1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Културен календар за август 2010

1 август 2010

Kултурата не одмора ни во лето. Напротив, бројни фестивали на музика, филм, уметност и други занимливи настани следуваат токму во август. ДВ ги презентира културните случувања во Германија и во Европа во август 2010.

https://p.dw.com/p/OWP7
Фотографија: BilderBox

Салцбуршки фестивал

Kulturkalender August: Salzburger Festspiele, Jedermann, Ben Becker als Tod
Сцена од претставата „Секој“ со која традиционално се отвора Салцбуршкиот фестивалФотографија: Clärchen Baus-Mattar & Matthias Baus

Фестивалот во Салцбург повикува! И сите доаѓаат! Од 1920 година наваму, постои „Меѓународниот Салцбуршки фестивал“. Речиси 30 години таму дејствуваше композиторот Херберт фон Карајан, кој во голема мера придонесе за славата на фестивалот. По повод 90. јубилеј, директорот на фестивалот Јирген Филм носи две женски ѕвезди на класичната музика: руската оперска дива Ана Нетребко оваа година настапува во новата поставка на „Ромео и Јулија“, а актерката Биргит Минихмајр дебитира во театарската претставата „Секој“ на Хуго фон Хофманштал . Со оваа трагедија за смртта на еден богат човек традиционално се отвора фестивалот.

Вкупно 180 различни приредби-концерти, театарски, оперски и балетски изведби стојат на програмата на фестивалот од 25 јули до 31 август.

Музичкиот фестивал во Шлезвиг Холштајн

Kulturkalender August: Affabre Concinui, The Polish Chamber Singers
Полскиот камерен состав Афабре Концинуи ќе настапи на Музичкиот фестивал во Шлезвиг ХолштајнФотографија: Kanapee Künstlerbüro

Во германската покраина Шлезвиг Холштајн годинава 25. јубилеј го слави еден од најголемите фестивали на класична музика. Во текот на цел август, класична музика ќе се свири во дворци, цркви, но и во необични места - аеродроми и индустриски сали. На 15 август има и една посебна закуска: oсновачот на фестивалот Јустус Франц и неговиот поранешен дует-партнер Кристоф Ешенбах заедно ќе го свират Моцарт. Полска, пак, е земјата која е во фокусот на фестивалот. Во таа насока, не само што ќе може да се чуе националната полска опера „Халка“, компонирана во 19 век од Станислав Моњушко, туку за првпат на германската сцена ќе настапат извонредни џез-пијанисти и камерни оркестри од Полска.

Фестивал на уметноста во Вајмар

Kulturkalender August: Kunstfest Weimar
Вајмар плени навечерФотографија: Maik Schuck

На 20 август започнува „пелеринагес“ фестивалот на уметност во Вајмар. „Пелеринагес“ значи аџилак, зашто уметноста е секогаш во движење, на пат кон нешто ново. Нике Вагнер, една од правнуките на прочуениот композитор Рихард Вагнер, го основаше фестивалот во 2004 година, свесно далеку од големите центри на уметност. Во меѓувреме, тој си осигура цврста позиција во фестивалскиот пејсаж во доцното лето во Германија. Во рамките на тринеделната програма доминира музиката. Мотото оваа година гласи: „ Луди светла“ - според едно дело за пијано на Франц Лист, патронот на уметничкиот фестивал во Вајмар.

Покрај тоа, на 28 август во Вајмар ќе биде врачен медалот „Гете“. Оваа награда која го носи името на еден од најголемите германски писатели им се доделува на луѓе кои во посебна мерка се ангажираат за германскиот јазик и за меѓународните културни односи. Оваа година наградата ја добиваат унгарската философка Агнес Хелер, преведувачот Фуад Рифка и американскиот истражувач Џон Спалек.

Филмски фестивал во Локарно

Flash-Galerie Ernst Lubitsch Retrospektive Filmfestival Locarno 2010
Сцена од филмот „Да се биде или не“ на Ернст ЛубичФотографија: DR

Во Локарно се чувствува расположението на летните одмори. Швајцарскиот филмски фестивал во Локарно на езерото Маџоре е место за средба на повеќејазичноста и привлекува италијански, германски и француски синеасти. Во Локарно гламурот не е во преден план, но затоа предничат извонредните ретроспективи на пресвртниците во филмската уметност. Оваа година се’ се врти околу Ернст Лубич, германско-американскиот актер и режисер. Тој, во 20-тите години на минатиот век, се пресели во Холивуд. Лубич е познат пред се’ по филмовите како пародијата на нацизмот „Да се биде или не“ или мјузиклот „Веселата вдовица“. И уште нешто. Посетителите на фестивалот можат во текот на денот да се капат во езерото Маџоре, а навечер со „оладена“ глава да гледаат филмови.

Биенале на архитектурата во Венеција

Kulturkalender August: Biennale Venedig, Deutscher Pavillon, Visualisierung Spiegelkabinett
Нацрт за германскиот штанд на Биеналето на архитектурата во ВенецијаФотографија: Die Walverwandtschaften München, Zürich, Boston

Годинава на Биеналето на архитектурата во Венеција, од 29 август до 21 ноември, повторно се презентираат најдобрите архитекти и урбанисти во светот. Едно архитектонско биро од Минхен го поставува германскиот штанд на 12. Биенале во Венеција. Кордула Рау, Оле В. Фишер и Еберхард Трегер од бирото „вал Вервандшафт“ сакаат со нивниот концепт „Копнеж“ да ги презентираат емоционалните, интимните и чувствените аспекти на архитектурата односно градбите во кои се отсликува колективниот копнеж. И како Венеција да не е доволно град од копнежите, на изложбата на германскиот штанд може да се види еден тридимензионален портрет на германската архитектура, меѓу историските архитектонски форми и современите градби.

Германски денови на пешачењето

Symbolfoto Gebirgswandern
Фотографија: picture-alliance/dpa

Пешачењето е меракот на мелничарот. Така вели една позната германска народна песна. Дали притоа се работи за една типично германска карактеристика, мислењата се поделени. Едно е сигурно: пешачењето е „ин“. Се‘ едно дали станува збор за долга семејна прошетка или за спорт. Можностите за тоа во Германија се разновидни: планински пејсажи, плиткото морско крајбрежје, шуми и езера. Колку и како притоа ќе се пешачи е прашање на кондицијата и на вкусот. Во секој случај, од 5 до 9 август ќе се пешачи многу, зашто во овој период се традиционалните Германски денови на пешачењето.

Автор: Сабине Елце / Симе Недевски

Редактор: Елизабета Милошевска Фиданоска