1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Критиките за Болоњскиот процес се‘ погласни

12 март 2010

Пред десет години, европските министри за наука во италијанскиот град Болоња постигнаа согласност за воведување единствен европски високообразовен систем. Беше родена т.н. „Болоњска реформа“ која денес е критикувана

https://p.dw.com/p/MQx0

Болоњската реформа беше визија за студии без граници за преку 15 милиони студенти на повеќе од 5000 високообразовни институции ширум Европа. Денес критиката за овој реформски порцес станува се’ погласна, а студентите минатата година излегоа на протести. На две конференции во Виена и во Будимпешта министрите за наука од 46-те земји кои учествуваат во процесот сега разговараат за можностите реформата да биде подобрена.

Студентите се жалат

Поминаа десет години откако 29 министри за наука во Болоња донесоа одлука да формираат заеднички европски образовен простор: студирање без граници со усогласени структури и завршни дипломи. Идејата беше добра, нагласува германската министерка за образование Анете Шаван: „Таа се’ уште не сјае онолку колку што може, затоа што големиот реформски проект бара уште поголема кративност при неговото спрoведување.“

Deutschland Studenten Protest in Leipzig
Протестите на германските студенти имаат плод - се дискутира за начинот на организација на студиите и за организирање на испититеФотографија: AP

Конкретно, студентите се жалат дека студиите се претворени во училиште, има премногу материјал, премногу испити, а премалку практична примена. Многу работодавачи се на слично мислење и се’ уште не се убедени дека со првиот стадиум, Бечелор студиите, студентите добиваат доволно квалификации за извршување на некоја професија, што всушност треба да го овозможат. Оние што сакаат да продолжат со студиите, честопати имаат големи проблеми да добијат место за студирање. Студентите ширум Европа со месеци демонстрираа против Болоњската реформа. Министерката Шаван смета дека во Германија е направен чекор понапред: „Се дискутира за начинот на организација на студиите и за организирање на испитите. Мислам дека расположението е видно подобрено.“

Не е реализирана една од главните цели

За да се подобри квалитетот на високошколските образовни институции, министерката сака да инвестира две милијари евра дополнителни средства. Една од главните цели на Болоња се’ уште не е реализирана, имено мобилноста на студентите во Европа не е подобрена.

Demo gegen Konferenz zum Bologna Prozess
Демонстрации на студентите против Болоњскиот процес имаше во цела ЕвропаФотографија: Picture-alliance/dpa

„Но, зголемена е мобилноста надвор од Европа кон европските универзитети, тоа значи на другите континенти е разбуден интересот за европските универзитети.“

Се зголемува и бројот на земјите кои се вклучени во Болоњскиот процес. Во моментов се 46 на број, од Македонија до Норвешка, преку Франција до Русија. Сите тие, учествуваат на јубилејната конференција во Виена и Будимпешта на која ќе се извлече биланс за постигнатото. Германската министерка за образование Шаван, притоа, сака да потсети на една стара цел - имено на фундаменталните основи, односно 15 проценти од содржината на студиите треба да бидат општо знаење.

Автор: Лиоба Верелман / Александра Трајковска

Редактор: Елизабета Милошевска Фиданоска