1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Криза ги тресе и медиумите во Грција

Јанис Пападимитриу/ Симе Недевски28 април 2012

Во тешката економска криза во Грција, многу страдаат и медиумите. Мора да бидат затворени традиционални весници, а телевизиите ги намалуваат платите на вработените.

https://p.dw.com/p/14kpm
Фотографија: dapd

По 15 години како новинарка, Валиа Каимаки се наоѓа пред големо искушение: На нејзиниот долгогодишен работодавач, угледниот атински дневен весник „Елефтеротипија“ му се заканува затворање. Вработените штрајкуваат, бидејќи новинарите од август минатата година немаат примено плата. Од декември весникот повеќе не излегува од печат. Додуша некои потенцијални инвеститори изразија интерес за купување на весникот, но издавачката куќа пријави стечај, бидејќи е неликвидна.

Притоа „Елефтеротипија“ од нејзиното основање во 1975. година важеше за либерален весник за пример. Десетици илјади читатели и финансиски јаките клиенти со реклами и‘ остануваа верни. Меѓутоа менаџерскиот тим на весникот потфрли и со години наназад водеше погрешна економска политика и беше заталкан во клиентелска политика, обвинува Валиа Каимаки.

„Веднаш по моето вработување во доверба ми беше кажано, дека овој весник практично функционира како државно претпријатие“, се сеќава новинарката. „А тоа значи дека роднини и пријатели тука добиваат работа без никаква проверка на нивните квалификации“. На тој начин се создаде мало друштво, кое заработуваше екстремно добро. Платите од по 30 илјади евра месечно не беа изолирани случаи.

Valia Kaimaki griechische Journalistin
Грчката новинарка Валиа КаимакиФотографија: DW

Златните времиња одамна се минато

Валиа Каимаки, која студирала во Франција во 1998. година дошла во „Елефтеротипија“ и направила име како новинарка во редакцијата за надворешна политика и како уредничка во грчкото издание на францускиот весник „Монд Дипломатик“. Таа го доживеа златното време на медиумите во Грција. Медиумските магнати во земјата, но и непознати самонаречени издавачи си обезбедуваа пари на берзата или преку евтини банкарски кредити и создаваа свои медиуми. Со тоа илјадници новинари добиваа пари и леб, многу од нив меѓутоа само како евтина и лесно заменлива работна сила.

Griechenland Finanzkrise Presse Deutschland Attacke auf Wolfgang Schäuble
Фотографија: dapd

„Тоа беше меур, кој еднаш мораше да пукне“, се присетува денес Каимаки. Медиумите повеќе не спроведуваа демократска контрола, туку стоеја под заеднички покрив со политиката и економијата, а новинарите - тие не протестираа. „Во основа повеќето од нив всушност беа и среќни што воопшто имаат работа“, вели поранешната уредничка.

Зависност од државата

Влијанието на државата и моќните компании се основното зло на грчкото новинарство, вели економистот и новинар Атанасиос Папандропулос, претседател на грчката секција во Европското новинарско здружение - АЕЈ. Бројни издавачи и новинари во земјата ја запоставија нивната контролна функција и општествената критика па дури и лажеа, за да не ги загубат државните претпријатија како рекламни клиенти.

„Медиумите во голем дел се зависни од државата, бидејќи таа традиционално контролира 50 проценти од пазарот на реклами“, вели Папандропулос. Пред се’ регионалниот печат преживува од државните реклами. Покрај тоа многу новинари паралелно работат за државни претпријатија или банки и тоа во одделите за медиуми односно како не докрај дефинирини советници. „Затоа не ме чуди дека за корупцијата и за злоупотребата на државните пари често се известува само површно и дистанцирано. Никој не сака да оди во детали“, се жали Папандропулос.

Кризата како шанса

Athanassios Papandropoulos Griechenland
Атанасиос Папандропулос, економист и новинарФотографија: DW

Во минатото мајката- држава широкоградо ги субвенционираше и пензиските фондови на новинарите. Но, ним им се закануваат загуби во милијарди евра- не само како последица на кризата, туку затоа што погрешно шпекулирале со државните обврзници. Ако хронично дефицитарниот пензиски систем не биде итно реформиран, сегашните новинари на стари години ќе мора да издржуваат со ниска пензија од околу 180 евра, пресметал Папандропулос.

Под плаштот на кризата страда и квалитетот на новинарството. „Денес мораме да сметаме на армија неквалификувани и слабо платени пишувачи, кои поради кризата ја загубиле работата и се борат за преживување“, вели економистот и новинар. Многу од овие луѓе новинарството го сфаќаат уште само како забава и не разбираат точно што значи независноста на медиумите“. Истовремено Папандропулос е и оптимист: Тој се надева дека сериозните медиумски компании ќе излезат зајакнати од кризата и ќе го направат неопходниот скок во квалитетот: „Всушност денешната мизерија со себе ќе донесе и делумно прочистување на пазарот- за жал меѓутоа дури за десет до 15 години“.