1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Културен календар

30 јуни 2011

За време на летниот распуст многумина Германци патуваат во странство, но исто така се исплати и да останат во Германија. Изложбите и фестивалите привлекуваат посетители од целиот свет со атрактивни културни програми...

https://p.dw.com/p/11lQO
Фотографија: dapd

Среќен роденден Гете!

60 Jahre Goethe-Institut
Гете во Того: работата во Африка во 21 век повторно доби поголемо значење.Фотографија: Goethe-Institut / Michael Friedel

60 години Гете институт, 60 години германска културна работа – за тоа ќе се наздрави на 5 јули, во уметничката галерија во Културниот форум во Берлин. Ќе има голема забава, внатре за поканетите гости, а надвор во киното под отворено небо за сите оние кои сакаат да дојдат. Јубилеите не се само причина за славење, туку и добар повод да се потсетиме на почетоците, во овој случај во 1951 година, во времето по Втората светска војна. Тогаш примарната задача на Гете институтот пред се’ се состоеше во тоа да врши обука на странски наставници по германски јазик во Германија. Но, последователно му се приклучуваа германските културни институции активни во странство. На почетокот од седумдесетите години, надворешната културна политика, покрај политичките и економските односи, стана третиот столб на германската надворешна политика. Денес Гете институтот е еден од најголемите културни институти во светот, со 150 претставништва во 93 земји, илјадници културни манифестации и милиони луѓе кои го изучуваат германскиот јазик. Неодамна повторно беше отворено претставништвото на Кипар, во Никозија.


Увид во светот на медиумите



Веќе неколку години во меѓународни рамки се зборува за изумирање на весниците. Не е мал бројот на оние кои предвидуваат крај за печатените дневни весници, оти конкуренцијата од интернетот е многу голема, како и финансискиот притисок врз издавачките куќи. Но, каде води тоа? Кои се медиумите на иднината, и какви беа почетоците на денешниот, понекогаш хаотичен, медиумски сектор? Одговорот на вакви прашања се обидува да го најде меѓународниот музеј за весници во градот Ахен, кој на 8 јули приредува големо повторно отворање. Тој е основан на крајот од 19 век од Оскар фон Форкенбек. Тој на неговите многубројни патувања собрал илјадници меѓународни весници и со тоа ја создал основата за отворање на музејот. Денес во тамошниот архив има околу 200.000 весници од целиот свет, од периодот од 17 до 21 век. Најстариот примерок потекнува од 1609 година. За разлика од претходната изложба во фокусот овојпат веќе не е историјата на печатените медиуми, туку генерално развојот на светот на медиумите и нивното влијание врз животот на луѓето.


Летото е во знакот на фестивалите

Flash-Galerie TFF Rudolstadt
Во Рудолштат повторно се среќаваат љубителите на фолклорната музика.Фотографија: picture-alliance/dpa
Kulturkalender Juli 2011: Internationales Zeitungsmuseum in Aachen
Медиумите вчера и денес: во Музејот за весници во Ахен се изложени единствени примероци во светски рамки.Фотографија: Internationales Zeitungsmuseum

Исто како во јуни, и во јули се одржуваат бројни музички фестивали. Наспроти општиот тренд на кратење, „ТФФ. Рудолштат“, најголемиот фестивал во Германија за изворни народни песни од целиот свет, на кој минатата година дојдоа над 70.000 посетители, годинава ја прошири својата програма од три на четири дена (30.06.-03.07.) На повеќе од дваесет бини, поставени низ целиот град, уметниците од целиот свет ја претставуваат својата музика. Годинава во центарот на вниманието е Швајцарија, покрај тоа се одржуваат повеќе концерти со харфа, а повторно има и танц на годината, валцерот. Танцот во Рудолштат има особено значење. Таму порано, под друго име, се одржуваше централниот фестивал за танцување во ГДР, каде социјалистичките земји ги претставуваа своите народни игри.

За љубителите на класичната музика неколку дена подоцна во северна Германија почнува музичкиот фестивал Шлезвиг-Холштајн (9.7.-28.8.), кој минатата година го прослави својот 25-годишен јубилеј. Покрај тоа што ова е најголемиот фестивал од тој вид, тој се разликува и по невообичаените места на изведбите. Имено, концертите се одржуваат во цркви и замоци, но исто така и на селски имоти, во паркови, амбари и во една хала на аеродром. За структурата на програмата уметничкиот директор Кристоф Ешенбах вели дека треба да биде „што е можно пошарена“, „со разновидна понуда“ и да опфаќа „музика од повеќе столетија“. И на овој фестивал една земја е во центарот на вниманието, по Полска минатата година, овојпат на ред е Турција.

Kulturkalender Juli 2011: Tage der deutschsprachigen Literatur in Klagenfurt
Радост во Клагенфурт: Петер Ваверцинек ја доби наградата Ингеборг-Бахман во 2010 годинаФотографија: ORF

По 100-ти пат: Вагнер во Бајројт



На 25 јули, љубителите на Вагнер од целиот свет повторно ќе дојдат на фестивалот во Бајројт, кој оваа година се одржува по 100-ти пат (25.7.-28.8.). Ваквите јубилеи по правило се одбележуваат со големи прослави, а по тој повод секако ќе биде објавена и публикација. Но, за особено важен јубилеј се смета наредниот, по повод 200 години од денот на раѓањето на Рихард Вагнер, во 2013 година. На програмата овојпат како и секогаш има пет опери од Рихард Вагнер, ново поставување на операта „Танхојзер“, како и четири повторувања од минатите години. Идејата на фестивалот да се изведуваат дела и од други композитори, досега не се реализира. Големо значење и’ се придава на традицијата и на аргументот дека со тоа Бајројт ќе ја изгуби уникатноста. Но, и годинава продолжува проектот „Рихард Вагнер“ за деца, кој го започна Катарина Вагнер пред две години. Овојпат ќе биде изведена 90-минутна кратка верзија од „Прстенот на Нибелунзите“, која можеби и за некои од возрасните посетители е соодветен вовед во светот на Вагнер.

Литература во Клагенфурт



Оценувањето на литературата е релативно тешко. За разлика од спортските натпревари, прогласувањето на победникот на натпревар за литература најчесто е резултат на долготрајни естетски дискусии, кои често пати се одвиваат зад затворени врати. Тоа е поинаку при доделувањето на наградата Ингеборг-Бахман, која се доделува во рамките на „Денови на литературата на германски јазик“ (6.-10.07.) во австрискиот град Клагенфурт. Таму 14 автори од Германија, Австрија и Швајцарија пред публика читаат извадоци од своите дела. Најпосле жирито во присуство на авторот, кој според правилата нема право да учествува во дискусијата, дискутираат за она што го прочитал и се обидуваат да формираат свое мислење. Дискусијата е отворена за јавноста, а исто така се пренесува во живо на телевизија. Колку е тешко да се даде оценка во тој случај, најчесто говори самиот резултат. Имено, седумте членови на жирито ретко имаат исто мислење, обично на крајот се гласа. Победникот има причина да се радува, оти покрај големото медиумско внимание, победникот или победничката добива парична награда од 25.000 евра.


Кино: Боливуд, Холивуд и победникот на Берлиналето



Патување во Индија, тоа за многумина е сон. Оние на кои Индија им е многу далеку, треба да го посетат филмскиот фестивал „Боливуд енд бијонд“ во Штутгарт. Од 20 до 24 јули на овој фестивал се прикажуваат над 40 нови филмови од Индија, меѓу нив секако голем број играни филмови, но исто така и документарни и краткометражни филмови. Освен тоа има шарена придружна програма со работилници за танцување итн. „Ти токс“, средби на кои се зборува за индиската култура, политика и економија. Секако не смее да се изостави црвениот тепих, на кој во изминативе години можеше да се видат повеќе ѕвезди од Боливуд, кои предизвикаа вистинска бура од блицови од фотоапаратите. Освен тоа во јули во центарот на вниманието повторно е Холивуд. На 14.7. последниот дел од филмовите Хари Потер доаѓа во германските кина. За обожавателите тоа е долго очекуван, а во исто време и тажен датум, оти со тоа завршува големата авантура на Хари Потер. За оние кои не ги интересира тоа, паралелно со Хари Потер започнува да се прикажува и филмот „Надер и Симин“ од Иран, кој во февруари веќе наиде на позитивни реакции. Тој ја доби златната мечка на Берлиналето 2011. Се’ на се’, кината имаат богата понуда, но во јули сигурно не очекуваат и неколку дождливи денови...

Kulturkalender Juli: Filmstill aus dem Bollywood-Film Dabangg
Типично за Боливуд: сцена од филмот „Дабанг“Фотографија: Arbaaz Khan Production
Bayreuther Festspiele 2010: Lohengrin
Бајројт со нетрпение го очекува поставувањето на Лохенгрин од Ханс Нојенфелс.Фотографија: AP

Автор: Петра Ламбек / Јасна Мушиќ Јанчулева

Редактор: Александра Трајковска