1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Лабина Митевска: Најсериозно издание на „Браќа Манаки“

Сузана Тодоровска-Павлоска15 септември 2012

„Ќе бидат прикажани 28 македонски филмови. Очигледно расте филмската продукција во Македонија, бројка на која можат да ѝ позавидат многу земји“, вели за ДВ Лабина Митевска, директор на фестивалот „Браќа Манаки“.

https://p.dw.com/p/169d5
Фотографија: DW

Лабина Митевска, директор на Интернационалниот фестивал на филмската камера „Браќа Манаки“, во пресрет на вечерашното свечено отворање на 33. издание, оценува дека годинава е исклучителна за македонскиот филм. Митевска смета дека е најважно да се задржи континуитетот во продукцијата. Прв пат во историјата на фестивалот „Браќа Манаки“ тој ќе биде отворен односно затворен со македонски филмови - „Трето полувреме“, во режија на Дарко Митревски и на 21. септември - „Балканот не е мртов“, во режија на Александар Поповски. Шесте фестивалски денови ќе донесат 74 наслови од светската и македонската кинематографија, вклучувајќи ја и обемната „Македонска панорама“ – кратки и долгометражни филмови од најновата продукција.

Македонските филмови ќе бидат најсилниот адут за квалитетот на фестивалот годинава?

„Македонските филмови ќе бидат силниот адут на фестивалот годинава, но ќе имаме силна програма и во сите други селекции - во главната конкуренција имаме извонредни 9 филмови од најновата продукција кои беа дел од најголемите светски филмски фестивали; во програмата ’Нови визии’ има исклучителни 5 филма, додека документарната програма содржи контроверзни и интересни приказни. Фокусот оваа година е на шведската кинематографија. Сметам дека ќе понудиме квалитетна програма и зад неа стоиме - 100% !“

Велите дека ова е најсериозното издание на фестивалот досега?

„За мене најсериозно значи – најтешко да се направи. Не само поради програмата, туку пред сè поради ѕвездите кои ќе ги донесеме. Кетрин Денев е актерка наградувана во Кан, Берлин и Венеција и сега во Македонија, а преговорите со неа траеја седум месеци. Ми се чини дека досега не сме имале ѕвезда од овој ранг во Македонија. Во таа смисла го имаме најквалитетното. Освен неа, во Битола ќе дојде и исклучителниот директор на фотографија Кристијан Бергер, но и легендата- директорот на фотографија Лучано Товоли- соработник на Микеланџело Антониони и Луис Буњуел меѓу другите.“

Минатата година за ДВ изјавивте дека фестивалот „Браќа Манаки“ е на добар па,т но има уште да изоди. Од досегашното искуство - што се‘ уште му недостига и на што треба да се работи?

„Сега фестивалот е добро поставен. Но, она на што јас би работела повеќе и би го засилила се - гостите на фестивалот, домашни и странски. Така би го растела фестивалот. За тоа се потребни многу поголеми финансии, сигурно би биле среќни да немаме по една ѕвезда, туку по 2-3. Но, тука има и голем логистички проблем. Прекрасно е што фестивалот се случува во Битола, но има ограничени сместувачки капацитети. Исто така, техниката за прикажување на филмовите во Центарот за култура во Битола не ги задоволува стандардите на еден светски фестивал. Мора да се изгради ново кино. Тие аспекти ги гледам како проблеми.“

Со фестивалот успешно менаџирате во последните четири години - во два директорски мандати. Со 33. издание истекува вашиот мандат на прв човек на „Браќа Манаки“?

„До пред некој месец велев ’Не, доста е, направив колку што можев’. На почетокот не бев свесна за тоа дека доколку сакаш да имаш добар фестивал – мораш да го подготвуваш цела година. Фестивалот ми одзема многу време што би го посветила на актерството или на продуцирањето. Дали ќе конкурирам ќе размислам... Од друга страна, толку многу вложивме во овој фестивал и уште толку многу работи треба да се направат...“

Имате уште предизвик да му се посветите на „Браќа Манаки“?

„Секако! Јас така работам - колку работите се потешки, толку имам поголем предизвик и поинтересни ми се. Фестивалот ’Браќа Манаки’ за мене e како секој мој филм. Тој сега е како 4-годишно бебе кое треба да се израсне уште малку, за цврсто да застане на своите нозе.“