1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Кумуцакос: Скопје доби прагматична порака од Брисел

11 декември 2009

Во Брисел немаше ново грчко вето, туку едногласна одлука на Советот на министрите, вели за Дојче веле екс-портпаролот на грчкото министерство за надворешни работи, европратеникот Јоргос Кумуцакос.

https://p.dw.com/p/KzgI
Фотографија: AP

Како ја коментирате одлуката на Советот на министри да не и‘ одобри датум за преговори на Македонија, како беше примена оваа одлука во Грција, особено од страна на опозициската Неа Демократија, која ја претставувате?

Кумуцакос: Немаше голема политичка полемика од страна на опозицијата во Грција во врска со оваа одлука. Мислам дека Скопје доби две пораки. Првата, многу позитивна порака беше отстранувањето на визниот режим и сакам да нагласам дека и претходната и оваа грчка влада ја поддржаа оваа одлука. Имаше уште една позитивна порака, а тоа е дека е нотиран суштински напредок во однос на домашните реформи. Имаше и прагматична порака, која се однесуваше на датумот за почеток на преговори. Го користам терминот прагматичен, бидејќи, го сакале тоа или не, отворените билатерални проблеми меѓу земји-кандидати и земји-членки не можат а да немаат влијание врз пристапниот процес. Мислам дека Советот донесе прагматична одлука. Мора да се реши спорот за името пред Македонија да ги започне преговорите. Бидејќи погледнато од преговарачка перспектива, секој ќе се запраша, кој би бил мотивот за премиерот Груевски да биде попродуктивен во разговорите, доколку претходно го добие датумот за почеток на преговорите. Затоа мислам дека Скопје доби две позитивни и една прагматична порака. Признат е напредокот, укинати се визите, со што му се даде охрабрување на Скопје, но и прагматичната, која вели дека мора да се реши проблемот со името.

Имаше информации дека освен Грција и некои други земји го блокирале добивањето датум за преговори. Знаете ли кои се тие земји кои го поддржале грчкиот став, бидејќи во овој случај не може да се говори за вето како во Букурешт?

Кумуцакос: Нема ниту збор за вето во Брисел, бидејќи одлуките се носат едногласно, или во спротивно нема одлука. Мислам дека Франција немаше голема желба да одобри добивање датум, но исто така мислам и дека поради, во последно време не многу позитивниот развој на билатералните односи со Бугарија, тоа имаше свое влијание, и влијаеше врз атмосферата во Советот на министрите.

Новата Влада на Папандреу испраќа позитивни сигнали за интеграција на целиот Западен Балкан во ЕУ до 2014 година. Колку е според вас реална оваа политика, особено имајќи го предвид проблемот за името?

Кумуцакос: Поддршката од Грција за европската перспектива на целиот регион не доаѓа само од владата на Папандреу. Тоа беше едно од клучните прашања во надворешната политика на Неа Демократија, исто така. Јас бев член на советот за надворешна политика, и знам колку беше значајно тоа прашање. Во 2006 година министерката Бакојани повторно ја лансираше идејата за давање нов поттик на агендата од Солун бидејќи сфативме дека постои замор во однос на Западниот Балкан. Папандреу верува во оваа политика, исто така, бидејќи неговата влада го започна процесот во Солун. Папандреу не ги промени основните позиции во однос на името. Тој одбра да ги засили билатералните контакти. Како опозиција, ние имаме претпазлив став во однос на тоа, бидејќи веруваме дека проблемот за името треба да остане во рамките на ОН, а не да стане билатерално прашање. Не знам што точно разговараат Папандреу и Груевски, но знам дека Папандреу повеќе пати повтори дека нема да се оддалечи од она што е познато како национална позиција на Грција.

Што се однесува до 2014 година, тоа е многу нејасно. Веќе побарав да ми објаснат во владата дали се работи за пристап „во пакет“ или не, затоа што не можам да замислам како во 2014, на пример, Србија ќе мора да чека на Босна и Херцеговина или Црна Гора да влезат заедно. Или пак Албанија. Секоја земја треба да биде проценувана индивидуално. Така, сето тоа е многу нејасно, и јас се‘ уште немам одговор од Владата. Другото прашање е, дури и сите земји од Западен Балкан да влезат во ЕУ, како ќе реагира Турција на тоа. Како ќе реагира Турција доколку Албанија влезе пред нив во Унијата. Папандреу мора повеќе да ги објасни своите гледишта за овој датум. Засега, тоа е многу нејасно.

Да се вратиме на спорот за името. До 2006-та година се чинеше како спорот за името да е заборавен. Во 2005 година Македонија доби кандидатски статус во ЕУ без закани за блокада од Грција. Дали настаните кои се случија потоа, како преименувањето на аеродромот во Скопје и т.н. процес на антиквизација во Македонија им дадоа повод на грчките политичари повторно да ја отворат оваа тема, што доведе и до вето во Букурешт?

Кумуцакос: Проблемот постоеше цело време. Мислам дека она што го активираше повторно беше признавањето на уставното име од страна на САД во ноември 2004. Бидејќи тоа признавање предизвика шокови во Грција. Тоа беше алармантен сигнал дека по таквата одлука ќе биде многу тешко да се преговара со Скопје. Навистина верувам дека тоа беше погрешна проценка на САД, бидејќи на тој начин тие го ставија во преден план целиот проблем. Дотогаш имаше некои напори за тивка дипломатија во ОН, но оваа одлука се покажа клучна, и сите партии во Грција ја сфатија многу сериозно. Тоа повторно го извади на површина проблемот. Потоа следуваше и реакцијата од Скопје, со антиквизацијата и со преименувањето на аеродромот итн. И тука сме сега.

Постојано и од Скопје и од Атина се зборува за црвени линии. Можете ли да ми објасните која е црвената линија на Грција во преговорите и за што всушност се преговара. За името на земјата или за цел корпус прашање како што е идентитетот, јазикот, културата итн. ?

Кумуцакос: Веројатно ќе го повторам она што веќе го знаете. Се сеќавате дека првичната позиција на Грција во почетокот на 90-те беше дека името Македонија воопшто не треба да се користи. Во обид да се најде компромис, Грција одлучи да прифати сложено име со географска одредница, за да се знае точно за кој дел од географскиот регион Македонија станува збор. Суштината на проблемот е токму тоа. Замислете некоја од трите држави во регионот Скандинавија утре да реши да се вика Скандинавија. На пример Шведска да се нарекува Скандинавија, нацијата и јазикот да се нарекуваат скандинавски итн. Веројатно во тој дел од Европа тоа и нема да предизвика толку проблеми, но на Балканот каде сите се преоптоварени со историја тоа е целосно друга приказна. Тоа предизвикува тензии, недоразбирања и недоверба. Тоа е тоа што треба да се реши. Позицијата на Грција е сложено име со географска одредница за целосна употреба. Тоа е позиција која не можете да ја поделите на половина. Името и неговата употреба не можат да се одвојат.

Автор: Борис Георгиевски

Редактор: Жана Ацеска