1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Castro Kuba

Оливер Пипер20 февруари 2008

Што ќе се промени во карипскиот социјализам и во животот на 10 милиони Кубанци со заминувањето на големиот револуционер Фидел Кастро? Оливер Пипер ја коментира новонастанатата ситуација.

https://p.dw.com/p/DATG
Дефинитивна смена: Фидел и Раул КастроФотографија: AP
Фидел Кастро, една од големите политички личности на 20-от век, дефинитивно се повлече од политиката. Повлекувањето се одолговлече: започна во јули 2006-та, кога Кастро го снема од јавниот живот и вршењето на функциите му го препушти на својот помлад брат Раул. Фидел Кастро има 81-на година и е тешко болен - повлекувањето беше неизбежно. Камбио - промена, тоа е во моментов најчесто изговараниот збор на Куба. Промена сакаат пред се’ младите Кубанци, кои го знаат само Фидел, и сега неговиот брат Раул Кастро, како кубански претседател. Три четвртини од Кубанците се родени по револуцијата во 1959-та година. Со повлекувањто на Фидел се потхранува надежта за промени. Необично е што токму и во земјата на долгогодишниот непријател - САД, луѓето имаат иста надеж; волшебниот збор со кој демократскиот претседателски претендент Барак Обама ги привлекува луѓето на своја страна исто така гласи промена. Но, долг е патот до нова политика меѓу двете земји. Обама предизвика бура од негодувања со изјавата во една телевизиска дебата дека е подготвен на средба со политичките водачи на Куба, поради што соперничката Хилари Клинтон му префрли за наивност.
Куба претпазливо ќе се отвора, само не спрема САД
76-годишниот Раул Кастро, кој поради возраста може да биде означен како преоден претседател, ќе продолжи со постепеното отворање на Куба - на економски план или со доближување до ЕУ, но подобрување на односите со САД засега не е на дневен ред. А и не е можно, се’ додека е жив поранешниот „максимо лидер“. Фидел Кастро и натаму ќе дејствува од заднина и ќе ги објавува своите мудрости за светската политика во партискиот весник Гранма. Куба, фактички, има сосем други проблеми, на пример катастрофалното снабдување со основни средства за живот, или околноста дека Кубанците треба да го поминат месецот со просечно 30 евра, иако за живот им се потребни 80 евра. Тука е и заминувањето на млади, образовани Кубанци да си ја пробаат среќата во Мексико, САД или Европа. Куба има статус на земја во развој - за тоа е доволен поглед врз се’ повеќе руинираната Хавана. Значи, многу работа за Раул Кастро, кој сега треба и официјално да биде именуван за нов шеф на државата. Работата мора да биде извршена колку што е можно побргу. На 1-ви јануари наредната година Куба ќе ја слави 50-годишнината од револуцијата. Најдоцна тогаш новиот шеф ќе мора да покаже успеси, макар само конечно премин од чекање и затишје кон иднина, со промена колку и да е мала.