1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Кризна Грција станува пекол за имигрантите

Екарт Кирнер/ Симе Недевски9 декември 2012

Мачниот товар на кризата во Грција остава тешки последици. Во грчките градови се се‘ почести нападите врз странци. Многу жители во мигрантските населби веќе не се осмелуваат да излезат од своите домови.

https://p.dw.com/p/16r4f
Фотографија: Reuters

Мигрантите кои навечер шетаат во атинската населба Калитеа го ризикуваат својот живот. 15 до 20 мажи на мотори, облечени во црно и со кациги на главата, една вечер претепале момчиња од Египет, кои поради повредите се префрлени во болница.

„Тоа се случи токму овде. Ни пријде група од околу 10 мажи и ме прашаа од каде сум. Им одговорив дека сум Египќанец. Потоа од другата страна дојдоа моторџии. Потоа, единствено се сеќавам дека некој ме удри со метална шипка по вратот. По 3 дена се разбудив во болница“, раскажува Мукмас, доселеник од Египет.

Ловот на мигранти продолжи две вечери подоцна на познатиот Кипарски плоштад, само 50 метри понатаму.

Griechenland Illegale Einwanderer in Internierungslager in Kyprinos
Фотографија: AP

„Седевме пред кафулето. Одеднаш видовме 20 или 30 мажи. Носеа маски и кациги. Ги напаѓаа доселениците. Полицијата дојде брзо, но тие веќе го претепаа секој илегалец кој можеа да го дофатат.“

Атмосфера на погром во Ерму, најомилената улица за шопинг во Атина... Видео-снимка направена со мобилен телефон во 2010. година ја направи еден од учесниците на ловот на мигранти од Африка. Видеото го постави на Јутјуб.

Улогата на Златна Зора

Според податоците на невладините организации само во последните 3 месеци се случиле 500 расистички мотивирани напади, како на пример на станицата на атинското метро во јуни, каде жртва беше еден Пакистанец.

Многу сведоци сметаат дека нападите се поврзани со неофашистичката партија Chrisi Avgi односно „Златна зора“, која на почетокот на летото успеа да влезе во грчкиот парламент.

Насилство врз странците во Грција

„Постојат докази дека сторителите се поврзани со Златна зора, но никој не е осуден. Жртвите велат дека препознале некои од нив бидејќи биле активни во нивните делови од градот и соработувале со Златна зора или со други екстремисти“, вели Дафне Капетанаки од УНХЦР Атина.

Демонстрации на Златна зора на Термопили, на крајот на август. Овде во античко време Грците во легендарна битка ги победиле далеку понадмоќните Персијци. Додека предводникот на оваа неофашистичка партија со очигледно паравоена организација држи огнени говори против странците, некои од членовите без двоумење користат нацистички поздрав.

„Сакаме да ја исчистиме нашата татковина. Сакаме оваа земја да им припаѓа на Грците. Не сакаме сите тие Хасани, Мухамеди и Алии да останат жители на оваа земја“, порача тогаш претседателот на Златна Зора, Никос Михалолијакос.

Влијанието на Златна зора е се’ поголемо. Во грчкиот парламент имаат 18 пратеници. Анкетите покажуваат дека нивната популарност расте. Во мај ги поддржаа околу 7% избирачи, а есенва повеќе од 10% .

Потрагата во опкружувањето на Златна зора по организаторите на бруталните напади врз имигрантите засега останува без резултат. Полицијата тапка во место.

„Се’ уште сме во предистражна фаза. Грчката полиција сигурно нема да се откаже. Таа се придржува кон сите закони, и во случај на напад, се’ едно дали е тој расистички или не, испитува сведоци и бара докази. Нејзина цел е да ги фати сторителите и да го реши случајот“, вели портпаролот на грчката полиција, Христос Манурас.

„Нема ралика меѓу Кабул и Атина“

Полицијата наводно има симпатии кон радикално десната партија. Припадниците на специјалните единици спроведуваа голема акција против илегалните мигранти. Операцијата Ксенио Зевс - наречена е според старогрчкиот заштитник на гостољубивоста. Беа уапсени околу 2.000 бегалци без документи, и се подготвува нивно депортирање.

Во Грција живеат повеќе од 600.000 илегални имигранти, поголемиот дел од нив не е во можност да добие работа и документи. Криминалните и зделките со дрога се секојдневие во деловите на Атина кадешто живеат странци. Кај соседите Грци владеат страв и бес. Поради тоа се’ поголем број од нив единствен спас гледаат во екстремно десната Златна зора.

„Пред 10 години можевме да ја оставаме вратата од станот отворена. Децата си играа надвор. Денес имаме безбедносни брави, а мојата сопруга без мене веќе не излегува на улица.“, вели еден жител на Атина. Друг неговиот сограѓанин пак истакнува: „Не сум поддржувач на Златна зора, но тие очигледно имаат решение, иако е тоа насилно. Сметам дека тоа не е добро, но сепак сакаме проблемите да завршат.“

Griechenland Wahlen 2012 Nikolaos Michaloliakos
Претседателот на Златна Зора, Никос МихалолијакосФотографија: dapd

Меѓутоа, и многу доселеници веќе не се чувствуваат сигурно. Се претпоставува дека младиот Авганистанец Гулам бил претепан од десничарски екстремисти додека собирал отпад. Тоа беше пред повеќе од 6 недели.

„Во Авганистан морав некако да излезам на крај со талибанците. Мислев дека во Европа е посигурно. Но сега веќе не гледам разлика меѓу Кабул и Атина.“, вели Гулам.

Гулам веќе не излегува од станот, а растот на економските проблеми на многу Грци го зголемува и расизмот.