1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Крај на кризата во Украина

27 мај 2007

Предвремени избори ќе ја решат политичката криза во Украина. Украинскиот претседател Јушченко и премиерот Јанукович се договорија тие да се одржат во сетември.

https://p.dw.com/p/AnyG
Јануковиќ и Јушченко се договорија
Јануковиќ и Јушченко се договоријаФотографија: AP

Осумчасовните тешки преговори конечно дадоа резултат.

„Предвремени избори ќе бидат одржани на 30 септември“, им рече Јушченко синоќа на новинарите на прес конференцијата. До него стоеше и премиерот Јануковиќ.

„Сега може да кажеме дека политичката криза во Украина заврши“, изјави Јушченко и додаде:

„Постигнавме формално решение за кое сега во наредните два дена треба да се состанат и да гласат сите пратеници, вклучително и опозцијата, за да се даде правна основа на договореното“.

Претходно ситуацијата во земјата се закануваше да ескалира откако неколку илјади војници, верни на претседателот маршираа кон главниот град Киев. Длабоката политичка криза во последниве денови ескалираше кога претседателот со декрет си ги стави под контрола специјалците кои се задолжени за внатрешна безбедност. Премиерот Јануковиќ овој указ го отфрли како противуставен. Претходно претседателот го смени и државниот обвинител, што предизвика интервенција на специјалците во тој конфликт.

Украина западна во сериозна политичка криза уште од почетокот на април, кога Јушченко го распушти парламентот и влезе во повеќемесечен конфликт со владината коалиција, која ја оспорува таквата негова одлука.