1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Религија

Лавров ги обвини САД за раскол во црквата

ЖА / агенции
13 октомври 2018

Рускиот министер за надворешни работи ги нападна САД поради одвојувањето на Украинската православна црква од Москва, обвинувајќи дека станува збор за провокација и мешање во црковните рааботи.

https://p.dw.com/p/36TYR
Russland Sergej Lawrow in Moskau
Фотографија: Reuters/A. Zemlianichenko

Уште по руската анексија на Крим во 2014. година, Украинската православна црква побара да биде независна од Руската православна црква, на што Вселенската патријаршија во четвртокот донесе позитивна одлука. На седница раководена од Вселенскиот патријарх Вартоломеј Први, Синодот на Вселенската патријаршија во Истанбул одлучи, меѓу другото,  да ја повлече својата одлука од 1686 година во која Киевската митрополија е ставена под јурисдикција на Московската патријаршија.

Во првата реакција портпаролот на Кремљ Дмитри Песков предупреди од верски немири и истакна дека Русија и натаму има одговорност за сите христијани во Украина.

Рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров отиде чекор подалеу и ги обвини САД за раздвојувањето на Украинската црква од Москва. Одлуката на Вселенеската патријаршија за автокефалност на Украинската православа црква, според Лавров, е „провокација со директна и јавна поддршка од Вашингтон“. Лавров ги обвини САД за мешање во црковните работи, што „во Русија, Украина и се надевам, во секоја нормална држава е законски забрането“, критикува тој во повеќе интервјуа објавени на веб-страницата на Министерството за надворешни работи на Русија.

Istanbul Patriarch Bartholomäus I.
Вселенскиот патријарх Вартоломеј ПрвиФотографија: picture-alliance/AA/O. Akkanat

Во септември американскиот претставник за верски прашања Сем Браунбек при средбата со раководството во Киев го поддржа стремежот на црковна независност од Москва, а претходно американскиот дипломат разговараше во април и со Вартоломеј Први. Историската одлука на Вселенската патријаршија им овозможува на православците во Украина првпат по 332 години да се извлечат од патронството на Руската православна црква. По украинската независност во 1992 година, дел од Православната црква се отцепи од РПЦ, но досега не беше призната. Најголем дел од православните христијани во Украина меѓутоа и натаму припаѓаат на Московската патријаршија. 

Повеќе:

Се заканува расцеп во православието

Политика, моќ и борба за превласт околу украинската православна црква

Кризата на Крим ја подели и црквата

Владата во Киев најави намера да спречи „верска војна“ и на сите црковни општини им остави да изберат дали и натаму ќе бидат претставувани од црквата од Москва или ќе преминат кон Украинската православна црква. Сепак, украинскиот претседател Петро Порошенко не го крие задоволството од одлуката на Вселенската патријаршија. „Ќе постои Украинска православна црква. Империјата губи еден од последните лостови во поранешната колонија“, изјави тој. Украина инаку според уставот е секуларна држава.