1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Крај на „љубовта“ меѓу Белград и Бања Лука

Драган Максимовиќ/Б. Георгиевски25 јуни 2013

Посетата на српскиот претседател Томислав Николиќ на Република Српска и дефинитивно означи крај на досегашните односи меѓу Белград и Бања Лука. Николиќ не е омилена личност во политичкиот врв на РС.

https://p.dw.com/p/18vO1
Фотографија: Reuters

Да се случеше посетата пред неколку години и на местото на Томислав Николиќ да беше Борис Тадиќ, во Требиње изминатиот викенд (22/23.06) ќе беше собран комплетниот политички врв на Република Српска (РС), со неодминливите црковни великодостојници. Но, Томислав Николиќ, тоа е веќе јасно, не е омилена личност во политичкиот врв на РС. На Николиќ му беше врачена титулата почесен граѓанин на Требиње, а при врачувањето тој јасно кажа што мисли за моменталните односи во РС:

„Ќе морам за моето Требиње да сторам нешто што никој досега од Србија не го сторил. Гледам дека центарот на РС заминал предалеку“.

 Дека центарот на РС заминал предалеку, смета и стручната јавност, и тоа не само за односите во РС, туку и во односите со Србија.

Директорот на Центарот за регионализам од Србија, Александар Попов вели дека е непримерно тоа што претседателот на Србија не бил пречекан од претседателот на РС, и тоа само говори во какви односи се Белград и Бања Лука.

„Тоа е само потврда дека од доаѓањето на новата власт во Белград, дојде и до промена на односите кон Бања Лука и кон Милорад Додик“, вели Попов.

Студен дочек

Николиќ наиде на студен дочек и во манастирот Грачаница, каде не беше пречекан од владиката Григорије. Коментирајќи го дочекот, Николиќ изјави дека затекнал свето место без домаќин. За Попов, тоа е доказ дека СПЦ ја користи секоја можност да покаже дека е против бриселскиот договор и договорот Белград-Приштина.

И политичките и духовните власти во РС тврдат дека средбата со Николиќ не била намерно избегната. „Поради своите обврски на состаноците во Руската федерација, господин Додик не присуствуваше на овој прием. Во секој случај ние сметаме дека за нас се важни добрите односи со сите соседни земји, а во прв ред со Белград“, вели портпаролот на владејачката СНСД, Душица Савиќ.

Очигледно е дека односите се променети од темел, а дополнително беа влошени откако Николиќ се сретна со градоначалникот на Требиње Славко Вучуровиќ. Во јавноста на тоа се гледа како на почеток на отворена поддршка од Белград за опозицијата во РС.

Milorad Dodik und Boris Tadic
Милорад Додик и Борис ТадиќФотографија: Amel Emric/AP/dapd

„Целосно е разбирливо што актуелната власт во Србија ја поддржува опозицијата во РС и тоа веројатно ќе се искристализира во следниот период, а ќе дојде до полн израз на изборите следната година. Според моите информации, веќе е донесена одлука да се поддржи обединетата опозиција“, вели политичкиот аналитичар од Бања Лука Жељко Раљиќ.

Иако многумина веруваа дека во изминатите месеци ќе дојде до политичко помирување на владејачките партии во Белград и Бања Лука, сега е јасно дека тоа нема да се случи. Според најавите, опозицијата во РС би можела добро да го искористи овој момент за политичка кампања за изборите следната година.