1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Кумот, златната малина и македонското Собрание

28 март 2017

Чудна „логика“ промовира партијата на кумот во новата епизода. Од една страна, божем, загрижена за застојот во државата, од друга страна, незапирливо ѝ ги троши деновите- каква ли е таа држава во која тие не се на власт?

https://p.dw.com/p/2a5Rf
Mazedonien Nikola Gruevski VMRO-DPMNE
Фотографија: picture-alliance/dpa/G. Licovski

На денешен ден пред 44 години (28.03.1973), славниот глумец Марлон Брандо одби да го прими Оскарот за најдобра главна машка улога - ликот на Дон Вито Корлеоне во филмот „Кум“. Причина - дискриминаторскиот однос на Холивуд кон американските Индијанци. Брандо не се појави на свеченото доделување на наградите, а во свое име ја испрати Сашин Литлфедер, („Малиот пердув“), припадничка на Апачите, која го прочита писмото во кое тој ги објаснува мотивите за неприфаќање на Оскарот.

Потсетува оваа славна епиозода на она што се одигрува на другата страна од големата бара, во главниот град на Македонија, но како нејзина суштинска антитеза. На денешен ден (28.03.2017) во Скопје, 51 кандидат грчевито се борат да го освојат „Оскарот“ за разни улоги во епизодата „Одбрана на унитарноста“, од серијата „Кум“ која влегува во 11-тата сезона од нејзиното прикажување. Сцената се одигрува во македонското Собрание. Раскошот од процедурални забелешки, реплики, контрареплики, паузи и други исфорсирани заплети, се дел од сценариото со кое оваа група некогашни натуршчици, а по една деценија речиси добро етаблирани глумци, се обидуваат да го спасат главниот лик (кумот) од губење на власта и во фамилијата и во државата. Главниот лик, пак, за потребите да одглуми дека не е изолиран, туку „радо виден гостин“, замина во Малта. Во време кога ламентираше дека „државата е нападната“, замина да ги оправа работите во Европската народна партија, небаре ги оправил во неговата. Но, таа практика е иманентна за целиот негов децениски опус: кога е густо заминува, но остава наредби кој и како да ги вади жешките костени од оган. Тоа што денес го гледаме во парламентот, е спроведување на инструкциите што тој им го остави на неговите сопартијци.

И во таа сцена, клучна улога за целиот заплет имаат Индијанците. Не, не се тоа оние Индијанци за чија положба се беше загрижил Марлон Брандо. Станува збор за македонски „Индијанци“, како што кумот и членовите на фамилијата во нивните телефонски разговори „културно“ ги ословуваат Албанците што живеат во Македонија. Кога им попушта концентрацијата при важни разговори за чесни провизии и уште почесни тендери во четири очи, некогаш го спуштаат нивото, па Албанците ги нарекуваат и „племе“. Но, вистинскиот однос кон таа етничка заедница во кондиција го одржуваат нивните приврзаници, со куса и јасна синтагма - „клетите Шиптари“, по што во пакет влегува и мотивот за филмски заплет: „албанската платформа за разнебитување на Македонија“.

Во новата епизода тврдо се игра на бришење на меморијата на граѓаните дека токму партијата на кумот 20 дена преговарала (од 9-ти до 29-ти јануари) не за некаква платформа, туку за заедничката декларација (изјава) на албанските партии, и дека во тој период немала апсолутно никакви забелешки за нејзината содржина од етничкиот корпус на прашања. Впрочем, камерите добро го снимија кумот како чека на прозорецот од Белата палата и ѕирка нестрпливо зад завесата, чекајќи го аберот од „Индијанците“. Но, стигна лош абер.

Откако не успеа да договори влада со ДУИ, декаларацијата веднаш стана „проблематична“. Поразен од фактот што не успеа да ги убеди и натаму да му собираат дрва со кои ќе го одржува коалицискиот и кумско-фамилијарниот оган со кој се пеплосуваше Македонија - економски, урбанистички, културно, меѓуетнички, кумот реши да произведе нова епизода, во која тој ќе ја спасува Македонија од опасноста што ѝ се заканува. 

Досега успеа да узурпира многу време за снимање на таа квази-патриотска одбрана, а кога активностите конечно се преселија во Собранието, новиот синопсис го откри во собранискиот Деловник и во неговите слабости и недоречености, кои овозможуваат неограничен „филибастер“ во парламентот. Ако  во еден ден само еден пратеник успева да има обраќање, бидејќи сето друго време намерно се узурпира, божем, зареплики и контрареплики, тогаш не е тешко да се пресмета дека за пријавените 50-тина говорници ќе бидат потребни 50-тина дена. А на дневен ред е избор на Комисија за избори и именувања. Чудна „логика“ промовира партијата на кумот во новата епизода. Од една страна, божем, загрижена за застојот во државата, од друга страна незапирливо ѝ ги троши деновите - каква ли е таа држава во која тие не се на власт? „Платформата“ се повеќе од главен мотив се користи и како интермецо меѓу два јасни става, дека партијата со најмногу пратеници не треба да добие само претседател на Комисијата за избори и именувања, туку и претседател на парламентот. А, кога потоа следуваат и потсетувања на принципот „коалицирање на победник со победник“, нема друго објаснување освен дека Македонија сведочи на срамно плачење по власт.

За жал, нема законски механизми со кои оваа партиска парада може да запре. Неа може да ја прекинат само политички одговорни, и личности со висок морален интегритет. Може да го стори тоа и претседавачот со седницата, Трајко Вељаноски, кога би бил нешто повеќе од партиски војник. Но, гледаме дека не му е непријатно да претседава со ваква фарса. Ако народните избраници од листата на ВМРО-ДПМНЕ во наредните денови покажат одговорност и доблест да ја прекинат оваа процедурална парада што лажно ја нерекуваат „дебата“, тогаш можеби и ќе успеат да убедат некого во стравовите за иднината на државата. Но, ако на ваков начин продолжат да го трошат времето, ќе остават само една порака: дека единствената загроза за Македонија е партијата која не може да се помири со заминувањето од власт. За тоа не се добива ни Оскар, ни доверба од граѓаните. Најмногу, „Златна малина“.