Културата и македонскиот идентитет

Зошто советниците на Заев не го советувале премиерот дека во оваа година е особено значајно министер за култура да биде личност со голема компетентност во културната сфера? Колумна на Кица Колбе.

Кога ќе се прочита Преспанскиот договор до последниот член, станува јасно дека во него е зацртана  неверојатно интензивна соработка помеѓу Република Северна Македонија и Република Грција во сите општествени области. Сите што стравуваа дека со тој договор се негира македонскиот идентитет, очигледно немале трпение или љубопитност да го прочитаат текстот до крај. За да стигнат до членот со кој се предвидува интензивна соработка и во сферата на културата. А од тоа ќе им станеше јасно дека културната соработка би ѝ го покажала на грчката јавност најубавиот доказ за македонскиот идентитет. Поучена од помирувањето помеѓу Германија и Франција, уверена сум дека соработката треба да почне токму во културата. Замислете си само каков настан би било кога некој македонски театар би ја играл „Антигона“ на Софокле во стариот театар под Акрополис во Атина - на македонски јазик! Или кога во амфитетарот под Самоиловите кули во Охрид некој солунски театар би ја играл „Лет во место“ на Горан Стефановски - на грчки! Секако, за да се оствари такво нешто е потребна умна програма и сериозна подготвка на проектите.  Но, и јасно сознание за тоа колку е важна македонската литература како потврда на македонскиот јазик. А македонскиот јазик е темелот на македонскиот идентитет. Тој, кој за многу националисти во Грција е сѐ уште камен за сопнување.

Културата како предмет на коалициски договори

Затоа зачудува како можело на премиерот Заев да не му е познато колку е значајна за промоцијата на македонската самобитност – не само во Грција, туку и во ЕУ -  токму културата? Верувам дека неговите советници се запознале со интегралниот текст на Преспанскиот договор. Зошто тие не го советувале дека во оваа година е особено значајно министер за култура да биде личност со голема компетентност во културната сфера? Притоа е помалку важно на која етничка заедница или партија тој би ѝ припаѓал. Важно ќе беше министерот за култура во оваа година да беше личност со сеопфатно познавање на македонската, на балканската и на европската култура. Тој требаше да има вистинска визија за културната соработка со ЕУ, со Грција и со Бугарија. Затоа што со тие две земји веќе започна процесот на историско помирување. Во недостиг од визија за значењето на културата, премиерот го занемари токму секторот култура, правејќи го предмет за коалициски договори. Притоа сета европска културна политика учи дека културата секогаш мора да стои над партиската калкулација. Културата е универзална и космополитска област, во која се надминува и политичкиот и етничкиот критериум. Во културата важи само принципот на извонредниот уметнички квалитет. Тоа обврзува и при изборот на министерот за култура. Тој мора да биде личност со голем културен, креативен или интелектуален авторитет. За да ги презентира со своето широко образование сите граѓани кои се  занимаваат со културата. Во најдобриот случај, тој треба да има вистинска визија за културата. Да имаше актуелниот министер за култура таква визија, тој во Преспанскиот договор ќе препознаеше успешна културна стратегија. Презентација на македонската култура во Грција би била најдобра легитимација на македонскиот национален идентитет. Таа би била драгоцена за македонското малцинство во Грција. Културната соработка може да помогне да се надмине и национализмот во двете земји.

Други колумни од авторката:

Грција и егејската приказна

Република Северна Македонија

Промоцијата на културата во Република Северна Македонија би била најдобата реклама за неа и во меѓународната политика. Токму сега, кога светот созна дека македонските граѓани, поради мирот и добрососедските  односи, го прифатија компромисот и го променија уставното име, станува уште позначајно да се исползува љубопитноста на светот, за да се презентира литературата, ликовната или филмската  уметност од Македонија. Ако досега блокадата од страна на Грција беше пречка за тоа, на пример, македонската литература да биде земја гостин на еден од големите саеми на книгата во Германија, сега таква пречка веќе не постои. Тоа, пак, нема да биде важно само за македонските писатели. Таква презентација на македонската литература би била  извонреден придонес за македонската надворешна политика. Германската надворешна политика, на пример, себеси се разбира и како постојана промоција на  германската култура. Таква улога немаат само германските институции како Гете-институтот. Германска политика како културна презентација ја застапуваат со својот личен пример и германските министри за надворешна работа. Особено активен во таа смисла беше актуелниот сојузен претседател Ханс- Валтер Штајнмајер, во времето кога тој беше министер за надворешни работи. Познато е дека тој еднаш го поканил германскиот писател Даниел Келман да биде негов специјален гостин на патувањето во Латинска Америка. Келман, имено, во романот „Премерувањето на светот“ пишува и за патувањата во Латинска Америка на прочуениот германски научник од 19-от век, Александер фон Хумболт. Со поканата на Даниел Келман,  Штајнмајер не се стекна само со симпатии кај германските уметници. Тој, исто така, им покажа на домаќините во латинскоамериканските земји дека германските врски со тој континент се многу стари. Литературата, имено, е најубавото културално паметење и највозбудливиот посредник меѓу световите.

Културата на една земја е нејзино културално паметење и историја

Затоа загрижува впечатокот дека  македонската политика не  е свесна за шансите што ги нуди културната политика. Иако, документ со стратегија за развој на културата до 1922-та постои. Но, очигледно нема доволно компетентни луѓе во Министерството за култура и во македонската Влада кои би можеле да почнат да ја реализираат. Иако постои координатор за национална култура, сепак, македонската култура не е ресор од особено значење. Зачудувачко сознание, ако се има предвид дека дури и на Никола Груевски му беше јасно колкава моќ има токму културата во промоцијата на националниот идентитет. За жал, неговата замисла за македонскиот идентитет беше проблематична. Што имаше катастрофални последици за урбанистичката слика на Скопје. Меѓутоа, кога една земја како Македонија, која три децении била изложена на негирањето на нејзиниот национален идентитет, токму во мигот кога еуфорично го најавува почетокот на пристапните преговори со ЕУ, истовремено не е свесна колку за нејзината промоција во европски контекст е значајна токму културата, тогаш тоа е сериозен проблем.

„Знаете, за мене, како познавач на лингвистиката и словенската литература, најсилниот доказ за постоењето на македонската нација е токму нејзината богата литература“, ми рече во една пригода еден стар германски универзитетски професор по хрватски јазик и литература во Гетинген. Тој бил студент по славистика кога по Втората светска војна беше кодифициран македонскиот јазик. Уште паметеше колку тогаш биле скептични некои од неговите професори во однос на иднината на првата македонска република – НР Македонија. „Напротив,“ рече тој, „иднината покажа дека на тој македонски јазик беше создадена извонредна литература. За толку кусо време! И тоа во сите литературни жанрови. Имав впечаток дека Македонците небаре само чекаа да смеат да пишуваат на мајчиниот јазик. И создадоа неверојатно богато литературно творештво.“ Разговорот го водевме во април 2008-та, на еден прием во Загреб, по повод првата посета на сојузниот германски претседател Хорст Келер на Хрватска и на Македонија. Професорот по хрватска литература од Гетинген и јас, македонската писателка од Келн, бевме специјални гости на германскиот претседател на тоа патување. На приемот беше присутна и тогашната хрватска министерка за култура. Таа раскажуваше колку била важна промоцијата на Хрватска на патот кон ЕУ и со помош на литературата. Нејзе ѝ беше јасно дека културата на една земја е нејзината творечка физиономија, нејзиното културално паметење и историја. Пристапните преговори Хрватите ги беа започнале во 2005-тата. Хрватското министерство тогаш веднаш започна со големиот културен проект. Во март 2008-та, на Саемот на книгата во Лајпциг, земја-гостин беше токму Хрватска и нејзината литература. Следните три години хрватски автори гостуваа на Саемот на книгата во Лајпциг, а германски на тој во Пула. Литературата е најдобрата промоција на една земја во светот, рече министерката. Навистина е така. Читателите ја внесуваат земјата на авторот во својот приватен свет – читајќи ја книгата. Хрватското министерство за култура беше свесно колку за успешноста на таков проект се важни одлични преводи на германски. Затоа беа ангажирани преведувачи од хрватски на германски во  Германија. Тоа значи, преведувачи на кои германскиот јазик им е мајчин јазик, но, истовремено, извонредно го познаваат и хрватскиот.

Мора да се извлечат поуки

Што се случуваше во тоа време, пролетта 2008-та, во Македонија, која, исто така, беше кандидат за прием во ЕУ? Македонските политичари во културната политика тогаш почнаа да сонуваат еден поинаков сон од оној на хрватското министерство за култура. Во Македонија не беше сонуван европскиот, туку античко-македонскиот сон, кој заврши во „антиквизацијата“ и во „Скопје 2014“. Колку беше апсурден и регресивен проектот на владата на Никола Груевски да го легитимира македонскиот културен и национален идентитет повикувајќи се на хеленистичкото наследство, станува јасно кога тој ќе се спореди со проектот на промоцијата на хрватската литература пред европската  културна јавност. Да постоеше навистина европска свест во владата на Груевски, тогаш со милионите со кои Скопје стана симбол за кич, ќе можеше да се финансира најдобрата презентација на македонската култура во ЕУ. Од кошмарот што го остави во културната сфера владеењето на Груевски би требало да извлече поука актуелната македонска влада. И да започне што побрзо со сериозна консолидација на секторот култура - во политиката и во сета македонска јавност. Ако тоа не го стори, таа тогаш ќе пропушти драгоцени шанси за промоција на Република Северна Македонија во соседството и во светот.

Теми

Следете нѐ