1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Кристијан Фос: „Компромисното име е вистинскиот пат“

16 март 2012

Професор Кристијан Фос, славист и познавач на македонскиот јазик за ДВ говори за компромисното име, потребата од смели политичари и неизвесноста што ја носат новите избори во Грција.

https://p.dw.com/p/14LPM
Фотографија: DW

ДВ: Професоре Фос, во Лајпциг учествувавте во дискусијата „Македонија меѓу европските интеграции и националниот аутизам“. Дали напорите на земјата да ги сочува името и идентитетот ги гледате како вид на нацинален аутизам?


Кристијан Фос: Формулацијата „национален аутизам“ беше резултат на обидот тука на Саемот да се привлече публиката со еден скокотлив наслов. Формулацијата не е од мене и јас ја гледам критички. Сега конкретно за македонската политика: кога гледаме што носи проектот Скопје 2014 , или антиквизацијата - култот кон Александар од последниве години, мора да се каже дека ова не е никаква конструктивна политика, туку политика која ја осилува, ја провоцира Грција и таа не е рационална.



ДВ: Оваа седмица во грчките медиуми имаше информации дека медијаторот Нимиц подготвува преоден предлог за името Горна Македонија, со кој државата во Чикаго би добила поканата за полноправно членство во НАТО. Дали едно преодно име е вистинската формула или повторно во игра се става националниот идентит?


Кристијан Фос: Ваквиот компромис го сметам за посакуван и добар пат. На почетокот на деведесеттите, во времето на Мицотакоис имаше такви компромисни решенија, композити Горна Македонија, Нова Македонија, Северна Македонија. Сметам дека за тоа би можело да има консензус, би можело да има компромис, и би помогнало Македонија да се одвои од митот за Александар. Така Македонија би била призната со тоа име Северна или Западна, но Македонија - без таа античка компонента. Впрочем имаме Вардарска, Егејска, Пиринска Македонија и затоа копромисното решение не би било вулгарно и не би ја фалсификувало историјата.

Leipziger Buchmesse Podiumsdiskussion
Македонија тема и на дискусијата на саемот на книгата во Лајпциг.Фотографија: DW



ДВ: Веќе неколку години Грција е во длабока економска криза. ЕУ е многу солидарна и се обидува да помогне. Но, кога е во прашање солидарноста на Грција во однос на проширувањето на ЕУ и македонските интеграции, Унијата е принципиелна: спорот со името е билатерален проблем. Зошто ЕУ нема интерес за Македонија?

Кростијан Фос: Оваа аргументација држи. ЕУ не може кон едни да е солидарна, а кон други не. Мора да се каже дека ЕУ е уморна да интервенира. Со Кипар прими еден проблем кој воопшто не може самата да го реши и затоа стана повнимателна. Затоа и задача на Грците и Македонците овој проблем самите да го решат.



ДВ: Европската комисија на стотината страници од извештајот за напредок ниту еднаш не го искористи терминот Македонија или македонски. Како славист и познавач на македонскиот јазик како го толкувате ова?

Кристијан Фос: Не можам да оценам дали станува збор за параноидно гледање дека ете ЕУ не не’ споменува или зад тоа стои навистина планирано и управувано јазично одбегнување на терминиот.

Mazedonien NATO Mazedonische Fahne und NATO Fahne
Дали Македонија ќе добие уште едно привремено име за полноправно членство во НАТО?Фотографија: DW/Petr Stojanowski



ДВ: Имате добар преглед на политиката меѓу Македонија и Грција. Какви политичари им се потребни на обете страни за брзо решение на спорот со името?

Кристијан Фос: Смели политичари. За Грција е така, ама сметам дека и за Македонија. За Грција можам да кажам дека двете големи народни партии (ПАСОК и Нова Демократија) го подгреваа овој конфликт, дозволија да ескалира и сега си префрлуваат дека доколку едната страна направи компромис би била предавник. По сиве овие години популистичка политика политичарите гледаат голема опасност да го изгубат образот доколку делуваат рационално. Значи: потребна е нова генерација смели луѓе кои не се оптоварени. Секако мора да се каже дека тоа е и шанса. Ние не знаеме што доаѓа по наредните избори. Знаеме дека народните партии ќе имаат големи загуби, центарот ќе експлодира на лево и на десно, и сигурен сум дека доколку екстремно левите или екстремно десните дојдат на власт - тие ќе се однесуваат уште понационалистички и поирационално во спорот со името.



ДВ: Според ова, нема да има скоро решение на спорот?

Кристијан Фос: Во 1995. година имаше едно меѓу решение. Македонија мораше да го смени знамето, што беше услов да се подигне грчкото ембаргото и под името ФИРОМ Македонија да може да делува на меѓународен план. Кога во 1995. некој би кажал дека и по 20 години конфликтот се’ уште нема да е решен, никој немаше да поверува. Затоа, ако сега кажеме дека проблемот можеби ќе го има и по 10-20 години, тогаш треба да се размисли и да се види дека времето само по себе проблемот нема да го реши. И двете страни мора да се придвижат, Европа и САД треба да притиснат. За мене еден композит, едно компромисно решение со двојно име Горна, Северна или Нова Македонија е вистинскиот пат.

Автор:Силвера Падори-Кленке

Редактор: Симе Недевски