1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

КРЕВКА СОЛИДАРНОСТ НА ЕП СО ГРЦИЈА ЗА ПРОБЛЕМОТ СО ИМЕТО НА МАКЕДОНИЈА

14 април 2005
https://p.dw.com/p/AcG8

- Од вкупно 563 гласови, 139 се за 398 против и 26 воздржани. Ова е резултатот од гласањето со кое е отфрлен амандманот на данскиот европратеник, Андерс Самуелсен од групата на европските демократи и либерали, во кој се бараше Советот на Европската Унија, да разгледа дали е дојден моментот да ја признае поранешната југословенска република Македонија под нејзиното уставно име.

Исто како што беше отфрлен и амандманот од групата на Европските зелени, во кој многу подиректно се бараше да се земи во предвид одлуката на американската влада, на Руската федерација и на други земји меѓу кои и земји членки на Европската Унија, да ја признаат ПЈРМ, како Македонија, со повик до Советот на ЕУ без одлагање да ја прифати легитимната деноминација која ја бара владата од Скопје.

Резултатот од гласањето околу прашањето за името се очекуваше, бидејќи многу европратеници кои денес гласаа за името се од групата на европските либерали и демократи и групата на зелените, но има и пратеници од другите политички групи кои потполно се согласуваат со нив, но денес не гласаа за предлогот за името.

Тоа најдобро ни го објасни германската европратеничка Дорис Пак, од редовите на народните партии

- Што се однесува до проблемот со името, тоа е билатерлано прашање меѓу Грција и Македонија. Јас никој пат не криев дека оваа земја јас ја викам Македонија, таа земја има име и неа така ја именував, ни рече Дорис Пак. Се надеваме дека разумот ќе надвалдее, бидејќи потребно е да се изнајде решение за името.

- За мене Македонија е Македонија, проблемот може да биде надминат со продолжување на преговорите, додава Јоханес Свобода австриски европратеник од редовите на групата на социјалистите.

Инаку во денес усвоената резолуција за состојбата со напредокот на регионалната интеграција на Западен Балкан, меѓу другото се бара „да Европската Унија усвои јасна стратегија за Балканот и да обезбеди интеграциона стратегија чекор по чекор,“ при што е изразена „сериозна загриженост поради економската и социјалната состојба во земјите од регионот.“ Од земјите е побарана поголема регионална соработка и соработка со Меѓународниот судот Хаг.

Во делот на резолуцијата за Македонија, европратениците истакнуваат дека „неуспехот на референдумот за новата територијална организација на земјата треба да го трасира патот за помирување меѓу двете најголеми етнички групи“.

Испратено е и барање да се поддржат преку соодветните програми за помош на ЕУ, напорите кои ги правиво делот на децентрализација на земјата.

Изразено е жалење заради нерегуларностите при локалните избори и се бара од македонските власти да направат се за да се прифатат изборните норми и критериуми.

Европарлманентот смета дека Македонија, која ја поднесе кандидатурата и одговорите на прашалникот за членство во Унијата, треба да добие во најкраток рок одговор од Комисијата. Подвлекувајќи дека ако одговорот биде даден за време на декемврскиот самит на ЕУ, тоа би ја охрабрило земјата да постигне поголеми резултати во процесот на реформите и ќе ја зацрвсти стабилноста во регионот.

Европарламентарците побараа и поголема координација во делувањето на различните организми на ЕУ во Македонија и сметаат дека Европската Комисија треба да биди столбот во политиката на ЕУ во земјата.

Европскиот парламент и поставува и еден услов на Македонија, во перспектива на нејзината кандидатура за членство во Унијата, се бара од неа да го поништи договорот потпишан со САД за изземање на американските државјани од надлежностите на Меѓународниот кривичен суд.