1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Егејскиот оркестар за свадби

5 јули 2021

Секоја свадба започнуваше со тивкиот, скришен плач на „публиката”, на стариците и старците, седнати крај ѕидот. А завршуваше со силно липање... Пишува Кица Колбе

https://p.dw.com/p/3w1nw
Kica Kolbe mazedonische Schriftstellerin und Philosophin
Фотографија: Privat

Паметам свадби со оркестар во егејските гета во Автокоманда или Мичурин само од средината на педесеттите. Во првите години по бегството, во животот на нашите родители силно владееше траумата од Граѓанската војна во Грција. Немаше егејска фамилија која не беше во жалост. Секако, доколку имаше среќа најголемиот број од неа да беа пребегале заедно преку грчко-југословенската граница во Македонија. Старците и стариците, нашите баби, носеа до смртта црнина. Но и младите вдовици, на возраст од само дваесетина години, долго носеа црнина. На малкуте фотографии од првите свадби во егејското гето во Автокоманда, половината од жените се облечени во црнина. Тоа уште повеќе ја истакнува белината на невестинскиот фустан, симболот на новиот почеток на животот зад границата со Грција. 

Затоа веднаш по 1949-тата, кога тие уште живееја во бегалскиот логор во Браилово или во распаднатите куќи во македонските села, никој не помислуваше на песна и музика. Не паметам некој од мајките во бегалската барака да им пееше приспивна песна на децата. Животот во егејското гето во Скопје, во кое пораснав, беше долго нем - без песна, без музика. Првото радио го имаше една фамилија, чиј син во Граѓанската војна беше ранет и се лекуваше во болница во Војводина. Кога се прибра кај родителите во Скопје, тој со себе донесе старо радио. Потоа тоа стана реквизит за „кадросување“ во егејското гето. Среде полето крај бегалската барака се изнесуваше нечија маса. Некој од комшиите позајмуваше чаршаф, а врз него се ставаше радиото. На неколку семејни фотографии од тоа време врз радиото има и украсна тиква. Затоа што јас и сестра ми, на возраст од две и четори години, сме биле многу малечки за кадарот со маса сред полето, не‘ качуваа и нас врз неа, крај радиото. Тие фотографии потоа им се испраќаа на роднините во Русија, во Романија или во Полска. За да видат роднините дека животот на пребеганите во Југославија веќе е богат, затоа што имаат маса и радио.

„Бапчорскиот круг“ во Автокоманда

Посилен од тагата по починатите беше само уште копнежот по тие кои војната ги растури низ цела источна Европа и во Советскиот сојуз. Моите родители, кои се земаа 1951-тата, во времето на „точките” за храна и облека, не веруваа дека ќе има време кога на свадбите ќе се веселат со музиката на прочуениот егејски оркестар. Тие имаа пари само за една фотографија од „армасвањето“ во Башино село, но не и од стапувањето во брак, на кое биле само тие и двајцата сведоци. Во декември 1955-тата, јас и сестра ми првпат чувме звук на гајда во бегалската барака. Еден комшија му откри на тетин ни Ѓорги, организаторот на првата бегалска новогодишна прослава, дека тој од „дома”, од Попожени, ја понесол и гајдата, а овој веднаш му ја додели улогата на музичар. Од страв пред писокот на гајдата, јас и сестра ми, единствените деца, се криевме под креветите. Знаевме дека мора да се случува нешто страшно, затоа што бабите и вдовиците во црнина веднаш почнаа да плачат кога младите се фатија на оро. Тоа беше првото оро во нивниот бегалски живот.

Неколку години подоцна егејските свадби се одржуваа во големиот „бапчорски круг“, во Автокоманда. Така се викаше големиот двор, окружен со ниски куќи, крај старото џаде, бизу пазарот. Во десетината трошни ниски куќарки најдоа покрив над глава повеќе бапчорски фамилии. На свадбите во тоа „гумно“ старите жени седеа неподвижно крај ѕидот, како да беа црни камени споменици на тагата. Затоа моите спомени на егејскиот оркестар за свадби повеќе се полни со тага и страв, а помалку со радост. На свадбата на тетка ни Лозана во Автокоманда ми се чинеше дека сите плачеа. И тие што играа и тие што не играа. Единствените радосни лица беа тие на невестата и на младоженецот. Тој штотуку се беше вратил од неколкуте години логор во Албанија.

Звукот на „клариното“

Егејскиот оркестар имаше посебна боја, која денес ја препознавам во музиката на источноевропските Евреи. Во егејскиот оркестар секогаш имаше два кларинета, труба и тапани, но некогаш и саксофон. Труба или „ж‘лта“, а и кларинет или „кларино”, како што велеа роднините, на свадбите во Автокоманда свиреше   бапчорецот Танас Низамов, „Низамо“, трет братучед на дедо ми по мајка. Ми се чинеше дека секоја година егејскиот оркестар стануваше се‘ погласен, а гостите се‘ побројни. Иако во писокот на „клариното” егејските деца како мене, се‘ до средината  на шеесеттите, ја слушаа само тагата на родителите по „дома“ – како лелек од болка. Таму, зад границата со Грција, во Бапчор и Овчарани, во Д‘мбени и Нестрам, во Костур, Воден и Лерин, за нив беше останал вистинскиот живот. Можеби затоа од средината на педесеттите ората стануваа се‘ побројни. Во бапчорското гумно во Автокоманда тогаш се редеа неколку низи оро, една крај друга. Моите егејски роднини во тој миг беа навистина повторно во своите гумна „дома”, во Егејска Македонија. Затоа нам, на нивните деца, ни се чинеше дека тие на свадбите ја забораваа реалноста. Само што ќе го чуеја звукот на „клариното”, скокнуваа веднаш да се фатат на оро. И цел ден играа со таква предаденост, што ми се чинеше дека трепери земјата под нив. Егејскиот оркестар за свадби ним им создаваше чувство дека ништо не е изгубено. Дека додека трае музиката се‘ е со нив – животот што го напуштија и оној што само што започна во бегалството.

Musik Instrumente Klarinette
Кларинетот - задолжителен составен дел на егејските оркестриФотографија: picture alliance/Paul Mayall

Секоја свадба започнуваше со тивкиот, скришен плач на „публиката”, на стариците и старците, седнати крај ѕидот. А завршуваше со силното липање, со криковите на некој од младите мажи, кај кого музиката и ракијата одеднаш ја беа разбудиле  траумата од војната. Тогаш тој се прпелкаше на земјата, во правот што го креваа  другите гости, кои уште френетично скокаа на орото. Ми се чинеше дека не само топотот од нозете, туку и музиката на оркестарот во тој миг стануваше уште посилна, само за да го надгласаат лелекот на оној кој, легнат на земјата, ги повикуваше имињата на своите загинати браќа и сестри, соборци во партизанството. А околу него се создаваше нов, малечок круг од домаќините. Тие го успокојуваа, дури да стигне Брзата помош. Драмата која се случуваше во заднината на егејските свадби не ја забележуваа „тукашните“, комшиите во Автокоманда, кои редовно ги следеа егејските свадби. Тие им се восхитуваа на младите жени и мажи, облечени во облеката од пакетите од Америка, како играат со силна жар, небаре беа во транс. И веруваа дека мора да се многу среќни. Не знаеја „тукашните” во публиката дека токму силината на желбата да се заборават во музиката на егејскиот оркестар беше јасниот знак за траумата и тагата на „Егејците“.

Други колумни од авторката:

Балканот и бегалските приказни

„Светот ќе го спаси убавината“

Припадност и „дома“ - за мајка ми

Музиката е посилна од политиката

Егејскиот оркестар замолкна кога свадбите почнаа да се слават во хотелите и рестораните, на крајот на седумдесеттите. Тогаш звукот на „клариното” и на „ж‘лтата” можеше да се слушне на радиото и на телевизијата, како придружба на првите настапи на пејачките групи „Бапчорки“, „Воденки“ и „Костурчанки“. И додека во егејскиот оркестар беа само мажи, во овие групи пееја само егејските жени. Тие некогашни млади девојки, кои долги години на свадбите беа неми за песната. Тие на средовечна возраст собраа храброст да ги испеат песните на својата младост во Егејска Македонија. Мајка ми, Лета Барџиева, имаше несекојдневен глас и паметење. Таа ги беше запаметила мелодиите на неколку десетици песни од Бапчор. Првата песна што и‘ ја испеа на Фана Мартинова, за таа да ја сними на магнетофон и да ја предаде во музичката редакција на Радио Скопје, беше токму денес легендарната „Шеќерна“. Со таа песна започнувале свадбите во Бапчор. Песните од Егејска Македонија ги спасија токму овие прочуени пејачки групи. Тие денес се драгоцен дел од македонското музичко наследство. Песната на „Бапчорките“, „Твојте очи, Лено мори“ или „Апсана ме кладе“ денес во нов аранжман ги пее „Љубојна.

Генерацијата на нашите егејски родители полека си замина од овој свет. Иако за најголемиот дел од нив до смртта не се оствари копнежот, слободно да можат да патуваат во Грција, песните на „Бапчорките“ и „Костурчанките“ и музиката на егејскиот оркестар за свадби „одамна“ ја има преминато грчко-македонската граница. Во годината кога почина мајка ми, музичарот Дине Донев, потомокот на егејските Македонци во Грција кој одамна живее во Германија, свиреше во сличен оркестар како оној од егејските свадби. Тој ја придружуваше грчката пејачка Савина Јанату на концертот во келнската филхармонија. „Ќе има и ора и песни како на егејските свадби“, ми напиша Дине, канејќи ме на концертот. Тој не знаеше дека во месеците по смртта на мајка ми јас постојано бев во „штимунгот“ од тага и копнеж кој владееше на егејските свадби. Немав сила да одам на концертот. Се сретнав со Дине на едно кафе во хотелот во Келн, каде што тој ме запозна со Савина Јанату. Нејзе и‘ раскажав за мајка ми, за нејзините песни од младоста во Бапчор. Се договоривме еден ден таа да испее една од песните на мајка ми на концерт во Атина. Иако не отидов на концертот, таа вечер јасно го слушав таговниот лелек на „клариното“ и на „ж‘лтата“. И чудесниот глас на мајка ми! Тој одекнуваше над сите балкански граници. Стигна сѐ до келнската филхармонија, прозвучувајќи и низ гласот на Савина Јанату. Музиката е посилна не само од политиката, туку и од разорната сила на војните, си велев во себе, повикувајќи ги во умот ликовите на моите егејски роднини, разиграни во орото на свадбите во егејското гето во Автокоманда.

Kica Kolbe mazedonische Schriftstellerin und Philosophin
Кица Колбе Филозофина и македонска и германска писателка.