1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Бизнисот со сиромаштијата цути

Роберт Шварц
9 мај 2018

Во рација во Германија е разбиен синџир на криумчари на луѓе. Привлекувани и илегално вработувани во Германија биле главно молдавски граѓани.

https://p.dw.com/p/2xQ7k
Deutschland Schleuserrazzia in Hamburg
Фотографија: picture-alliance/dpa/Bundespolizei Pirna

Секогаш ист трик: организирани шверцерски банди на сиромашни луѓе во Молдавија им ветуваат добро платено работно место во ЕУ. Голем дел од овие луѓе ги оставаат семејствата и си ја бараат среќата во туѓина за да избегаат од ѓаволскиот круг од невработеност и ужасна сиромаштија. Често во Германија се намамувани од шверцерски банди, кои потоа бесрамно ги експлоатираат. Сега една од овие банди е разбиена.

Околу 800 полициски службеници во Хамбург, Бремен, Долна Саксонија и Саксонија Анхалт извршија претрес на станови и канцеларии и уапсија повеќе осомничени лица. Тие ја искористувале безизлезната ситуација на молдавски државјани, ги намамувале со лажни ветувања и потоа ги вработувале илегално. Со рацијата, меѓутоа, беше откриен пред сѐ илегалниот статус на Молдавците, кои работат главно под будното око на криумчарите. Повеќето од нив имале лажни или лошо фалсификувани романски лични карти, кои им биле дадени од страна на шверцерите.

Молдавските државјани смеат без виза да влезат во Шенгенскиот простор, значи и во Германија, и тука да се задржат до 90 дена. Но, да работат смеат само ако имаат важечка дозвола за работа. Со романски лични документи меѓутоа ги уживаат правата кои ги имаат ЕУ-граѓаните за слободно движење и работа во ЕУ.

Deutschland Schleuserrazzia in Hamburg
Еден од објектите во Хамбург каде што биле сместени шверцуваните луѓеФотографија: picture-alliance/dpa/B. Marks

Портпаролка на Обвинителството Линебург, кое е надлежно за случајот со откриените шверцери на луѓе, вели дека тројца главноосомничени се притворени. Се работи за двајца германски и еден руски државјанин. „Нашата постапка е насочена само против осомничените криумчари, а не против шверцуваните луѓе“, нагласи портпаролката во разговор за ДВ и додаде дека германските власти биле во тесен контакт со молдавските колеги во Кишињев. Повеќе детали не се даваат во интерес на истрагата.

Портпарол на сојузната полиција во Пирна за ДВ рече дека истрагата во Саксонија Анхалт е насочена и против лица кои имале контакти со локалната сцена на т.н. „Граѓани на рајхот“. Ваквата врска, меѓутоа, е повеќе случајна, оценува портпаролот. За илегално вработените Молдавци тој вели дека се лица кои биле експлоатирани со ниски плати и високи станарини. Сѐ уште нема сознанија дали дел од нив поседуваат легални романски лични документи. Досега се откриени само фалсификувани документи.

ПовеќеРепублика Молдавија: Еден век поделеност

Проблемот Молдавија

Moldau Rentner in einem Park in Chisinau
Од Молдавија во последните години се иселени околу еден милион граѓани - сите во потрага по подобар живот во странствоФотографија: DW/Y. Semenowa

Република Молдавија е најсиромашната земја во Европа. Мнозинството граѓани зборува романски (јазик на земјата), околу еден милион луѓе од историски причини имаат земено и државјанство на соседна Романија. Речиси една третина од граѓаните зборуваат руски. Според едно истражување, својата татковина во последните години ја напуштале по четворица Молдавци секој час, односно околу 100 дневно. Сите - во потрага по подобар живот во странство. Околу една третина од 3,5 милиони луѓе во Молдавија денес живеат под границата на сиромаштија.

Договорот со ЕУ за асоцијација од 2014 година малку ги подобри условите на живеење, но поранешната советска република е далеку од приближување до Унијата. Политички и економски нестабилна, во Молдавија главен збор имаат корупцијата и влијанието на моќните олигарси. На крајот на годинава во земјата треба да се одржат парламентарни избори. Прорускиот социјалистички претседател Игор Додон се надева на јасна победа на својата партија, која води во сите анкети. Владејачката проевропска коалиција е раскарана и стравува од исходот на изборите.