1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Куфер за криенка или иднина

Синоличка Трпкова
31 август 2018

Кога ќе дојде моментот на избор, младите решително ќе се збогуваат со заглавеното време и простор и луѓето во нив и ќе се упатат онаму каде вратата за нови предизвици и промени стои отворена. Колумна на Синоличка Трпкова

https://p.dw.com/p/345FD
Sinolicka Trpkova
Фотографија: Privat

Нашите три мачки уживаат кога си играат во патни торби. Нивната игра е иста како и на нашите деца кога беа мали. Честите патувања, пакувања и распакувања беа можност за нив да се кријат во куферите, а јас им се приклучував во играта, гласно коментирајќи дека никаде не можам да ги најдам. Секое отворање на куферот беше проследено со нивен восклик на среќа, зашто мајка им не можела да ги најде. А јас возвраќав – прво преплашена од отворањето на куферот, па пресреќна зашто сум ја видела „содржината“, небаре првпат во живот, и конечно - восхитена од „текнувалото“ на дечињата во криенката. За деца што раснеле „во куфер“ животот станува непредвидлива патека, а светот - нивна татковина и дестинација. Судејќи по своите – се согласувам!

Во потрага по смислата на животот

Наскоро почнува нова студентска година. Дел од студентите одамна најавија дека нема да можат да стасаат на време – заминати се на „ворк енд тревл“- авантура, преку океанот. Не знам дали и тие, како моиве деца, раснеле „во куфер“, но очигледно е дека патувањата за новите генерации стануваат сѐ поедноставни и поприфатливи „криенки“ од летното чмаење во родниот крај. Кога се враќаат, тие се променети и пораснати. Некои се одушевени, некои уморни, некои збунети, но никој не е разочаран од времето минато во туѓина. Скршени од работа и неспиење, но збогатени со дружби и искуства, тие се орни за нов почеток на школската година. Кај дел од нив тој почетен ентузијазам опаѓа во текот на годината, но кога доаѓа пролетта, тие се веќе спремни за следната прекуокеанска или друга работна авантура „надвор од земјава“, за да ја продолжат потрагата по тоа што го сонуваат. Така стекнуваат нови искуства и знаења и стануваат луѓе коишто можат да прават споредби и да носат зрели одлуки.

Други колумни од авторката: 

За родителите, децата и среќата

Деца за љубење или за губење

Девојчето со ѓеврекот

Новите трендови на учење, со можности за патувања, со отвореност и достапност, понекогаш бесплатно или со пристојни цени, на исклучително корисни „онлајн“ курсеви и предавања, им отвора можност и на некои од нашите студенти да го научат она што не можат дома. Кога велам некои, мислам на оние кои и со умот и со душата се упатиле во потрага по смислата на животот и кои се спремни и за хаосот и за редот во него. Тоа се деца чии животи и метафорично се врзани за куфери, како симбол на неизвесност, но и на нови предизвици за премостување граници. Тие ќе можат полесно да влезат во нови предели и да се прилагодат на нови средини, за да се осознаваат и надградуваат себеси, благодарејќи на својата дарба и желба за учење, но и - да научат да мислат критички. Ако реално гледаме на работите, универзитетот и образованието стекнато во него не создава готови стручњаци коишто ќе можат веднаш да влезат на „работни места“, препишани на „рецепт“. За нас, како професори, најважно е студентите да ги научиме да мислат,  да судат критички, да (си) поставуваат прашања и да ги преиспитуваат сите пишани и непишани „правила“. Да научат дека неменливоста и строго зацртаните патеки и правила можат да станат догми што го кочат прогресот. Но уште поважно е да знаат дека и секоја идеологија или препишан рецепт за „движење напред“ може да крие смислена и сокриена агенда! И тоа е сосема доволен „багаж“ за да го почнат натамошното патување.

Колку и да ги избегнува човек непредвидливите работи, тие можат да го пресретнат онаму каде што најмалку ги очекува. Може и да го пропатува светот со добро спакуван куфер“, но непредвидливото изненадување да го дочека дома. И одличните ученици можат да паднат на завршниот испит во животот и да не мрднат ни милиметар подалеку од она што го набубале - зашто не разбрале дека светот ниту почнува ниту завршува со нив. Тие и покрај сите знаења, куфери, ранци и торби, останале заробеници на сопствениот ум, во сопствениот кафез на светот замислен од нив. Имаме и цела генерација такви „борци и мислители“, жртви на транзицијата и на идеологијата. Тие се плашат од секоја промена и во неа гледаат закана и опасност. Нивните деца - нашите студенти, од друга страна, промената ја имаат видено преку родителите, но животот не ги обременува со страв од промени, туку напротив -  промените за нив стануваат неопходни! Затоа и нивните животни патувања ќе имаат друга дестинација.

Бегство од заглавените време и простор

Мојот омилен филозоф Монтењ пред пет века напишал: „Патувањето ја разбиструва проценката на луѓето. Ние сме судрени и затворени во самите себе и не гледаме подалеку од сопствениот нос. Но овој огромен свет е огледало во кое мораме да се видиме и да се запознаеме себеси. Постојат многу различни карактери, погледи на свет, размислувања, закони и обичаи кои можат да нѐ научат да судиме мудро, но и да нѐ научат дека нашиот суд може да биде несовршен и слаб”. 

Зашто пречките и границите на сите патувања и потфати - се најчесто во нашите глави. Ако стои во место, заглавен во една точка  - човекот ја ризикува сопствената иднина. Не постои млада генерација што би се осудила на „живот“ во ваква состојба. И кога ќе дојде до момент на избор, младите решително ќе се збогуваат со заглавеното време и простор и луѓето во нив, и ќе се упатат онаму каде вратата за нови предизвици и промени стои отворена. Така, куферот што некогаш бил најубавото место за криенка, брзо ќе се престори во единствен и верен придружник на патот кон иднината.