1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Културата ги поврза Македонија и Грција

17 октомври 2009

Со презентација на книга и посета на грчкиот штанд, Македонија ја заокружи годинешнава, според министерството за култура и организаторите „Матица Македонска“, успешна презентација на Саемот на книгата во Франкфурт.

https://p.dw.com/p/K93n
Логото на македонскиот штанд во ФранкфуртФотографија: DW

Книгата „Македонскиот јазол“ на Ханс Лотар Штепан, поранешен германски амбасадор во Македонија, денеска напладне (17.10.09) им беше презентрирана на посетителите на македонскиот штанд на Саемот на книгата во Франкфурт. Во обраќањето пред присутните, авторот истакна дека со ова дело се обидел да ја расветли историјата на Република Македонија.

Лотар Штепан упати критика на сметка на големите европски сили и на саемот на книгата се наврати на спорот околу името меѓу Македонија и Грција. „Се поставуваат следниве прашања. Прво: зошто една држава како Грција си дозволува да ја уценува Република Македонија пред очите на целиот свет, наведувајќи историски погрешни факти. И повеќе од тоа, како може Грција да си дозволи да ја влече за нос целата Европска унија. Тоа може да се замисли, само ако зад тоа стојат посилните држави, на една ЕУ која за жал зазема страни,“ рече Лотар Штепен. Тој со поглед кон историјата на Балканот се прашува: Зошто по историскиот пресврт во Европа пред 20 години, кога беше преработена историјата на Европа, не се разврза и „македонскиот јазол“?

Македонскиот амбасадор во Германија Ѓорѓи Филипов, пак, на промоцијата подвлече дека ставовите на авторот Лотар Штепан се лични погледи на еден научник.

Преку културата меѓусебно се запознаваме

Mazedonischer Stand auf der Buchmesse in Frankfurt 2009
Од завршниот ден на саемот во ФранкфуртФотографија: DW

Покрај промоцијата на книгата, амбасадорот Филипов заедно со министерката за култура на Република Македонија, Елизабета Канчевска Милевска, ги посетија и штандот на Република Грција. Мнистерката Канчевска Милевска, за културната соработка меѓу двете држави за Дојче веле изјави: „Културата ја гледам како нешто што не поврзува едни со други, преку неа можеме да ги видиме различностите во културите, нешто што не прави единсвени, но и различни. Така ги спознаваме нивната култура, нивниот идентитет. Посетата на грчкиот штанд е навистина од големо значење за приближување помеѓу двете држави и за меѓусебната размена на култура,“ изјави Канчевска Милевска, која воедно ги посети и штандовите на другите балкански држави и соседи на Македонија.

Како конкретен проект од присуството на Македонија на Саемот на книгата во Франкфурт се издвојува договорената соработка за превод на делото „Проколната земја“ на Мирон Динков и „Нишан“ на Блаже Миновски на грчки јазик. За возврат двајца грчки автори ќе бидат преведени на македонски јазик.

Договорот треба да биде потпшан идниот месец, а делата на двајцата македонски автори на грчкиот пазар треба да се појават в година.

Со презентацијата на книгата на Франц Лотар Штепан, продлабочувањето на соработката со другите балкански земји, како и склучување контакти за откуп на авторски права со светски агенции и презентација на други меѓународни саеми, Македонија годинава организира успешен штанд во Франкфурт, како што оценува и Амбасадорот Ѓорѓи Филипов: „Ова е штанд достоен на една држава, во смисла на целосно културно претставување на Република Македонија, а не само на литературните дела,“ подвлече македонскиот амбасадор во Германија, Ѓорги Филипов.

Автор: Александра Трајковска

Редактор: Трајче Тосев