1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Кризна Шпанија бара спас во извозот

А.Мајер/С.Недевски17 февруари 2014

Шпанија со години страда од слабата економија. Во моментов таа вложува големи напори за излез од рецесијата. Експертите одамна порачуваат дека Шпанија треба повеќе да извезува. Многу фирми сега ја користат оваа шанса.

https://p.dw.com/p/1Anz5
Фотографија: picture-alliance/ZB

Од милкшејк, преку готови супи, па сѐ до средства за перење: Овие производи во различни земји, различно се пакуваат.

Фирмата „Меспак“ во Барселона произведува машини за таквите различни пакувања, 140 годишно. Тие чинат меѓу 100 илјади и еден милион евра. Во последните пет години околу една третина од машините „Меспак“ извезуваше во други европски земји. Потоа, вели генералниот директор Рејно ван Зајп, дојде еврокризата и побарувачката од соседните земји значително се намали. Шпанските фирми речиси воопшто не нарачуваат.

„Навистина не погоди дека во Шпанија во последните две години веќе немаше такви инвестиции. Затоа сега 100-процентно извезуваме“ , истакнува Ван Зајп.

„Меспак“ е само една од фирмите кои во последно време засилено извезуваат.

Многу шпански претпријатија така се обидуваат да излезат од кризата. Тоа го почувствува и пристаништето во Барселона. Од овде со бродови ширум светот се испраќаат автомобили, течности, нафта и гас, како и класични контејнери.

Долги години во ова пристаниште значително повеќе бродови се истоваруваа, отколку што се утоваруваа. Сега повторно одат повеќе контејнери за извоз. Во 2013. година извозот порасна за осум проценти.

Barcelona Stadtansicht Spanien Hafen Mittelmeer Tourismus
Пристаништето на БарселонаФотографија: picture alliance/dpa

А како што вели директорот за стратегија на пристаништето, Сантијаго Гарсиа Мила има и други показатели дека шпанската економија заздравува.

„Извозот расте, но очигледно и домашното производство, оти поради глобализацијата тука доаѓаат сѐ повеќе производи од други земји. И така расте и увозот. Очигледно зажувува како индустриското производство, така и потрошувачката. И тоа е многу позитивно“, вели Мила.

Значи, и други сметаат дека Шпанија повторно е на нагорен пат. Сѐ повеќе странски компании во меѓувреме инвестираат во натамошно проширување на пристаништето на Барселона.

Во „Меспак“ инженерите на „Проктер и Гембл“ тестираат машина за производство на пакување за средство за перење. Благодарение на такви долгорочни договори, бизнисот и натаму се одвива добро. Но раководство знае дека мора да направи нешто за побарувачката да остане голема, вели генералниот директор ван Зајп: „Најголем предизвик за технолошките претпријатија во Европа се иновациите. Ако не пронајдеме нешто ново, за пет години ќе имаме проблеми, зашто други земји можат поефтино да произведуваат. А тие се побрзи во копирањето, отколку ние во иновациите“

Многу економски експерти во Шпанија, но и во други европски земји, веќе долго време им поставуваат вакво барање на претпријатијата.