1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Куќа на границата

13 мај 2009

Гостилницата „Калин“ нуди извонредна храна и услуга, а атмосферата во неа е исклучително пријатна. Најчеста причина за доаѓањето на многубројните љубопитници, сепак, е нејзината специфична локација.

https://p.dw.com/p/HpFz
Гостилницата „Калин“Фотографија: Petra Martic

Гостилницата се наоѓа токму на хрватско-словенечката граница, во непосредна близина на граничниот премин Брегана-Обрежје. Семејниот ресторан постои речиси два века, а последните 40 години го води Блаженка Калин. Последиците од распадот на бившата држава, вели, уште колку ги почувствувала врз сопствениот џеб: „Падот на прометот започна практично откако ова стана граница. Потоа малку се стабилизира, па сега дојде забраната за пушење. Во Хрватска и не се пие, оти во сообраќајот важи нула промили - па и тоа го почувствував. Овој ресторан постои 180 години, јас го водам 40 години. Некој мене да ми наредува кои гости да доаѓаат, што да прават... сега само уште чекам уште да кажат што смеам да сервирам“.

На ситуацијата секако влијае и актуелната економска криза, но најмногу главоболки сепак и’ задава строгиот Шенгенски граничен режим.

Gaststätte kroatisch slowenische Grenze
Жолтата линија ја означува границата која минува среде куќаФотографија: Petra Martic

„Тешко е постојано да се минува границата, да се даваат патни документи, посебно за нас, кои живеевме од гости од Загреб“.

Границата ја поместуваат, а гостилницата...

Границата буквално проаѓа преку гостилницата на Блаженка, а таа пред повеќе години јасно ја обележа со жолта боја на ѕидот: „Граница како граница, ја поместуваат. Порано, кога ставаа пречки - ежови од бодликав тел за време на војната, повеќе ги ставаа на онаа страна кон Хрватска, па така овој наш сосед можеше да влезе внатре низ вратата од хрватска страна, а со автомобил мораше да оди преку Словенија за да влезе, оти границата му беше токму на куќата“.

Gaststätte kroatisch slowenische Grenze
Блаженка КалинФотографија: Petra Martic

Границата продолжува и пред куќата, а денес е многу дискретно обележена со жардиниери со цвеќе, кои ги заменија некогашните застрашувачки воени ежови. „Тоа изгледаше катастрофално и стоеше многу, многу долго. Потоа ги молев и едната и другата страна, на своја сметка да направам цветни алеи. Сакав да направам малку Европа пред нашата куќа, за да не биде со железни синџири. Добро, ми дозволија, го направив. Потоа, кога дождот ги руинира, двете држави се договорија границата да изгледа убаво, што мислам дека е коректно.“

Атракција за туристите

Интересно е дека на самата зграда, ниту било каде наоколу, нема ниедно државно знаме. А некогаш овде се вееја дури три знамиња - хрватско, словенечко и знамето на куќата, со вепар како заштитен знак.

„Луѓето кога доаѓаа, Американци со автобус, ја сликаа - тоа беше атракција со трите знамиња на една куќа. Јас тоа сум го видела и на друго место, не дека го измислив. Но, потоа веќе не смеев да го имам тоа, морав да ги симнам жбж знамињата. Не платив казна, само бев опомената“.

Gaststätte kroatisch slowenische Grenze
Супата сакате да ја јадете во Хрватска или во Словенија?Фотографија: Petra Martic

Овде доаѓаат гости од целиот свет, но најчести сепак се Словенците и Хрватите. На Блаженка и’ е драго дека сите политички теми и расправии ги остават пред вратата на нејзината гостилница. „Не се расправаат, тоа го прават политичарите, а не обичниот смртник, кој доаѓа нешто да касне и да се напие“.

Меѓу гостите често пати можат да се сретнат лица од јавниот живот во двете земји - политичари, пеачи, актери и новинари, но и обични луѓе. Блаженка денес е единствена хрватска државјанка во ресторантот, сите други вработени се Словенци. Но, во меѓусебната комуникација, како и во комуникацијата со гостите, рамноправно се користат обата јазика.

„Ние дома главно сите зборувавме на хрватски. Порано тоа не беше ни така важно, сите се разбираа, сите го зборуваа и едниот и другиот. А сега е поинаку, сега малку повеќе се внимава на јазикот - и нормално е да мораш да го знаеш“.

Блаженка и нејзиниот тим му се радуваат однапред на влегувањето на Хрватска во ЕУ. Тогаш, веруваат, пак се’ ќе биде многу поедноставно, а хрватските гости со мирна душа ќе можат да ги остават дома пасошите и личните карти.


Автор: Петра Мартиќ / Зоран Јордановски

Редактор: Елизабета Милошевска Фиданоска