1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Културата на Балканот е како гума за џвакање

24 септември 2010

Утре (25.09.2010) завршува 10. Берлински книжевен фестивал, во чиј фокус беше литературата на Балканот. Покрај претставувањето на поети и писатели, се дискутираше и за проблемите во културното секојдневие во регионот.

https://p.dw.com/p/PKJW
Тркалезната маса „Културната иднина на Балканот“Фотографија: DW

„Културата ги урива границите, ги спојува или разделува народите“, беше празната и манипулативна флоскула на комунистичкиот режим, која за жал денес неретко ја употребува и Европската заедница, смета хрватската писателка Дубравка Угрешиќ. Таа во 1993 одлучи да го напушти Загреб и животот да го продолжи во Амстердам. Угрешиќ смета дека европскиот идеолошки пазар инсистира на проблемите на идентитетот, истакнувајќи дека секој мора да знае кој е и што е.

Новите елити - проблем за културниот развој на Балканот

Хрватската авторка на публиката во Берлин им објасни дека за убиствата и кавгата на бившите југословенски народи се обвинети писателите, културите и културните разлики, а притоа никој никогаш во последните 15 години не го поставил прашањето дали за војната се виновни крадците и убијците.

Dubravka Ugresic
Хрватската писателка Дубравка УгрешиќФотографија: DW

„Гледате дека културата е гума за џвакање која може да се растегнува вака или онака и еден празен простор во кој се вчитува се’ и сешто. Културата има некои други задачи, а не дипломатски. Политичарите и крадците сакаат сите свои работи, па така и дипломатските, да ги префрлат на културата, бидејќи самите не знаат да го решаваат тоа. Тие се занимаваат со други, далеку попрофитабилни, нешта“, вели таа.

Albanien Diskussion Mauerfall 20 Jahre Danach
Српската писателка Борка ПавичевиќФотографија: DW

Проблемот на земјите од Балканот и она по што се разликуваат од другите источни држави во транзиција се новите елити создадени со војните. Тој нов круг луѓе, без оглед дали станува збор за Србин, Хрват, Македонец, Босанец или Албанец, со војната и парите ја презеде власта, коментираше српската писателка Борка Павичевиќ. Таа оценува дека мнозинството припадници на таа нова елита не знае како да ги извлече стручните, менталните, политичките и државните капацитети за да ја води земјата на компетентен начин.

„Е сега, тие елити кои се така направени, всушност не знаат што да прават со тие земји што ги добиле“, вели Павичевиќ.

Аматерска култура владее на Балканот

Logo Internationales Literaturfestival Berlin
Логото на Литературниот фестивал во Берлин

Беќ Цуфај, косовски книжевник и новинар кој денес живее и работи во Штутгарт, смета дека по сите војни е рано да се говори за иднината на културата на Балканот. Мора да мине уште долго време за да се говори за култура која во иднина би преземала улога во меѓусебното спојување и помирување, смета Цуфај, според кого на Балканот во моментов владее „аматерска култура“:

„ Денес да се биде културен работник е сосема поинаку отколку во времето на Југославија. Да се биде човек од културата денес значи дека мораш да имаш невладина организација и весник и работа како професор.“

Автор: Селма Филиповиќ / Симе Недевски

Редактор: Елизабета Милошевска Фиданоска