1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

090811 Türkei Syrien

9 август 2011

Турската влада, која долго време остана помирлива кон режимот во Сирија, го загуби трпението. Шефот на дипломатијата Давутоглу во Дамаск донесе јасна порака до соседот да запре со насилството против сопствениот народ.

https://p.dw.com/p/12DJJ

Една извонредно успешна приказна се ближи кон својот крај. Трговската размена меѓу Турција и Сирија во изминатите десет години забележа раст од 900 проценти. Анкара и Дамаск договорија безвизно слободно минување на меѓусебните граници. Инвестициите на турските претпријатија во Сирија за 2011 се проценети на речиси една милијарда евра и сега...

„Нашето трпение е при крај“, вели турскиот премиер Реџеп Таип Ердоган. „Го испраќам министерот за надворешни работи во Сирија за да ги води таму неопходните разговори. За време нa оваа посета и процесот што ќе следи ние ќе упатиме јасна порака. Нашите наредни чекори ќе бидат соодветни на нивните одговори“, истакна Ердоган.

Türkei Libyen Davutoglu Bengasi
Турскиот министер за надворешни работи, Ахмед ДавутоглуФотографија: AP

„Демократскиот пат“ на Сирија

А каков би можел да биде одговорот на режимот во Дамаск? Бутаина Шабан за сириската агенција САНА изјави дека Сирија на јасната порака од Анкара ќе даде уште појасен одговор. Суровата советничка на претседателот Башар ал Асад со задоволство самата дели совети во насока на Западот и на Турција:

„Она што мора да го направат САД и другите земји е наместо да критикуваат да и‘ помогнат на Сирија на нејзиниот демократски пат“.

Демократскиот пат на Асад е сосем очигледно поплочен со убиени демонстранти, противници на режимот и масовни апсења. Долго време Турција се обидуваше да го вразуми режимот на Асад со тивка дипломатија. Минатиот понеделник по масакрот во Хама спроти почетокот на рамазанските пости, во кој беа убиени речиси 100 лица, меѓутоа турскиот министер за надворешни работи Ахмет Давутоглу изрази јавна осуда за режимот во Дамаск:

„Ние сме многу разочарани и длабоко потресени од оваа операција. Како тајмингот, така и начинот на кој таа е изведена се неприфатливи. Ние ја осудуваме оваа операција“.

Erdogan in Damaskus mit Syriens Präsident Bashar Assad
Доскорешните добри пријатели, турскиот премиер Ердоган и сирискиот претседател АсадФотографија: AP

Турција не сака со Иран да биде последниот пријател на Сирија

Премиерот Ердоган и претседателот Асад се’ до избувнувањето на протестите во Сирија ги поврзуваше тесно пријателство. Со крвопролевањата во јужна Сирија турското раководство смета дека нивната политика на нула проблеми со своите соседи е сериозно загрозена. Барањата на Анкара до Дамаск Давутоглу ги формулираше на следниов начин:

„Никакво насилство против сирискиот народ, легитимните барања на граѓаните мора да се земат предвид. Реформите мора да се спроведат без одложување“.

Доколку режимот во Сирија ги отфрли итните препораки на северниот сосед, Анкара мора на консеквентен начин да го следи примерот на Саудиска Арабија и да го повлече својот амбасадор од Дамаск. При сета љубов кон добрите бизнис зделки, Турција не може да си дозволи покрај Иран да важи за последен пријател на еден режим, кој без скрупули и со крававо насилство се однесува кон сопствениот народ.

Автор: Рајнхард Баумгартен/ Симе Недевски

Редактор: Горан Чутаноски