1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Критики поради предлогот за воведување гранични контроли

Е. Милошевска Фиданоска (дапд, дпа, афп)21 април 2012

Германскиот министер за внатрешни работи Ханс-Петер Фридрих е мета на критики поради предлогот за повторно воведување гранични контроли во Шенгенскиот простор.

https://p.dw.com/p/14ipz
Фотографија: DW

Заедно со францускиот колега Клод Геан напиша писмо со барање за повторно воведување гранични контроли и веднаш се соочи со критики - германскиот министер за внатрешни работи Ханс-Петер Фридрих е соочен со обвинувања за популизам.

„Европа без гранични контроли и рампи беше сон на сите оние кои го почнаа европскиот процес на обединување. Не смееме сега се‘ да ставиме на коцка, а особено не заради мали изборно тактички добивки“, изјави денеска (21.04) шефот на германската дипломатија Гидо Вестервеле за магазинот „Фокус“.

И претседателот на Европскиот парламент Мартин Шулц го критикува Фридрих: „За чудните претстави околу национални гранични контроли нема да има мнозинство ни во Советот на ЕУ, ниту во Европскиот парламент“, изјави Шулц за „Пасауер ноје пресе“. Шулц претпоставува дека станува збор за изборен маневар во полза на францускиот претседател Никола Саркози. Освен тоа, според Шулц, предлогот е и нејасен. „Правото на Унијата не може да се укине со билатерална најава на двајца министри“, нагласи тој.

Islamkonferenz 2012 Hans-Peter Friedrich
Ханс-Петер Фридрих соочен со критикиФотографија: dapd

И шефицата на Зелените во Германија, Клаудија Рот, е на мислење дека предлогот на двајцата министри има за цел да ја поправи безизлезната состојба на Саркози пред изборите. Критика на сметка на Фридрих доаѓа и од редовите на Полицискиот синдикат. Претседателот на Синдикатот на полицијата Бернард Витхаут за „Хамбургер абендблат“ рече дека на тој начин ќе се загуби основниот смисол на ЕУ-договорот. По стапувањето во сила на Шенгенскиот договор ,на други работни места беа прераспоредени околу 10.000 граничари. „Тоа не може така едноставно да се врати во првобитна состојба, само кога ќе се смета дека има повод за такво нешто“, вели Витхаут.

Германскиот и францускиот министер за вантрешни работи, Ханс-Петер Фридрих и Клод Геан, во писмото од 17. април, на три страници бараат националните влади да имаат „можност за повторно воведување гранични контроли за период од 30 дена“. Дали за такво нешто се исполнети предусловите, одлучуваат самите влади. „Зидојче цајтунг“ вчера напиша дека предлогот би требало да се разгледува на средба на министрите за внатрешни работи, наредниот четврток (26.04). Одлуката, според весникот, би била донесена најрано во јуни.

Deutschland Polen Grenze frei Bus
Фотографија: AP