1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Криза на Блискиот Исток - Десетти ден

21 јули 2006

Израелската авијација продолжи да гаѓа цели во Либан , пред се во јужниот дел на главниот град Бејрут . Во судирите во текот на ноќта на либанско-израелската граница загинале 4 израелски војници и двајца борци на радикалната шиитска милиција .

https://p.dw.com/p/Ac4o
Фотографија: AP

Израел во меѓувреме излезе со тврдење дека досега уништил половина од борбените капацитети на Хезболах.

Но лидерот на милицијата , Шеик Хасан Насралах ги отфрли ваквите тврдења во обраќањето на арапската телевизија Ал Џазира.

Тој уште истакна дека Хезболах би можел да ја разгледа можноста за ослободување на двајцата израелски војници чие грабнување од страна на Хезболах ја предизвика кризата , во замена за припадници на радикалната милиција во израелските затвори.

Во северниот дел на Израел два израелски хеликоптери од типот Апачи се судриле во воздух. Еден од пилотите загинал а уште тројца членови на посадата биле повредени . Израелскиот министер за одбрана Амир Перец кој вчера беше во посета на северниот дел на земјата кој е на удар на ракетите на Хезболах истакна дека Израел би можел да спроведе и масовна копнена офанизава во Либан.

Инаку израелските воздушни напади предизвикуваат се поголем број жртви во Либан . Најголемиот дел од нив се цивили . Либанскиот премиер Фуат Сињора уште еднаш упати очајнички апел до меѓународната заедница да изврши притисок врз Израел да ги запре нападите:

Дали човечкиот живот во Либан вреди помалку отколку во другите земји . Може ли меѓународната заедница беспомошно да гледа како државата Израел спроведува жестока одмазда врз нас Дали таа ќе дозволи недолжни цивили , цркви , џамии , болници да бидат жртви на оваа војна – порача Сињора.

Во досегашната воена кампања на Израел загинале 312 лица во Либан .

Многу држави во меѓувреме продолжуваат со операциите за евекуација на нивните државјани од Либан . Американски маринци помогнаа во евакуацијата на 2000 граѓани на САД, што ќе продолжи и денеска. Околу 3500 германски државјани го напуштија Бејрут во конвои кои се упатуваат кон Сирија и Турција . Покрај во овие две земји , најголем број од странските државјани што се евакуираат по морски пат се упатуваат кон Кипар.