1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Кулминира насилството меѓу младите во Македонија

10 мај 2011

Измина еден месец откако македонската јавност ја бранува убиството на ученикот од средното училиште во Скопје. Се превземат ли превентивни мерки за намлување на бројот на инциденти во средните училишта?

https://p.dw.com/p/11Al7
Против насилството во училиштата
Против насилството во училиштатаФотографија: DW

Страстите полека како да се смируваат, но проблемот останува. Дека искоренувањето на непримерното однесување кај младите треба да биде приоритет зборуваат загрижувачките 14 инциденти кои се случија во изминативе 4 месеци, а кулминацијата беше убиството во дворот на средното- техничко училиште „Здравко Цветковски“ во Скопје.

Дали досега образовните институции во Македонија релативно лесно минуваа преку ваквите тешки проблеми? Во минатото имало укажувања. Едно од нив е од средното угостителко училиште „Лазар Танев“, низ проектот „Насилство во улилиште“, изработен во 2008-та година. Резултатите за состојбите биле поразителни.

Учениците од ова училиште денес за Дојче веле вака гледаат на зачестените инциденти: „Секаде се случува насилството, но најчесто е прикажано тоа што е во училиштата. Гледаме само физичко насилство, а психичкото е многу занемарено. Државата дозволила деца со поблага ретардација да учат во нормални училишта и тие се многу малтретирани, исмејувани. Има деца на кои тоа им е смешно и интересно да се изживуваат врз нив, да ги исмејуваат по ходници. Значи тоа дете трпи многу голема тортура и измачување“.

„И физичко и психичко насилство е присутно се’ повеќе и повеќе. Постојано наидуваме на разни тепачки не само во училиштата туку и надвор од нив, во јавните превози, во автобусите. Се тепаат со ученици од други училишта, најчесто од различна националност, постојано се придизвикуваат проблеми, се доаѓа со оружје, со ножеви и потоа настануваат проблеми со големи последици и повреди“.

Построги мерки?

Средното угостителко училиште „Лазар Танев“
Средното угостителко училиште „Лазар Танев“Фотографија: DW

На прашањето како да се спречи насилното однесување на младите во училиштата, но и надвор од нив, матурантите од „Лазар Танев“ размислуваат на следниов начин:

„Јас мислам дека треба премногу строги мерки. И најмал пропуст и тепачка да се случи, треба веднаш да бидат казнувани од институции, од педагози, психолози, директори со најстроги мерки. Сепак опомена од директор, од класен раководител не влијае“.

„Секој може да влезе во училиштево и тој што учи и тој што не учи. Никој не води никаква евиденција за тоа. Според мене тоа треба да се воведе како мерка, да се легитимираат учениците. Обезбедувањето според мене е како физичка појава тука и да се каже дека има обезбедување. Тоа не врши никаква функција.“

„Државата треба да превземе некои мерки. Таа треба да се залага да го намали тоа несогласување помеѓу етничките разлики. Потребно е да се направат кампањи и да се укаже дека тие разлики помеѓу нас не се току големи и дека ние сите можеме да бидеме сложни“.

Голема морална ерозија во општеството

Црната статистика е резултат на се поголемата морална ерозија во општеството вели министерот за образование и наука Никола Тодоров. Тој потенцира дека како превентива, пред една година е формиран комитет од универзитетски професори и експерти од оваа област за подигнување на воспитната компонента во образованието:

Министерот за образование и наука Никола Тодоров
Министерот за образование и наука Никола ТодоровФотографија: MIA

„Како резултат на работата на овој комитет се превземени повеќе мерки. Резултатот беа промените кои што ги извршивме во законите за средно и основно образование, со кои што предвидуваме т.н. родителски школи. Тоа е една од клучните мерки, која што ќе ја употребиме во борбата против ваквата состојба во општеството. Зошто, не само кај нас, веројатно во Европа и во светот е констатирано дека родителите се оние, кои што се клучниот елемент во воспитување и подигнување на децата, и во оневозможување на вакви немили настани“.

Поблиску до младите

Во една ваква состојба и улогата на училишните психолози е многу значајна. Психологот Валентина Белковска сугерира многу поголема блискост на релација родители- деца и наставници- ученици:

„За мене како училишен психолог е многу важно да им се доближиме сите ние возрасни не младите. Да бидеме што поблиску до нив, до нивните размислувања, до нивните потреби и секојдневие. Колку сме поблиску до младите, толку можеме подобро да ги разбереме. Сметам дека во овој период премногу возрасните се оддалечуваат од младите.“

Изостануваат превентивните мерки

Нора Шабани
Нора ШабаниФотографија: DW

Нора Шабани е вклучена во промовирање на програми на ран- детски развој на УНИЦЕФ. За неа воспитниот процес треба да започне многу рано во семејството, но потенцира дека и улогата на училиштата е од исклучителна важност. Таа истакнува дека недостасува одговорност и едукација на сите аспекти од општеството:

„Поддршката од семејството и училиштето е клучна. Во однос на тоа што значи превенција во училиштето- тоа е градење на еден сеопфатен пристап, на еден амбиент во училиштето, кој ќе ја поддржува позитивната комуникација. Ако зборуваме за превенција- таа треба да биде дел од се’ она што се случува во училиштето, да биде дел од наставата, од задолжителните предмите, од екстра курикуларните активности, од спортските активности и приредбите. Значи се’ она што се случува во училиштето“, вели Нора Шабани додавајќи дека проблемот постои подолго време, дека во изминатите четири месеци ситуацијата кулминирала, а превентивните мерки се’ уште изостануваат.

Автор: Владимир Калински

Редактор: Борис Георгиевски