1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Курдите уште чекаат на своја држава

Фуад ал Аувад/ Александра Трајковска 27 септември 2012

Ирак се’уште е многу оддалечен од тоа да биде стабилна земја. Економскиот полет од северот на земјата згора на тоа одново ги разгорува надежите на тамошните Курди за сопствена држава.

https://p.dw.com/p/16GMt
Фотографија: picture-alliance/dpa

Осум месеци по повлекувањето на последните американски трупи, во Ирак никако да се врати мирот. Во моментов се проширува конфликтот меѓу централната влада во Багдад и курдската автономна влада.

Откако САД и нивните сојузници во 1991 година за северот на Ирак издејствуваа забрана за летови против трупите на Садам Хусеин, Курдите на северот на Ирак во голема мера имаат автономија. Освен ова регионот веќе извесен период доживува мал економски бум поради црпењето на резервите со нафта. Понесени од овој полет сега многумина Курди се надеваат на исполнување на еден дамнешен сон: формирање на сопствена независна курдска држава.

Визијата на еден народ

40 милиони Курди ширум светот се етничка група без сопствена држава. Тие живеат главно во Ирак, Сирија, Турција и Иран. Многу Курди живеат и во Западна Европа и во САД.

Flash-Galerie Kurdistan Irak
Курдистан - ИракФотографија: picture-alliance/dpa

Сарбаст Пермени, Курд и поранешен министер во централната ирачка влада, не може да сфати, зошто групата како и досега и понатаму не може да живее во сопствена држава. Во разговор со ДВ тој нагласува: „Овој народ повеќе од едно столетие се бори за реализација на својата визија: слобода, праведност и самоодлучување“. Денес курдската автономија во Ирак била до таа мера зрела, што ги содржела сите значајни елементи за една правна држава: егзекутива, легислатива и судство. Власта со ова е поделена на повеќе органи, појаснува Акиф Хасан, политички аналитичар и поранешен раководен координатор на ПКК за политички работи во Западна Европа во разговор со ДВ. Меѓутоа на повеќетo Курди тоа не им е доволно. Стабилно стопанство го засилува барањето за политичка независност.

Градежниот сектор во северен Ирак доживува бум. Инфраструктурата се модернизира. Секторот за услужни дејности се подобри. Трговијата цути. Преку целиот овој развој се подобрени и шансите за вработување во северен Ирак.

Тоа е и сржта на конфликтот меѓу автономната и централната влада. Досега Багдад префрлуваше 17 проценти од нафтениот буџет во Арбил, седиштето на владата на автономниот регион Курдистан во северен Ирак. Меѓутоа Курдите сакаат самите да ја црпат нафтата и добивката да биде за нив. Спорот се води за тоа кој во иднина ќе смее да ги извезува курдските нафтени резерви. „Овој конфликт би можело да доведе до поделба на земјата“, смета Сарбаст Памерни.

Добри врски со Турција

Иако Турција во борбата против курдските стремежи за автономија во оваа земја се покажува непопустлива, таа одржува добри економски односи со курдските области на северот на Ирак. Турција е најголемиот економски и трговски партнер во ирачки Курдистан. Во случај да биде затворена границата од страна на Турција, економскиот бум во ирачките курдски области во голем дел би запрел. Како и досега и натаму владее затегнат мир.

Türkischer Außenminister Davutoglu besucht Kurdistan
Турскиот министер за надворешни работи Ахмед Давутоглу во КурдистанФотографија: Reuters

Турците стравуваат дека Курдите на југоистокот на сопствената земја би можеле да поднесат слични барања за автономија, појаснува Акиф Хасан. Анкара за зачување на националното единство е подготвена да испрати војска и надвор од нејзините државни граници. Факт е дека курдските области во последните години повеќепати беа нападнати.

Одложени регионални избори

Денеска (27 септември 2012) ирачко-курдскиот народ всушност требаше да го избере својот парламент во автономните области. Терминот во меѓувреме е одложен. Причина за тоа е еден член на изборниот закон, со кој се регулира застапувањето на малцинствата, особено на христијаните, во региналните парламенти во курдскиот север, објави изборната комисија во Ирбил.

Symbolbild Wahlen in Irakisch-Kurdistan
Избори во Ирак - курдско знамеФотографија: dpa / DW-Montage

Политичкиот пресврт во Курдистан има влијание врз цел Ирак, појаснува курдскиот политичар Сарбаст Памерни. „По регионалните избори во Курдистан ќе се создаде нов политички пејсаж. Тоа ќе ја одредува иднината на цел Ирак“.

Масуд Баразани, премиер на курдските автономни области и водач на најсилната партија Курдска демократска унија на северот на Ирак, според либанскиот дневен весник Ал Хајат од 23.09.2012,повторно се заканил дека ќе ја отцепи неговата земја од Ирак, доколку централната влада во Багдад оди во правец на диктатура. За да се одбегне ова сценарио, сите политички партии би морале да се придржуваат до уставот, се вели во неговото соопштение. Во поинаков случај, Ирак би се распаднал на три делови: курдски север, шиитски југ и сунитски центар.