1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Крај на една долга смена во рудник!

14 октомври 2010

„Мисијата е исполнета“. Транспарент со ваква содржина истакнаа шестмината спасувачи, откако и последниот 33-ти рудар ја напушти јамата. Последен излезе Луис Урзуа, кој беше лидер на групата во периодот на заробеништвото.

https://p.dw.com/p/PdqJ
Луис Урзуа последен ја напушти јаматаФотографија: AP

Урзуа беше надзорник на смена кога се случи несреќата. Тој ги вовел правилата според кои рударите живееле во првите 17 дена, воспоставувајќи на пример, строги ограничувања за користење на храната, ограничувајќи ги залихите на по една голтка млеко и еден залак туна на секои 48 часа. „Како секој добар капетан“ Урзуа замина последен, рече чилеанскиот претседател Себастијан Пињера, кој ги дочека на површината сите 33-ца рудари. Спасувачките екипи потоа заедно со преживеаниот рудар и шефот на државата ја испеаја националната химна.

Chile Rettung Bergleute Manuel Gonzelez letzte Retter
Спасувачката акција во ЧилеФотографија: AP

Во кусиот разговор, Урзуа призна дека на рударите им било многу тешко да преживеат во јамата. „Успеавме да останеме разумни“, рече Урзуа. Освен што, како топограф по професија, нацртал мапи на јамата со помош на која останатите рудари можеле полесно да се движат, Урзуа ги вклучувал и светлата на подземната машинерија по неколку часа дневно за да им овозможи по малку светлина на своите колеги.

Акцијата ќе влезе во историјата

Спасувачката операција ќе влезе во историјата како прва успешно изведена на длабочина од речиси 700 метри под земја. „Најголемото богатство во нашата земја не се природните ресурси, туку нашиот народ. Денеска Чилеанците и цел свет ја научија лекцијата на солидарност, храброст, доверба и надеж“, изјави претседателот Пињера.

Dossierbild Tryptychon Chile Rettung Bergarbeiter 1
Спасувачката акција во ЧилеФотографија: AP

Според министерот за здравство, Хаиме Маналиш сите преживеани се наоѓаат во стабилна здравствена и одлична психолошка состојба. Кај еден од рударите е утврдена пневмонија, а на двајца им биле извршени операции на забите.

Откако Урзуа, како последен, излезе на површината граѓаните на Чиле излегоа на улиците низ повеќе градови, прославувајќи го настанот. Најголемиот дел од нив не ги познаваат лично рударите, но изјавуваа дека се чувствуваат гордо на таков историски ден.

Според проценките на американските медиуми, околу една милијарда луѓе ширум светот го следеле извлекувањето на рударите.

33-та сега ќе треба да продолжат со нормалниот, секојдневен живот, иако психолозите велат дека тоа воопшто нема да биде лесно. Неколкумина од рударите, меѓу нив и најмладиот 19 годишен Џими Санчез, веќе најавија дека сакаат да се венчаат со своите партнери по излегувањето. Според чилеанските медиуми, рударите ги очекува и добра заработка од продуцентските куќи кои буквално водат војна за купување на нивните ексклузивни сведоштва.

Автор: БГ/AT/ дпа/ дв

Редактор: Александра Трајковска

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема

Повеќе на оваа тема