1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Кредити за мали и средни претпријатија

13 мај 2009

Економски кризен тим на македонската влада денеска (13.05.2009) разговараше со бизнис заедницата и банкарскиот сектор. ЕИБ на Македонија за одржлив развој и‘ одобри 100 милиони евра, а владата ќе даде уште толку.

https://p.dw.com/p/HpLa
Фотографија: AP

Драматично трошење на девизните резерви, намалени за над 400 милијарди евра во првиот квартал од годинава, пад на извозот за нови 20%, буџетски дефицит од 500 милиони евра и покрај првиот ребаланс и кастрење на државните трошоци. Се‘ поинтензивни се отпуштањата во текстилната и тешката индустрија, најголемите македонски експортери. Последните прогнози на Меѓународниот монетарен фонд се алармантни, годинава може да продолжи падот на бруто општествениот производ: наспроти владината проценка од 3% на дури 6%, што може да влијае на порастот на банкарските камати за двојно ниво: од 10 на 20 насто. Менаџерите на малите и средните компании бараат владата под итно да склучи аранжман со Меѓународниот монетарен фонд.

Од тие причини, владиниот економски кризен тим денеска разговараше со бизнис заедницата и банкарскиот сектор. Европската инвестициона банка на Македонија и‘ одобри 100 милиони евра, а владата исто така ќе даде дополнителни стотина милиони евра гаранции за одржлив развој пред се‘ на малите и средни компании, кои создаваат 80 насто од домашниот бруто производ. Банкарот Ѓорѓи Јанчевски изјави:

„Кредитите ќе бидат давани на мали и средни претпријатија, износот ќе зависи од бројот на вработени и големината на фирмата. Каматната стапка во целина не треба да надминува 6 отсто, што во овие услови на зголемени каматни стапки сметаме дека ќе биде доста поволен продукт за банките“, кажа Ѓорѓи Анчевски, претседател на Заедницата на банкарски институции во Македонија.

"Lim produkt" Kresevo
Треба да се обезбеди одржлив развој на малите и средни претпријатијаФотографија: DW/Pirolic

Ако се земе предвид дека досегашните кредити се околу 10 до15 насто, нивното двојно намалување за малите и средни претпријатија ќе биде возможно само затоа што владата ќе гарантира со дополнителни 90 милиони евра, плус парите од Европската банка за развој, вели Зоран Ставревски: „Во зависност од можноста, деловните банки, посебно оние што имаат странски капитал, а повеќето во Македонија се такви, би повлекле и дополнителни кредитни линии од своите матични банки. Вкупниот износ на средства по овие две кредитни линии, сега планираме да изнесува 180 милиони евра - значи 90 милиони евра отприлка се средства на државата и 90 милиони евра на деловните банки. Но, можно е делот на деловните банки, кои во зависност од нивната можност би повлекле кредитни средства од странство, да биде и поголем“, соопшти на прес-конференцијата вицепремиерот Ставревски.

Зоран Ставревски извлече поента: кредитите ќе се враќаат во денарска противвредност, што е гаранција или израз за стабилноста на домашната валута во наредните 4-5 години.

Автор: Александар Чомовски

Редактор: Елизабета Милошевска Фиданоска