1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Купувачите навалија на автомобилите!

12 јануари 2011

Во Детроит, во САД, е во тек меѓународниот саем на автомобили, кој ќе трае до 23 јануари. Тој е првиот саем на почетокот на годината во браншата и затоа секогаш важи за репер на движењата во неа.

https://p.dw.com/p/zwFD
Порше 918 RSR на саемот во ДетроитФотографија: Landov

Продажбата на автомобили на сите производители е во пораст. Се очекува ова да биде добра година за автомобилската индустрија со продадени над 13 милиони автомобили само во САД.

Веројатно најважниот настап на производителите на автомобили е на саемот во Детроит.

Сиера на Џенерал Моторс, долга над 6 метри, се‘ уште не е подготвена за сериско производство, но сепак е многу популарна. Извонредна понуда, која треба да ја покаже силата на американските автомобилски фирми.

Audi A6 Hybrid Detroit Auto Show
Новото Ауди 6 ХибридФотографија: AP

Марк Реус, претседателот на Џенерал Моторс за Северна Америка истакнува:

„Забележлива е обновата во компаниите, особено кај Крајслер, Џенерал Моторс и кај Форд, тоа може да се констатира и се рефлектира и по нивните изложени производи овде на саемов. Оваа оценка ја донесовме долго пред кулминацијата на финансиската криза. Ова е бизнис на долги патеки, нашите компании се наоѓаат во силна конкуренција и победуваат.“

Џенерал Моторс на саемот го прикажува и Бјуик верано, автомобил од компактна класа врз база на Опел Астра. Но, растечките бројки на продажбата покажуваат дека американските муштерии сепак повеќе сакаат големи автомобили.

Dieter Zetsche Auto Show in Detroit
Дитер Цече, првиот човек на ДајмлерФотографија: AP

Дитер Цече, првиот човек на Дајмлер оценува:

„Овдешните муштерии имаат сосема јасна определба, врз основа на тукашната топографија на условите и ако можат да си дозволат да ја следат, во согласност со неа се однесуваат и купувачите. Тоа, се разбира, е добро за нас.“

Задоволството на Цече е разбирливо, зашто големите скапи возила носат и поголема заработувачка за производителите, па тие многу оптимистички гледаат на 2011 година.

Автор: Мелани Маркер/ Жана Ацеска

Редактор: Борис Георгиевски