1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Куба - диктатура без диктатор

16 јули 2021

Куба е претворена во еден голем затвор на отворено, каде надвор од луксузните резорти и хотели владее општа мизерија и секоја нова криза ја претркува веќе постоечката криза. Пишува Ивор Мицковски

https://p.dw.com/p/3wYPb
Ivor Mickovski
Фотографија: Privat

Во која било друга земја на светот, дури и ситуацијата да беше помалку критична од онаа во Куба, општеството до сега ќе експлодираше. Но, во Куба не се случува револуција, туку токму тоа што една бирократска, неефикасна и диктаторска власт го заслужува. На штета на популарниот слоган на Фидел „Patria o Muerte“, денес протестантите извикуваат и пеат „Patria y Vida!“ Побуната е морална, ја руши хипокризијата на режимот и се чини дека историјата сепак ќе му суди на Фидел.

До вчера, властите во Хавана вината за масовните протести, најголеми од 1994-та година наваму, ја бараа кај Американците. Поточно кај Обама кој не го отстрани целосно ембаргото. Потоа дека е вина на Трамп, кој ембаргото и санкциите само ги прошири. Конечно, дека е вина на Бајден кој не ги повлече мерките на Трамп. Но, вистината е далеку поголема и од нејзе недостасува клучниот елемент: дека на Куба и понатаму владее диктатура.

На карибскиот архипелаг веќе 62 години недостасува слобода. И бидејќи слободата не се јаде, носталгичарите на комунизмот се убедени дека Кубанците излегуваат на улица затоа што во земјата нема ни кокошки, ни јајца, ни електрична енергија. Што пак е точно, како што е точно дека доколку Американците го отстранат ембаргото работите малку од малку би се подобриле, но и во тој случај - Куба пак би останала под власта на една неефикасна диктатура.

-претходни колумни од авторот:  Англија – „европски“ шампион?! 

Полошо од една диктатура е само кога таа ќе стане наследна. Но, полошо и од наследна диктатура е кога една диктатура ќе остане без диктатор. Токму тоа е грешката која Раул Кастро ја направи кога го постави апаратчикот Мигел Дијаз-Канел за претседател. Негова е грешката да ги врати сите оние институции кои токму кубанската револуција ги уништи, како што и негова е грешката да верува дека еден бирократ ќе има лидерски капацитет да спроведе социјален и политички континуитет во пост-револуционерната фаза на островот.

Фактот дека Дијаз-Канел после тепањето и апсењето на огладнетиот народ веќе вчера прифати автокритика за одговорностите на властите за економската криза и најави привремено укинување на царинските ограничувања на храната и лековите, кажува дека можеби властите конечно сфатиле колку ситуацијата е експлозивна. Но, да ги видиме системските причини за кубанската економска криза.

Првата е секако неефикасниот економски модел, но тоа секогаш била константата во тропскиот социјализам на Куба. Поголемата причина лежи секако во промените кои настануваат и во остатокот од јужната хемисфера. Кубанската економија е длабоко зависна од странство, секако погодена од повеќе децениското американско ембарго и од кризата на своите стратешки партнери, почнувајќи од Венецуела.

Потоа доаѓа тоталната неефикасност, неспособност и корумпираност на актуелното раководство некадарно да се соочи со прогресивното влошување на квалитетот на живот на островот. Конечниот удар и нокаут доаѓа со пандемијата, која го сруши туризмот и со тоа и основиот животен приход за Кубанците, а потоа и го закопа митот за ефикасниот здравствен систем на Куба. Здравствената сила на која Фидел беше толку многу горд, успеа да вакцинира само 5% од вкупната популација од 11 милиони. И тоа во контекст каде зборуваме за остров. Колку ли може да е комплицирано да се изолира една островска земја?! Наместо тоа, политичкото раководство до тој степен го изгуби компасот што ја отвори земјата, мислејќи дека сега е моментот Куба да се наметне како врвна туристичка дестинација.

-претходни колумни од авторот:Десницата ги прегрна левичарските политики

Еден од клучните проблеми на Куба лежи во дефицитот на платниот биланс. Една третина од кубанскиот увоз се состои од  нафтено гориво со потекло пред се од Венецуела, од каде до 2014-та Куба снабдуваше 90% од своите потреби, благодарение на договорот од 2000-та помеѓу Фидел Кастро и Хуго Чавез. Но, земјата е зависна и од увоз на машини за производство и телекомуникации кои ги добива од Кина, Шпанија и Канада. До 2018-та година увозот беше балансиран со извоз на здравствени и образовни услуги, преку 50% во Венецуела, и со масовниот туризам од САД.

Сега, американските санкции, особено проширените од страна на Трамп, заедно со последиците од пандемијата и кризата на Венецуела, ја уништија фрагилната економска рамнотежа која Куба ја уживаше. Минатата година Куба забележа пад во приходите од туризмот во висина од 52% споредбено со 2019-та година. Производството на шеќер, коj важи за примарно извозно добро, падна под историскиот минимум од почетокот на овој век. Дури и дознаките од странство, клучниот елемент за вбризгување странска валута во Куба, се намалија за 37% во споредба со 2019-та. Оттука лесно е за констатирање дека социјалните последици од сличен економски колапс се главната причина за најголемите протести во Куба од познатите „Malenconazo“ протести во 1994 година. Тогаш и самиот Фидел ќе излезе на улиците и ќе солидаризира со протестантите, како што Тито мудро се солидаризираше со студентите во 68-та. Но, денес не постои Фидел да ја смири ситуацијата која најчесто знаел и самиот да ја разбуричка.

За справување со кризата владата на Дијаз-Канел воведе серија на тешки мерки, менувајќи ја лани и историската бимонетарна политика и забранувајќи ја годинава употребата на американскиот долар за локални трансакции. Беше воведена минимална либерализација заедно со зголемување на платите од 500% во јануари месец. Зголемувањето на монетарната маса во пезоси заедно со пад во производството и фискалниот дефицит произведе еден речиси непознат феномен на островот: инфлација! Инфлацијата само го зголеми незадоволството кај народот. Надежта кај властите беше дека економијата би заздравила преку одмрзнување на односите со Вашингтон, враќање на меѓународниот туризам и пораст на цените кај суровините.

-претходни колумни од авторот: Бајден и Путин - успешна мисија

Но, ниту една од тие варијабили не зависи од Хавана и ниту една од нив не се оствари. На краток и среден рок, покрај разно-разните концесии кои Хавана ќе мора да ги направи кон протестантите, како намалување на државната контрола врз секојдневниот живот и подигнување на животниот стандард без да се откаже од централизацијата на моќта, Куба би морала да ги олабави односите со регионалните сојузници, со цел да ги зајакне со оние надвор од јужната хемисфера. Само така би можела да го одржи актуелниот систем, но и тука не постојат никакви гаранции.

Русија во 2014-та веќе отпиша 90% од кубанскиот долг во висина од 35 милијарди долари. Кина го направи истото во 2011 година, комплетно отпишувајќи долг од 6 милијарди долари. Помеѓу 2014-та и 2019-та Русија го дуплираше своето економско присуство на островот и се консолидираше како втор економски партнер по Венецуела, особено заинтересирана за локалната фармацевтска и хемиска индустрија. Но, ниту Русија, ниту Кина не се заинтересирани да ги купуваат медицинските и образовните услуги на Хавана, особено не по астрономските цени кои ги плаќа Каракас. Воедно, досието Куба е преголем геополитички залак на американскиот континент, особено поради високата политичка вредност која САД му ја придава на островот. Цената која би требало да се плати со цел да се поддржи Куба во антиамериканско својство, засега е превисока наспроти бенефициите кои би се извлекле. Ниту Москва, ниту Пекинг не се подготвени да загинат за Хавана.

Веќе 30 години, од падот на СССР, кубанскиот режим е во постојана состојба на реанимација. Којзнае, можеби и овој пат ќе се извадат. Мадуро во Венецуела веќе со години е на раб на пропаст, гладот кај народот е ист како оној во Куба, но полицијата, војската и нивните пендреци и понатаму си ја завршуваат валканата работа.

Кај кубанската дисидентска интелектуала во дијаспората се повеќе расте сомнежот дека и актуелните протести се завера на стариот и болен Раул Кастро кој со децении учеше од најдобриот од сите, од самиот Фидел. И не би било прв пат во историјата на Куба да испадне дека позади протестите стои раката на некој Кастро. Во исто време за прв пат во револуционерната историја на Куба се појавува опасноста од државен удар. Но, тоа не би бил воен удар како оној во Полска за време на Јарузелски или нешто слично на процесите во источна Европа по падот на комунизмот. Аналогиите малку вредат во случајот на Куба која спроведе своја автентична револуција и која има засебна историја.

Денес кубанските дисиденти и нивната емигрирана интелектуала се надеваат на воен удар како на најдобро нешто што би можело да се случи. Но, за разлика од времето на Студената војна, денешниот воен удар се заговара само со цел да се промени актуелното политичко раководство, а не за власта да се препушти на некаква си неизживеана контрареволуција. Денес најдоброто сценарио за Куба и за Кубанците е сами да пронајдат излез од актуелната политичка, социјална и економска криза.

Како и да е, тоа што во моментот се случува во Куба е здраво за кубанското општество. Очигледно е дека нивото на притисок во кубанското општество станува неиздржливо, а со тоа се повеќе станува неиздржлива и кубанската социјалистичка илузија. Нужна е промена и колку повеќе и побрзо таа дојде одвнатре, толку помалку некој ќе мора да делува однадвор. За таа цел мора конечно во Куба да падне и вечното алиби дека за се и за сенешто е виновна Америка. Тоа префрлување на одговорностите веќе е дотраено и излапено. Никој друг не е виновен што додека земјата страда од глад, недостаток на лекови и струја, политичкото раководство и понатаму е посветено на градење супер луксузни хотели за туристите. Никој од кубанските власти не запира со градењето на овие објекти со цел да пренасочи макар и мал дел од парите за да и ги олесни маките на локалната популација.

-претходни колумни од авторот: „Кинескиот вирус“ и американската „вистина“

Пројде веќе и романтичарскиот поглед кој важеше за Куба и кој ги славеше нивните медицински и спортски успеси, каде земјата беше обожувана заради народните танци и музиката, заради убавината на своите жени. Сега Куба е претворена во еден голем затвор на отворено, каде надвор од луксузните резорти и хотели владее општа мизерија и секоја нова криза ја претркува веќе постоечката криза.

Можеби најтешката задача во моментов е онаа за американскиот претседател. Смешни се толкувањата дека Америка стои зад овие протести. Се разбира дека има свое влијание во антикастризмот кој е хроничен, но најмалку што може Америка да посакува сега е пад на режимот кој би предивикал стотици илјадници бегалци на 100 милји од Флорида. Со миграциската криза од Мексико, Студената војна со Кина, хаосот во Хаити, поделеноста на Западот, на Америка најмалку и треба дополнителен хаос во сопственото двориште.

По морковот на Обама кој се отвори кон кубанската диктатура носејќи милиони американски туристи и стапот на Трамп, Куба не успеа да се промени, да намали со репресијата, да се отвори кон политичкиот плурализам, да престане со апсење на новинарите, уметниците и дисидентите. Ништо од тоа, ни со добро – ни со лошо, Куба не се откажува ниту од диктатурата, ниту од гладот кој го мачи народот. Сега тој проблем му припаѓа на Бајден кој се уште не знае дали да употреби морков или стап. Кубанскиот режим веќе 60 години сопствениот неуспех го правда со американското ембарго. Можеби е дојдено време тоа алиби да се тргне од равенката?!