1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Крвав петок во Сирија

23 декември 2011

Во два самоубиствени напади во главниот град на Сирија, Дамаск, денеска загинаа околу 50 луѓе, а повредени се повеќе од 100. Најголемиот број од жртвите се цивили, но има и припадници на армијата.

https://p.dw.com/p/13YSG
Едно од местата каде беа извршени нападитеФотографија: Picture-Alliance/dpa

Нападите, според сириските власти, ги извршиле атентатори-самоубијци со возила полни со експлозив. Атентатите биле насочени кон објекти на безбедносните сили и на тајната служба. Сириската телевизија, повикувајќи се на претставник на владата, извести дека зад нападите, според првичните сознанија, стои терористичката мрежа Ал Каеда. За ваквите тврдења не се понудени никакви докази. Сунитската терористичка мрежа Ал Каеда е обвинета дека изведува целни напади врз Шиитите. Сирискиот претседател Башар ал-Асад му припаѓа на малцинството - Алавити, кои имаат поддршка од Иран. Ал Каеда досега ја користеше Сирија како транзитна земја за напади во соседен Ирак.

Вчера во Сирија пристигнаа првите набљудувачи на Арапската лига, кои би требало да посредуваат во крвавите протести против режимот на претседателот Башар ал-Асад.

Автор: ЕМФ/дпа/дв

Редактор: Ж. Ацеска