1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Лавров: ЕУ не може да ги менува договорите за „Јужен поток“

ЖА/миа/бета1 февруари 2014

ЕУ не може еднострано да ги подложи на ревизија договорите кои Русија ги склучи со балканските држави за изградба на гасоводот „Јужен поток“, изјави шефот на руската дипломатија, Сергеј Лавров.

https://p.dw.com/p/1B1C3
Фотографија: Reuters

Договорите што Русија ги склучи со балканските земји за изградба на гасоводот „Јужен поток“ се дел од меѓународното право и Европската унија не може нив еднострано да ги подложи на ревизија, изјави рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров во интервју за утрешниот број на белградскиот весник „Политика“.

Лавров во интервјуто се задржал на руско-српските односи нагласувајќи дека за Русија е „важно зближувањето на Србија со Европската унија“.

„Почетокот на преговорите за членство на Србија во ЕУ не им нанесува штети на нашето партнерство и на реализиацијата на крупните економски и инфраструктурни проекти, вклучувајќи го тука и енергетскиот сектор“, изјавува Лавров во интервјуто.

Тој натаму нагласува дека Москва смета оти и нејзините „српски пријатели“ размислуваат исто, истакнувајќи дека односите меѓу Русија и Србија не можат да бидат заложници на надворешни фактори, имајќи предвид дека двете земји ги поврзуваат „длабоки чувства на пријателство, разбирање и доверба, повеќевековна традиција на блискост меѓу народите и сеќавањето на братството по оружје“.