСМ, Петар Атанасов пред неколку недели.

Меѓународните истражувања спроведени последниве години покажаа очајни резултати кај учениците во Македонија. Македонија се најде на дното на последниот ПИСА тест со кој беа опфатени половина милион ученици во 72 земји во светот. На проблеми укажуваше и Светска банка која предупреди дека македонските ученици покажуваат најлоши резултати, иако земјата споредено со регионот вложува најмногу во образованието. Тие резултати покажаа дека речиси две третини од учениците во Македонија се „функционално неписмени“.